Љубов и хероика*

Љубиша Ташковски

Поезијата на Ацо Шопов отсекогаш го свртувала вниманието на нашиот читател со својата убавина и лирска продуховеност. Овде, во овој избор, каде се одбрани песни од поголемиот дел од творештвото на авторот, читателот, има можност да сo перманентната креативна активност на овој талентиран поет, кој е консеквентен на најнежното и воинствено во царството на поезијата. Народната револуција како симбол на братството и единството на нашите народи е неповторливо воспеана во песната „Очи“, која всушност, е и најубава песна напишана на таа тема кај нас. Ликот на Вера Јоциќ, проникнат со дивна хероика и стопроцентно уметнички предаден во оваа малечка поема, може единствено, по силата на поетскиот жар, композицијата и автентичноста на настанот, да се спореди со ликот на Офелија од европската поезија.

Еве само неколку стихови што го потврдуваат тоа мислење:

Три дена на рацете те носевме збрана,
три дена со тага во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце…
(„Очи“)

Тоа се стихови – музика, кои еден ден не само што уште повеќе ќе се рецитираат, туку и ќе се пеат од оние што во поезијата го наоѓаат вечното освежување на животот. Потоа, песната „Љубов“, со својата борбена боја и љубовна хармонија, претставува ода на поетовата страст од една страна, а од друга – непомирлив копнеж за слобода, во кој вечната омраза спрема ропството е постоја на љубов кон тебе, Родино.

Другите песни, од првата до последната, се обоени со интимна на поетот: тоа врело во кое пријатно жубори пролетта, љубовта и небото.

Блаже Конески, овој мисловно-емотивен поет, е застапен со еден дел од неговите песни, шаролики по тема но ретки по убавина – што го презентираат неговиот книжевен опус. Овде, пред сѐ, се поместени неговите најубави поетски остварувања: „Везилка“, „Тешкото“, „Стерна“, „Болен Дојчин“, и др. во кои неговата креативна емоција се издигнува до степенот на една национална гордост:

Везилке кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревата бесна?
(„Везилка“)

Тоа е песна симбол на црвеното и црното – крвопролевањата и мракот – што ги исполнува просторите на убавата македонска земја до пред ослободувањето.

Напоредно со оваа песна доаѓа и „Тешкото“ – слика на ропските денови, поетски восклик на херојството на македонското срце и неговата нерамна борба со тие што животот го правеа нерадосен и мрачен. И, конечно, поема на неговата извојувана победа:

Од вековното ропство мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата трвоја триж плодна ќе биде,
и животот твој!
(„Тешкото“)

Свртен кон нашето минато, со сета возбуда на човек што длабински ја почувствувал вековната тиранија па преку дедовците и татковците, крвно прелеала и во неговите жили, не останал рамнодушен, затоа и она што е најубаво национално но маченичко, поетот го искажува и гордо и со болка…

Овој избор што го издава „Кочо Рацин“ во својата библиотека „Златна клупа“ за потребите на нашите училишта, е за секаква пофалба. Меѓутоа, се чини дека Блаже Конески е претставен доста скржаво, без песни од неговите поранешни книги Песни, како и Земјата и љубовта (со исклучок на „Тешкото“), а пак во изборот на Ацо Шопов не се земени песни од неговата книга Стихови за маката и радоста. На тој начин изборот би бил потполн, а пресекот на нивното литературно творештво пореален.
________________________
* Текстот е потпишан со иницијалите Љ.Т. и објавен под наслов „Љубов и хероика: (Ацо Шопов: Песни и Блаже Конески: Песни, Скопје, Кочо Рацин, 1963)” во Нова Македонија, на 7 јули 1963 год.