Зад која метежна ноќ
(за калам)
Зад која метежна ноќ твојот лик три дни веќе се крие?
И какви удири од гром го присилуваат срцето да скока од постела
Додека треперат кревките ѕидови на моите гради?
Се тресам од студ, заробен во росна рудина.
Ах! се загубив сред подмолните патеки на прашумите.
Лилјани ли, змии ли се плеткаат околу моите нозе?
Тонам во длабината на ужасот и крикот ми се гаси во клокот од премрежија.
Кога ќе го слушнам твојот глас, распеан сјају на муграта?
Кога ќе се огледам во насмеаното огледало на твоите големи очи како во морски заливи?
Со каква жртва да ја смилостивам белата маска на богињата?
Дали со крв на пиле или на јаре, или со благодарната крв од моите вени?
Или, можеби, со првите стихови од песната за прошка на мојата горделивост?
Кажи ги само милозливите зборови.
Леополд Седар Сенгор, Етиопски песни, 1956
Песната е објавена во препев на Ацо Шопов во Поезија, 1975