This post is also available in: Serbian

Што е бескрај во човекот?*

Миодраг Друговац

Сегашниот Шопов го продолжува Шопова од 1963 година, кога е објавена Небиднина. Додуша, трагата на таа еволуција е прилично подолга и се протегнува многу подалеку од Небиднина: нејзините навестувања ги наоѓаме и во некои песни од збирката Ветрот носи убаво време (1957). Така, никогаш не се случи песната на Ацо Шопов, иако постојано во дослух со Непознатото, да се дезавуира себеси од вчера и во кругот на својата естетска обнова да испровоцира каков дисконитет. Дијалектиката на поезијата на Шопов ја исполнува а истовремено длабоко оправдува доблеста на целесообразната доследност. Каква? − Поетска, но и мотивска: она трескавично проникнување во тајните на Живото и на човековото Битие.

Самиот чин на проникнувањето се остварува кај овој поет-истражувач и градител, би рекол, во контрапунктот со Паскаловата филозофска тема: Што е човек во бескрајот?, а го искажува поетовото имплицитно прашање: Што е бескрај во човекот? Всушност, овде станува збор за слободна творечка модификација на Паскаловата тема или за нејзина модерна транспозиција. Човек во бескрајот, лирскиот јунак во просторот, не е негација на оној бескрај во човекот, на оној духовен (интимен, секавичен) простор во лирскиот јунак; и обратно. Но, иако се дополнуваат, вливајќи се една во друга како река во море, сепак овие две теми по многу нешто се разликуваат: со првата се иницира една макрокосмичка човекова ситуираност; со втората се одвртуваат славините на човековиот микросвет.

Кај Шопов едната песна ја престигнува другата, таа, следната, како да ја образложува претходната. Тој систем на врските, со цврста внатрешна логика и кохеренција, речиси во иста мера е евидентен на четири основни поетички планови: на мотивскиот и стилскиот, на чувствениот и интелектуалниот. Самиот систем, меѓутоа, до перфекцијата е остварен во збирката Гледач во пепелта: во осумнаесет, подолги или пократки, но од ред Антологиски песни, Шопов брилјантно го демонстрира своето модерно поетско искуство, поетичката автентичност на тоа искуство, својата филозофска замисленост пред корозивното човеково ЈАС.

Поранешниот свет на љубовниот немир, иако не само тој, овде е заменет со светот на непосредствена обземеност со човековата судбина, со тоа што нејзината анатомска снимка се проектира во светлото на виталниот трагизам. Таков, оловно тежок, тој е и мудро всредоточен на откривањето на вистината на човековата злогласна отуѓеност. Сепак, веднаш треба да се рече дека до таа вистина се доаѓа дури откога ќе се отстрани непроѕирната мембрана на повеќеслојната метафора, кога, значи, ќе се ослободи енергијата на нејзиното естетско и хуманистичко значење и кога таа станува способна за вклучување во комуникација со својот читател. Меѓутоа, интересно е − а тоа е и една посебна вредност на оваа поезија − што кај Шопов многу често цели поетски блокови се однесуваат како вертикално степеновани метафори со големо и неконвенционално естетско зрачење. До вистинската смисла на тие метафорички спрегови и целости не е можно веднаш или без напор да се дојде, тие да се дешифрираат и критички објаснат. Размислувавме за овој феномен и ни се чини дека го обусловува раскошната звучна хармонија на дистихот и катренот: имено, оваа ритмичка везба на стихот кај Шопов во толкава мера музички е усовршена што лесно може да се претпостави на филозофската поента на песната, на онаа − старомодно речено − нејзина порака. Зашто, дури кога ќе се сфати тоа и ќе се отстрани мембраната на зборот, се откриваат понорите кои својата човечка смисла ја златат ту со Талесовата вода (циклус „Црни коњаници, бели коњици“) ту со Хераклитовиот оган („Долго доаѓање на огнот“, „Црно сонце“), а меѓу нив е човековото Битие, стварно и фантасмагорично, изложено на елементите на природата, сè понеспокојно, сè поцрно, со предскажувањата на судбинската Пепел („Гледач во пепелта“). Така, бескрај во човекот е озвучен и избавен со една единствена лирска и филозофска евокација, како човек во бескрајот би се нашол лице во лице со мудроста на својот опстанок.
_______________________________
* Текстот е објавен во Вечер, бр. 2176, 30 и 31.05.1970. стр. 9, под наслов „Што е бескрај во човекот? (Ацо Шопов: Гледач во пепелта, издание „Македонска книга“, Скопје 1970)”.