Кратово

Вечер е тиха, дремлива,
нечујно гора шумоли,
месец сред гранки сонуе
звездите солзат на небо,
а рана пролет пргава,
разкрила убос моминска –
снага и – шума борова,
очи и – бистри кладенци,
лице и – пупка трендафил,
а коси – трава зелена.
Еј море, радос голема,
партизан в’ пролет да бидеш,
кога се шума разлисти
и зажуборат извори,
еј море, срекја бескрајна
в пролет низ гора да одиш,
грлото да го извиеш,
песни да пееш бунтовни
и врагот да го прогониш!…
Вечер е тиха, дремлива,
нечујно гора шумоли,
месец сред гранки сонува,
и звезди солзат на небо.
Не оди долга колона,
не гази снага моминска,
на својте крила прнати,
вила ги носи планинска!
2.
Мртво е време,
улици спиат,
воздухот над град олово тежи,
сред глуви ридој,
сред карпи неми
Кратово старо
трпне,
се ежи,
врз игли лежи –
потајно црвој гради му риат!
Куките чмаат,
кучиња траат,
зора се кани
рано да рани…
И трзнут сал
еден рафал,
и втори …
трети …
и безброј пати …
Зоврива пукот
от сите страни,
и долој ечат
и врагот стине –
сред чудо зине,
и огин ригат аутомати!
А долу –
в град,
со силен јад,
се слива
кo дaлгa дива
победеносната
и геројска
македонска војска,
во еден
челичен ред
со братскио
Косовски одред!
И мини грмат и градот трешти
от темел летат државни згради,
во дим се страшни
улици прашни,
и пламен лиже и небо жари!
3.
А там крај школо цементно,
от бели мугри утрини
до вечер бој се заврза:
от вонка, бие напагја
јуначка војска Титова,
од натре, в’ очај паднала
се брани војска фашиска.
Куршуми зидој решетат,
в’ избите бумби трескаат,
војската штука, улавеј –
спремна е да се предава,
офицер – куче фашиско
со очи светка – не дава.
Титовци тогај рипнаа,
гламји во соби фрлиа,
школото букна, распламте,
пол-комот почна да збори:
„Почујте бракја Бугари,
Бугари – наши другари,
зошто ле, крв да лееме
за фашиските есапи,
ете ве огин зафакјa,
пламен ви лиже над глава,
за кого в’ него горите,
за кого живот давате?
Жени ве чекат катаден,
деца ви плачат пред порти,
а виа тука в тугјина,
за кого млади гинете?!
Фрлите пушки, патрони,
при нас, си бракја дојдите,
ко свои ке ве примеме
во наште редој народни,
и дружно бој ке водиме,
заедно ке ги гониме,
тие фашиски изроди!“
Полкомот молкна,
затраа.
Времето стана
оптегнат лук.
Ни звук.
Но сал за миг –
и…
школото шумно зашуме,
војска од натре нагрна
и в’ смртен страф се предава,
сите ти раци бацуват.
сите те силно прегрнјат,
и плачат
и пеат
и се смеат –
безумни,
срекјни,
диви:
– Простите бракја, другари
простите не сме криви!
— — — — — — — — — —
Вечер се спушта сонлива,
звезди пак солзат на небо,
а в’ старио град
батаљон „Левски“
стресне веке.
Сто нови дивој
сто нови штукој
на братскио
бугарски род,
го цепит
небеснио свод!

Ацо ШоповПесни, 1944