Маргиналија за „Старо купувам“

Георги Старделов

Се присеќавам, во мигов многу јасно, дека некаде на крајот на педесеттите [години на дваесеттиот век] беше закажан состанок на тогашната редакција на Современост. Влегуваме [Димитар] Митрев, Славко [Јаневски], Васил Иљоски и јас во просториите на списанието во една издолжена како штала старонова, но многу грда зграда, карши денешново „Зелено пазарче“, веќе одамна урната, а внатре нè дочекуваат Ацо Шопов и Гого Ивановски. Тие обајцата беа одговорни за селекционирање на поезија што требаше да ја објави списанието во најновиов број и во тоа својство ни даваат да прочитаме една подолга непотпишана песна со чуден наслов: „Старо купувам“.

Забележав, уште при влегувањето, дека Ацо и Гого нешто сомнително се погледнуваат кога веднаш почнаа да нè прашуваат што мислиме дали да ја објавиме токму оваа песна и чија би можело да биде? Митрев мошне брзо реагира и вели дека е тоа песна на некој сè уште млад, но многу талентиран поет; јас велам Гане Тодоровски, заборавил само да си го напише името; Васил, по подолго читање, препознава во неа творечки глас на претставник на социјалната лирика; Славко не се изјаснува.

Додека се колебаме што да правиме со песната да ја објавиме или не, Гого, чувствувајќи дека е можен определен редакциски kurtzchluss и за да го предитри него, нè изненадува сите: песната е, вели, на Ацо. Сите сме по малку изненадени! Сепак, не беше тоа песна што би можел да ја испее токму Ацо Шопов. Таа не се вградуваше во структурата на неговиот пев, т.е. во системот на неговата лирика и како да стрчи во него. Со еден збор за нас што неа не ја препознавме, песната „Старо купувам“ едноставно не беше ацошоповска песна.

И сега, во овој час, дури го пишувам токму ова, со тоа имено и си го објаснувам фактот зошто Ацо тогаш, давајќи ни ја да ја читаме, не ја потпишал и зошто воопшто дошол на идеја да ја задене таа ѓаволска игра со препознавање на идентитетот: едноставно песната како да не ја чувствувал исцело своја, па затоа и се решил да нè искушува.

Дотолку повеќе што тој со чувство на определена скепса гледаше на своите нови песни и книги. Се сеќавам кога ми ја даде во ракопис да ја прочитам неговата најзначајна книга Гледач во пепелта и за неа да напишам рецензија, што, потем, стана поговор на првото издание на таа, навистина, величава книга, кога му го вратив ракописот ме дочека со некоја збунувачка неизвесност на лицето: Вреди ли Ѓорѓи нешто, ме праша со онаа позната негова блага насмевка? Кога му реков дека ја напишал својата досега најдобра книга, книга која, во својата рецензија, ја вредував во неколкуте најзначајни што воопшто се напишани на македонски јазик, му беше, се разбира, мило, но јас останав со впечаток дека воопшто не ми веруваше ни тој, ни т.н. официјална критика тогаш.
_________________

Текстот е објавен како фуснота бр. 3 во книгата на Георги Старделов, Слушате ли Каинавелијци?: Славко Јаневски, Книжевна генеологија, МАНУ, Скопје, Фонд Трифун Костовски, 2010, стр. 167