This post is also available in: French Spanish German Russian English Albanian
Ацо Шопов: Небиднина, Скопје, Кочо Рацин, 1963
Повторни изданија: 1967, 1970, 1971, 1974, 1976.
„Мојата најнова збирка поезија што ја подготвив за печат носи наслов Небиднина. Во превод, тоа отприлика би можело да значи нешто што е невозможно, нешто што нема да се оствари”, изјавува Ацо Шопов во телевизиската емисија „Панорама” (16.1.1962). „Овој наслов е употребен во поетска смисла, со него сакав да истакнам еден парадокс: поезијата, колку и да ја сфаќаме и остваруваме како нешто есенцијално, како нешто повеќе од она што обично го подразбираме под поимот живот и неговите различни манифестации, сепак, и во својот најсоврешен вид и во своите највисоки дострели, не е во состојба да ги опфати сето богатство и сета сложеност на тој поим.”
Не случајно Шопов го кориси зборот „парадокс”. Навистина, ваквата десакрализација на поезијата делува парадоксално кога доаѓа од устата на оној Шопов што велеше: „Ако постои поетски фатализам, тогаш ја сум еден од неговите најголеми поклоници”. И таа десакрализација јасно укажува на онаа „епска храброст и скромност” со која, според зборовите на францускиот писател Ив Бержере, „поетот-градител со свои раце, камен врз камен, создава простор не на одговори, туку на прашања, на анализи, на поетски претпоставки.” Затоа, додава тој, поезијата на Шопов е „истовремено модерна и, како во древноста, епски величенствена”. (Виолета Џолева: ”Овенчан со вечноста”, Македонска телевизија, 2002).
Но карактеристично за Шопов е што таа епска величенственост која јасно се согледува во збирката Небиднина е пронижена со лирскиот сензибилитет на кој Шопов инсистира во наведеното интервју: „Песните, што ги содржи оваа збирка, ги рефлектираат моите доживување и однос кон нашиот современ живот, но веднаш да додадам дека природата на тој однос е длабоко присна, длабоко интимна. Сè што се случува надвор од нас, што на некаков начин го привлекло нашето внимание, дадено е како најинтимно чувство”. Со други зборови, толку често анализираната „интима” на авторот на Стихови за маката и радоста, Слеј се со тишината и Ветрот носи убаво време не згаснува со Небиднина. Интимата на Шопов не се состои во тоа на личните чувства, во романтичарски манир, да им се припишува општочовечки карактер, туку напротив, во тоа надворешниот свет да се доживува интимно, општочовечкото да се чувствува како свое.
Затоа, oнаму каде што голем број критичари и толкувачи на поезијата на Шопов ќе видат − не неосновано − пресврт во неговото творештво, самиот поет гледа едноставен премин. Небиднина за него не претставува квалитативен скок од интимниото кон рефлексивното, туку развој и надраснување. „Она што оваа збирка ја поврзува со претходната а и со другите”, тврди тој, „тоа е дека во неа останав лирски поет. Годините и искуството донесоа разлики. Постар сум за неколку години, па природно, некои заблуди и наивности, би рекол, исчезнаа. Дојдоа нови искуства, нови сознанија што го изменија или го менуваат и мојот поетски говор”.
Во еден друг, подоцнежен разговор со Алдо Климан („Мојот збор е тврда вилица на времето”, 1976), Шопов изјавува: „Со Небиднина (1963) и Гледач во пепелта започнува една нова фаза во мојот поетски развој, во која се прави не само обид да се прочита ‘книгата на животот’ (…) туку таа книга и да се соопшти со еден поинаков јазик.”
Георги Старделов спаѓа во редот на толкувачите на поезијата на Шопов кои во Небиднина не гледаат пресврт, туку премин. „Дури и во песните од Африка”, пишува тој во поговорот на изборот поезија под наслов Гледач во пепелта (1991), „Ацо Шопов не гради еден дијаметрално подруг свет, туку само се надоврзува во своето исконско пеење на стариот, продлабочувајќи го и осмислувајќи го него со уште поголема и егзистенцијална и филозофска и поетска длабочина”. А потоа додава: „Сериозниот набљудувач и истражувач на оваа поезија и на ова поетско искуство не може да не забележи дека во случајот на Ацо Шопов, кој не е пред сѐ поет, туку единствено поет, се среќаваме со една ретка кохерентност не само на поетската вокација, туку и со кохерентноста на поетското искуство кое е детерминирано токму од таа фундаментална метафора на неговата поезија – небиднината. Се разбира, тоа кохерентно и единствено во својата кохерентност поетско искуство добива метрички и артистички совршенства, но небиднината, во која се закопани како во длабока тишина сите тајни на егзистенцијата, останува егзистенцијална поетска опсесија. Таа како да е растопена во секој збор, во секоја слика, во целосноста на мисловната и емоционалната структура на секоја негова песна.”
Од 1963 година наваму, големиот број толкувања на зборот, песната и збирката Небиднина несомнено многу придонесоа за одгатнувањето на тоа нешто („небиднинско”) во човекот што Шопов интуитивно го чувствувал а кое дотогаш немало име. „Небиднина е исчекор во јазикот”, вели Александар Прокопиев, излет што извира од внатрешната магиска способност на поезијата да го именува неименуваното”.
Откако поетот го именувал неименуваното, зборот се откинал од песната и си го нашол местото во секојдневието и во уметноста, а јазикот во толкава мера си го присвоил што во моментот кога се пишуваат овие редови (февруари 2021 година), во корпусот за зборот „небиднина” во Дигиталниот речник на македонскиот јазик се наоѓаат петнаесетина примери од литературата за употреба на овој збор а ниту еден не е од Шопов.
„Изгледа”, како што вели Душко Наневски во поговорот на изданието на Небиднина од 1970 година, „токму тој [Шопов] го донесе она што го бараа многумина: го идентификува трагичното чувство на небиднината како димензија на нашето постоење [и] ѝ даде еден судбински амблем на нашата модерна поезија”.
И да заклучиме со уште еден цитат од авторот: „Небиднината јас ја сфаќам како остварување низ неоствареност”, вели Шопов во интервјуто „Писателот пред дванаесет прашалници” (1979 год.). „До тоа сознание не дојдов наеднаш и свесно, туку тоа е разултат на моето поетско искуство, до кое јас со секоја песна се доближувам. Конечното доближување, конечното свесно откривање на небиднината се наоѓа во истоимента збирка”.
Пристап кон содржината на збирката
Пристап кон постоечките ракописи и машинописи од збирката Небиднина