Јус-сценарист

1
Решен да прави кариера
и да го оствари својот план
пред себе вешто тој го тера
својот необичен караван.

2
А караванот прав што крева
има примероци од секој сој,
први се, јасно, Адам и Ева,
а последен е самиот тој.

3
Но тој е мудар и полн со вера
и знае како и кој клан
ќе може лесно да се втера
во некој продуцентски план.

4
На едни Ева им ја нуди
нападната од човек-ѕвер,
на други како да му се суди
на некој висок функционер.

5
Продуцентите не се глупи,
без кокетирање и без блеф
секој по нешто ќе му купи
и ќе го заклуча во својот сеф.

6
Купеното ќе лежи така
закопано во длабок ров,
додека не го изеде мрака,
додека не го изгриза мов.

7
А тогаш при нив пак ќе сврати
нивниот познаник стар
и ќе побара да му се плати
уште еден хонорар.

Ацо Шопов, Јус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.22, 12 јули 1967, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.

Јус-сценарист, ислустрација на Дар Мар

Јус-сценарист, ислустрација на Дарко Марковиќ – Дар Мар