„Тажачка од онаа страна на животот“ и ”Црно сонце” – толкување*

Миодраг Друговац

Во песната „Тажачка од онаа страна на животот“, објавена во збирката Гледач во пепелта (1970), наидуваме и на овие стихови:

Се искачив над врвот од болот.
Човек сум. А што е човек?
Пред мене празнина, зад мене празнина.
Празнина што сама се пали.

Ако е и дефиниција за човекот, една од ретко прегнантно и храбро искажаните таа дефиниција за основа ја има една, би рекол, стоички осознаена и стоички од сознанието откорната етика на дезилузијата, едно етички високо испростумување пред темните (дали и песимистичките?) претпоставки не само за тоа што е човек од онаа туку и од оваа страна на животот! Не манипулираат само егзистенцијалистите со некои токму такви категории каква што во песнава ни се открива преку зборот „празнина“; дури, тоа и не е нивен изум. Но, мистеријата наречена живот навистина постои, ние со неа се судруваме секојдневно, ние со неа живееме во една цврста, нераскинлива прегратка, таа е дел од нас самите, дел од нашето јас во разни животни ситуации и со различни душевни и духовни расположенија. А какви ќе бидат тие расположенија многу зависи и од тоа какви претпоставки имаме за смртта, со какви претпоставки или предрасуди влегуваме во размислувањата за неа, а впрочем и дали воопшто сме обременети со такви мисли? Но, кој друг ако не поет е прв повикан да се прашува и за смислата на животот и за бесмислата на смртта? Прашувајќи се за бесмислата на смртта, тој доаѓа до одговори за смислата на животот.

Дека поетот трага токму по таа смисла нè потсетуваат и завршните стихови на оваа песна:

Земи ме, земјо, или врати ме,
врати ме подолу од овој врв,
подолу од онаа страна на животот,
човечки дај ми пак.
О земјо, на земја врати ме,
човек сум, човек да страдам,
да најдам камен жив да се вградам
на некој мост во некој лак.

Но, небаре останува како прашалник на критичката опсервација не само природата на фатумското во стиховиве, на еден фатум што како темна сенка тајно се провлекува низ нив и нѐ принудува овој понов циклус на Шопов да го сфатиме и како одглас на едно трагично искуство што е не само искуство на годините, што е и искуство на една поетика на црната небиднина, веројатно најединствена во целокупната наша поезија, туку како прашалник на критичкото просудување останува да нѐ повикува на натамошни разговори и оној врв, како симбол на икарските копнежи со пресечени крилја, што е и врв на болот и врв на сите човечки страдања, или друго име на смртта − човекот фатен во мигот на спепелување, претворање во сеќавање на оние кои што останале зад него, пресоздавање во пепел и спомен… Шопов, не очајувајќи според рецепти на романтичарите, го чувствува апсурдот на човечката судбина, па сепак: каков е тој врв, што кажува тој симбол со признаци на некаква, би се рекло, метафизичка или од народните верувања преземена вистина за човековата крајна точка…

Филозофска замисленост пред човековото јас

Кај Шопов едната песна се престигнува од другата, следната; таа, следната, како да ја образложува претходната. Тој систем на врските, со цврста внатрешна логика и кохеренција, готово во една и иста мера е евидентен на четири основни поетички плана: мотивацискиот и стилскиот, чувствениот и интелектуалниот. Самиот тој систем, меѓутоа, е остварен до перфекција токму во збирката Гледач во пепелта: во осумнаесет, подолги или пократки, но сѐ сами антологиски песни. Шопов брилјантно го демонстрирал своето модерно поетско искуство, својата филозофска замисленост пред корозивното човеково јас. Но, тоа повеќе не е филозофија што носи меланхоличен потсмев, како во случајот со некои песни од збирката Ветрот носи убаво време и како што го забележа меѓу првите Славко Јаневски; тоа е сега − и сѐ таму почнувајќи од Небиднина − една филозофија на човечкиот трагизам, на едно поетски длабоко осмислено филозофско чувство на онаа исконска драма, што ја спомнува Шопов во песната „Гледач во пепелта“ и во која се препознава една уште од пагански времиња гатачка магија над непознатите знаци на животната алхемија, за во нив да се забележат и никулците на некој нов живот што како Феникс се раѓа од пепелта!

Впрочем, како и во циклусот „Црно сонце“: мистеријата на животот, односно на смртта, ѝ овозможува на магијата на песната да се искаже како свест за двојната судбина − за судбината на човекот и за судбината на тоа пеење во стихови, од кои нѐ гледа фатумското лице на Небиднината. Сета во претскажувања, час со црни насетувања, час со проблесоци на некој таинствен оган на горчливото сознание и на оѕвезденото визионерство, таа песна за црното сонце и на црното сонце, во неколку маестрални мотивски и изрази варијации, е метежна а јасна, загатлива а блиска, некако леплива за срце, слух, интелект, истовремено − душевна и интелектуална, како еден единствен звук, топол а гласен, понорен а сиот растреперен тука, пред нас, нежен а речит, со некакво распрскувачко злато кое од сите страни нѐ опсипува и секогаш одново со некаква магична топлина нѐ привлекува кон своите таинствени привлечности и заканувачки убавини.

Начелно, песната е еден вид припитомен хаос; во чинот на песната тој хаос се престорува во облик. Кај Шопов, тој облик е превосходно метафоричен − таков впечаток се има особено за песните од неговата трета фаза, кога во поетското искуство, со полн спонтанитет и респективен суптилитет, се разврзуваат и некои јазли на надреалистичката имагинација, иако со тој корен на искуството кај Шопов критички ќе е нужно да се постапува мошне претпазливо! Не е само работата во тоа што во многуте негови песни, а некогаш одвај во некои стихови, се брише некогаш семoжната граница меѓу сонот и јавето, меѓу реалното и иреалното, меѓу фатумот на песната и небиднината под чие тешко стапало се клешти стравот во очите… Трагизмот е онаа катарка со која и кон која плови овој поетски брод, а него го движи само едно таинство − таинството на талентот, со силна движечка енергија и сигурни, иако претежно ирационални инструменти за навигација. Поетот пее:

Од какво измислено царство, од каква раскошна гробница,
навечер што те прибира а наутро гони,
доаѓаш, црно сонце, и црни истураш дождови
како последна закана на светот што му ѕвони.

Овде, во песната „Пак црно сонце“, како и во сите други од овој циклус, анатомската снимка на таа двојна судбина, на човекот и на песната, е проектирана во светлината на еден витален трагизам, оловно тежок но и мудро всредоточен врз откривањето на вистините на злогласното човеково отуѓување, а наедно на отуѓувањето и на песната („тука сме обата покриени со сонцепадни лисја“ − се вели на крајот од песната).

Така, би рекол, бескрајот во човекот, еднакво како и бескрајот во песната, е озвучен и избавен со сублимирана лирска и филозофска евокација, за човекот во бескрајот да би можел да се најде лицем в лице со мудроста на својот опстанок. Со тоа и баукот на Пепелта, или баукот на Смртта (на Отуѓувањето, на Небиднината, итн.), дијалектички е релативизиран со хуманистичките акценти чија што естетска сугестивност по секое ново читање на песните ни се чини сѐ поголема.
____________________

* Текстот е објавен во Современост, 1978, XXVIII, 3, стр. 35-38, под наслов: „Записи и коментари: Ацо Шопов”.