Борбата на Дренак

На Карпош

Студени магли над брда тежат,
и пече зимо – крвава рана,
трепет и ужас на душа лежат,
и трпне село в утрина слана.

Ни глас да пуштат кучиња лоши,
сал мажја, жени низ долот бегат
и пискат деца в нивните раци,
Дренак се гуши –
Дренак се души –
железни клешти обрач го стегат!

Збрани – од сите страни,
сурови
и диви,
напаѓат – Дражиновите банди
на младите
Македонски партизани,
од Први
Кумановски батаљон!

И цел ден пукот врие,
и цел ден бој се бие,
и ечат долови,
брда,
а партизаните млади
со пушка во рака тврда
се борат
гради со гради;
и песна сложна, смела,
како лавина врела,
се разли од брег до брег,
преку градови, села –
низ ширна земја цела
најави на цел свет –
со каква титанска сила –
и каков ураган,
за својата земја мила,
се бори партизан …

И мрак се спушта
и ноќ се гроби,
а в боен ред,
со орлов поглед,
стиснати заби
и срце кое в гради не стои
извика Карпош –
млад командант:

– На јуриш верни другари мои,
па како стрела
и како зрак, –
прв јурна напред
в вечерен мрак!
По него
како планинска река,
со челик-гради,
срца разиграни
јурнаа напред
со сили млади
смелите
македонски партизани.
и… Ураган страшен се дигна –
згрмеа машингевери,
свират куршуми врели,
а преко
долови,
вади,
камења
огради,
скали,
низ дим
и праф,
без страф
јуришат
борците млади,
како тигрои рипат
и сипат
оловни зрна
Врз таја неман црна –
Дражиновите банди!
И… обрачот пукна …
— — — — — — — —

Замират морни машингевери.
Пушките глунат.
Поштукната ноќта уплашено гази.
Трпни
и мрее
Раскрвавен крај.
И штама цари.
А над мртвите другари
сто дваесет, срца
со бол се наливат,
сто дваесет тупаници
со гнев се свиват,
за борба,
немилосрдна борба,
борба до крај.

Ацо Шопов, Песни, 1944