Моето прво видување со Ацо Шопов*

Блаже Конески (1921-1993), макесонски писател и филолог

Блаже Конески

Сакам по овој повод да оставам еден запис за моето прво среќавање со Ацо Шопов.

Тоа стана при крајот на септември или во октомври 1944 година во селото Горно Врановци, каде што бев вклучен во работата на редакцијата на „Млад борец”.

Седиштето на младината и на редакцијата се наоѓаше во една просторија, како мудбак, во дворот на муслиманска куќа. Тука го подготвувавме весникот и тука спиевме полегнати наземи еден до друг.

Тука ми дојде до рака, умножена на шапирограф, првата збирка на Ацо Шопов, онаа што малку подоцна ќе излезе во Белград во издание на српската младина. Иако не можев да не ги забележам во неа трагите на почетништво, мојата интуиција по најдобрите места насетуваше дека прозвучува еден глас што ќе има што да соопшти во македонската поезија.

Еден ден пристигна Ацо по некаква задача во седиштето на НОМС. Се запознав со тој мил, насмевнат и ведар млад човек. Во разговорот му го изнесов своето мислење за песните. Тогаш, уште млади, такви работи кажувавме отворено и искрено.

Не се сеќавам за некои други подробности од тоа прво наше среќавање. Останал во споменот само општиот впечаток. Подоцна многу пати, особено при излегувањето на нови збирки на Ацо Шопов, сум чувствувал задоволство што наоѓа сѐ посигурна потврда мојата првобитна интуиција.

________________________

* КОНЕСКИ, Блаже: Мото прво видување со Ацо Шопов,  Современост, 1983, год. 33, бр. 4, стр. 68