Јус-летување

1
Ова лето летува под ѕвездата Мини,
умот му се врти од мини-здолништа,
на плажа се лечи со кофеини
и бара дебели мини-засолништа.

2
Нема веќе ловци на школки и бисер,
летово како сите да ги опи.
Една мини-љубов копнее за глисер,
на бран и сонце сака да се стопи.

3
Ова лето летува со повеќе крајности,
со мини-приходи и голема була.
Значајно пораснаа сите безначајности
па веќе се гледаат и без караула.

4
Ова лето летува со повеќе стварности
и во тек на денот стопати се мени,
од игри театарски до средби на солидарности,
од големи до уште поголеми бездарности,
од ниски достигања до високи цени.

5
Ова лето летува со своја девиза,
сака леб без мотика.
Искривено како Кулата од Пиза
на сите ни нуди домашна егзотика.

6
Ова лето летува и на сè се жали,
(ах, ова лето под знакот на Мини).
Летаат пердуви на филмските фестивали
и плачат цигански виолини –
ги колнат, чиниш, и ѕвездите златни.
А некој лови во водите матни.

7
Ах, на ова лето, на ова мини-лето,
изгорено сето
од мини-здолништа,
од мини-засолништа, –
есента кога ќе му рече: вето!

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.24, 8 август 1967, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.