„Очи“ од Aцо Шопов*

Хилми Хулија

Минуваш со очите низ редовите, но не внимаваш на зборовите, тие само одзвонуваат со сета своја едноставност во своите мисли.

…А твоите очи се искреа гневно…

Ги гледаш очите растреперени низ свилата на мракот, се играат во мраз чудно, и како да мрзнат. Наеднаш почувствував како тие гледаат, дали во мене или низ мене, не се ни обидов да откријам. Но знам беа „ладни“ но изразито убави, а во нив сјаеше копнеж.

…Три деца на раце те носевме збрана
со тага и болка во погледот срчен…

Чекорат тие, чекорам и јас.

Минатото се претвори во сегашност низ која чекори величествената кавалкада кон апотезата на благодарниот гнев против силата на убијците. Чекорам и го слушам чкртањето на перото на судбината по мермерната плоча. Чекорат и тие во најбедни дреи, но во отмена тишина и мрак во срцето. Палатата на молчењето лишена е од секаков детаљ, освен престолот на кој лежи таа. А таа е повеќе спокојна, отколку студена. Сјае пламен, топлина, копнеж, гнев… Тоа е вистински човеков пламен.

А меѓу неа и нив се ткае пријателски, не човечки однос бескраен како пустината. Дури ни бронзата или мермерот не би можеле да добијат потрајни и понеизбежни форми од суштината на нивниот однос.

…ти не беше веќе в редовите наши
но скипеа борци во одмазда жочна
и видов. О, видов кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила…

Ветриштата невидливо се витлат меѓу карпите и грмушките… Се обидувам да откријам траги од меланхолија, апатија, очај, но безуспешно. Дознав! Тајната на животот не се решава со успех на самиот кој е цел за себе, туку со постојана борба да се биде.

…А очите твои се искреа гневно
на нивните потни, распалени лица…

Дали и соништата се плодат, или земјата се одзива на една капка крв, моментот на смртта не кажува.

… и секоја капка од твојата рана…

Срцето што заоѓаше ги стопи сите тешкотии. Темнината меѓутоа не падна, се чинеше како да извира како пулсирањето на срцето во телата на младите луѓе. Тоа потикнува да ги освојат височините кон исчекуваното совршенство за кои вечноста и не е премногу долга.
_______________
*Текстот е објавен во Јужен Бран, 1990, год. XXXI, кн. 1, стр. 53

Прочитајте ја песната „Очи“.