Очи (прва верзија)

Три дена на раци те носевме збрана,
три дена – со тага на погледот срчен,
и секоа капка од твоата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.

Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со туп бол се впиа в твојте очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко солнце
и никога нема да стијнат и згаснат.

Последната вечер, в планинското село,
кај небото беше – не небо, а море,
трепереше грозно ко моминско тело
раздробено, модро и распнато горе,
а борците беа во дрипава дреа,
со пликови жешки на стапалки тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена река
се точеше шепот од уво до уво:
“Утре, друже, в зори, страшен бој не чека,
а ние сме малку – сал неколку души…”

И кога ко игла ти прободе уши –
Ти растресе снага и размолска тага,
и с луњени очи – широки и волни
ги расече в ноќта здивените молњи! –
Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш! –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост нашта прва радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и литна во ноќта крвава и црна,
со твојте очи што ригаа пламен
ко восок ги стопи челичните зрна…

И после! И после – в последната вечер…
Јас нејќам да мислам што потаму стана!
Сал помнам те изви крвавата рана,
прошталниот шепот ти замрзна в усти,
но гореа очи под веѓите густи!

Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.

А утрента кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и леки ко птица.

А твоите очи се искреа гневно
на нивните потни, распалени лица…

Три дена на раци те носевме збрана,
Три дена – со тага на погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.

Ацо Шопов, Нов ден, бр. 1−2, 1946, стр. 64−65
Песната “Очи”, посветена на Вера Јоциќ, е напишана во Белград, во 1945 година. За првpат е објавена во списанието Нов ден, во 1946 год., а веднаш потоа во колективната збирка Песни, во која се застапени и Блаже Конески, Славко Јаневски, Гого Ивановски и Лазо Каровски.
Прочитајте ја тука дефинитивната верзија на „Очи”, објавена за првпат во збирката Со наши раце, 1950.

„Очи” од Ацо Шопов, прва верзија објавена во Нов ден, 1-2, 1946

„Очи” од Ацо Шопов, прва верзија објавена во Нов ден, 1-2, 1946