Како најубави катрени од народната поезија 

Одеднаш плиснаа летни поројни дождови, секнатата езерска вода нарасна
го потфати и го поткрепи крилестиот коњ.
Коњот влезе во езерото, се напи вода ладна и лековита
ги подисправи крилата
и сети како низ тело му шурка нова и непозната сила.
Коњот веднаш се исправи и се вивна кон непознатото како првпат да го започнува летот
носејки ја со себе својата највисока смисла
откривајќи ја татковината да го открие светот
и леташе, леташе неуморно по сонце, суша и црна мрака
леташе неуморно коњот кон поларните ноќи.
Ненадејно патот му го пресекоа црни дождови
што како крупни сачми го удираа по очи и му пречеа да оди јасно кон својата цел.
А тој леташе и леташе и летањето му беше мисла водилка,
а му се чинеше дека ќе се сруши на таа туѓа и непозната земја.
Тогаш оддалеку почнаа да мижуркат поларните бели ноќи.
Беше касно навечер, поларните бели ноќи
незапирливо мижуркаа и со едното подотворено око му го покажуваа патот.
Од подотвореното око излетуваа по четири црнобели девојки
чии боски светеа како ѕвезди на небото.
Црнобелите девојки се редеа на небесната шир
како по четири најубави катрени од народната поезија.
Bчудоневиден од нивната убавина коњот летна кон девојките,
се мушна меѓу нивните звездени боски
за да отпочине и за да ги заборави поројните црни дождови.
„Светот е извезен од најубавите катрени на народната поезија”
рече и спокојно заспа.
Саноќ сонуваше како гушнат со катрените разговор води за животот на живите
и со невидливи нишки ги поврзува со умрените. 

Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980
Песната за првпат е објавена во списанието Развиток, XVII, бр, 2, март-април, 1979