За пругата наша…

Ноќ расплела в гора посребрени коси,
в логорите бела месечина роси,
сал Криваја брза лем – огнови пали  –
раздробуе браној в изострени скали,
и Босанка млада, од Сеона вила,
со прснати мисли на ветрови крила
потопуе срце во споменот страден, –
за првата љубов, – за јунакот Младен:

Ој, Кривајо брза, крај твоите води
едно ледно зимо мајка чедо роди,
и в љубов го стопли и радост му сплете
и милно го лулна својто прво дете.

Но потече живот – ѕвер свиреп и гладен,
крај стадото детство не запомна Младен,
и подпрена мајка в град тргна да проси
со есена слана в окапани коси.

Поминаа многу бичуени лета,
и гладното детство со садбата клета,
пак забеснеа ветрој и смрзнаа води
крај кои се Младен во зимото роди…

***

Над Сеона лице ноќ рошаво згрчи,
и засветка очи ко крвави срчи,
се заврза стршна невидена битка,
и другари многу смрт бездушно свитка,
поцрвене снегот од раните пресни
и настана колеж по кланците тесни,
а јунакот Младен со забите скрца,
и пламнаа борци кој каде се згоди,
и шеесет млади распалени срца
в миг, Криваjо, беа во твоите води …

А утрото кога расплакано стигна,
и крвава магла над браној се дигна,
и исплашен денот несигурно стапна, –
над мртвите борци солнце солзи капна…

***

Ој, Кривајо брза, крај твоите води
пак дивовска битка в пот денес се води,
О, заплискај, реко, – радост нека шуми,
и нареди песна со бисерни думи
за земјата родна што огнови пали,
и младоста нејна што в трудот се кали,
за пругата наша што брегови кине
и возот кој утре крај тебе ќе мине…

И во таа песна чудна како мома
о, спомни го Младен кој не стигна дома
и спомни ја твојта страшна зимна битка,
кај развихрен сокол со забите скрца,
но бездушно смрт го приграби и свитка
со шеесте млади распалени срца!

Ацо Шопов, Пруга на младоста, 1946