Поет за сите антологии*

Ацо Шопов во ЈУгословенскиот културен центар во Париз, 21 октомври 1978 год. На неговата десна страна, артистката Никол Ик (Nicole Huc).

Ацо Шопов во Југословенскиот културен центар во Париз, 31 октомври 1978 год. На неговата десна страна, артистката Никол Ик (Nicole Huc).

Ташко Ширилов

Салата на Југословенскиот културен центар во Париз што се наоѓа на улицата „Колизе“ број 10 во непосредна близина на Елисејските полиња и Триумфалната порта, на 31 октомври годинава во 20 часот беше исполнета до последното место. Публиката ја сочинуваа истакнати современи француски писатели, книжевни критичари и есеисти, издавачи, потоа голем број југословенски културни работници и други граѓани кои таа вечер, сите заедно, беа дојдени на промоцијата на француското издание на Избор од стиховите на еминентниот македонски поет Ацо Шопов што го објавн реномираното книгоиздателство од Париз „Сен-Жермен-Де Пре“ во избор и препев на современиот француски поет Жан-Луј Депјерис.

Со програмата беше предвидено Вечерта ва Ацо Шопов да трае 40 минути колку што впрочем траат сите други вакви слични пригодни свечености.

Триумф во Париз

Пред присутната публика првин настапи поетот Огњан Лакичевиќ, заменик директор на Југословенскиот центар во Париз кој најкусо се осврна на поетскиот опус ва Ацо Шопов. Потоа на сцената беше поканет поетот Ацо Шопов кој на ракоплескањето на публиката отпоздрави со насмевка, со нему својствената трема. А потоа на сцената се појави француската театарска и филмска артистка Никол Ик, која почна со кажувањето стихови од познатите поетски книги на Ацо Шопов: Стихови за маката и радоста, Слеј се со тишината, Ветрот носи убаво време, Небиднина, Гледач во пепелта и Песна на црната жена. Артистката Никол Ик интерпретираше десет песни од Ацо Шопов и таа со вонредна умешност ја изврши својата задача. По секоја прочитана песна салата на Југословенскиот центар ечеше од долготрајното ракоплескање на присутната публика. Но ракоплескањето на публиката најдолго траеше по десеттата песна, кога артистката Никол Ик со задоволство ѝ се поклонуваше на публиката, убедена дека ја завршила својата работа, но ракоплескањето всушност претставуваше барање и натаму да продолжи вечерта. Така, артистката место предвидените десет ги кажа сите песни на Aцo Шопов поместени во францускиот избор, а вечерта, место четириесет минути, траеше точно два ипол часа! Тоа беше вистински трирмф во Париз на поетската реч на Ацо Шопов.

Пaрискиот успех на Ацо Шопов е само уште една потврда за волшебната силина на стихот на овој великан на поезијата, Ацо Шопов заедно со Блаже Конески н Славко Јаневски е жива легенда на современата македонска поезија. Стихови од Ацо Шопов се преведувани на сите позначајни литературни јазици во светот, а најмногу на руски, англиски, француски, германски, италијански, грчки, чешки, полски, унгарски, летонски, шведски, холандски, шпански, турски, романски, белоруски, португалски, словачки, како и на јазиците на народите и народностите во Југославија.

Првите поетски импулси − од Рацин

Деновиве го посетивме Ацо Шопов и неговиот дом, па улица „Партение Зографски“ број 7*** во Скопје и откако му честитавме на успехот на неговата книга во Париз, поведовме неврзан разговор за поезијата, особено за неговите почетоци.

− Можеби и нема потреба да нагласам, ни рече академик Ацо Шопов, дека поезијата ја чувствувам како составен дел од моето секојдневие. Со задоволство и со гордост ќе истакнам дека првите поетски импулси ги добив во 1940 година откако ја прочитав стихозбирката Бели мугри од Кочо Рации. Јас тогаш не знаев кој е Рацин, но стиховите на Бели Мугри ме потресоа не само со својата поетска совршеност и со својата неповторлива социјална тематика, туку и со тоа што преку нив за првпат го почувстрував својот мајчин јазик − македонскиот! Тоа беа незаборавни моменти во мојот живот.

Ванчо Прке − прв читател

− Кога веднаш потоа ја напишав својата прва книга со стихови, продолжи Ацо Шопов, преку мојот пријател Демир Фируз ја испратив на Ванчо Прке кој за сите нас претставуваше ценета личност од чиј интелект бевме опсенети сите одред. Ванчо Прке исто така пишуваше стихови и беше воодушевен од стиховите на Мирослав Крлежа. Кога се сретнав со Ванчо Прке, тој ми рече дека ги прочитал моите стихови и дека му се допаѓаат. Тие негов зборови многу ме охрабрија и претставуваше поттик за моето понатамошно создавање во областа на поезијата.

Ацо Шопов во 1941 година стана член на СКОЈ. Во 1943 година е борец во редовите на Шарпланинскиот одред, а веднаш потоа со Косоварите заминува во Пешкопеја, Албанија, а оттаму се враќа на Козјак каде што се среќава и со легендарниот Христијан Тодоровски-Карпош. Овде ја преживува битката на Дренок со дражиќевците, а на Осоговските Планини, веднаш**** по трагичната смрт на неустрашивата Вера Јоциќ, народен херој и негова прва љубов, која ќе умре на неговите раце, Ацо Шопов ќе ја напише песната „Очи“ што денес претставува едно од ремек-делата на современата македонска поезија.

Откривање на светот − преку Македонија

Го прашавме Ацо Шопов над што работи сега.

− Подготвувам нова книга со поезија. До крајот на годинава ќе ја понудам на некој од нашите издавачи, најверојатно на „Мисла“. Во мојата последна објавена книга Песна на црната жена настојував преку Африка да ја откријам Македонија, а преку мојата најнова книга се трудам преку Македонија да го откријам светот. Моментно работам и над препевот на избор од стиховите на Сен-Џoн Перс, а во слободното време читам дела од македонски автори. Сега го прочитав романот Вест Ауст од Божин Павловски и ми остави силен впечаток.

Ацо Шопов е роден 1923 година во Штип каде што заврши основно училиште и гимназија. Филозофски факултет заврши во Скопје, а во изминатите три децении бил главен уредник на списанијата Современост, Хоризонт, Иднина, потоа директор на книгоиздателството „Македонска книга“, југословенски амбасадор во Сенегал од 1971-75 година. Со голем успех се занимава и со книжевен превод. За препевот на Хамлет ја има добиено и Oктомвриската награда на СРМ. За врвни остварувања во поезијата добитник е и на наградата на АВНОЈ.
____________________________
*Текстот е објавен во Вечер, 28-30.11.1978, стр. 12.
** Наслов на изборот: En chasse de ma voix (Го барам својот глас).
*** Погрешен податок. Адресата е ул. „Ганчо Хаџипанзов“, бр 11, Скопје.
**** Погрешен податок. Песната „Очи“ е напишана две години по смртта на Вера Јоциќ.