Копнежот на девојката
В шумолења потонува патот,
до јасики јасика се реди.
Лета в облак галебово јато,
галабица од река го следи.
Силен копнеж и неа ја мами
да полета в таа бескрај сина.
„Еј, галеби, кај летате сами?“
Но нечујно галебите минат.
Летат мирно под синиот покрив
и далеко исчезнуват леко.
Ој, девојко, влажни очи сокриј,
та зар летал во животот некој!
Паѓа залез над реката мала
и ги буди колибите ретки.
Од планина иде ветер палав
да се љуби со лиснати ветки.
Ој, девојко гороцвету ранет,
зошто така возбудено дишеш?
Ветерот се опива од занес,
птичје гнездо на ветките нише.
Зар секогаш во предвечер јасна
сите такви лудувања биле?–
Ветките се занесоа страсно,
падна в трева преплашено пиле.
Танок писок… крв од топла рана,
темен блесок по перје се стила
Пилето се поткрена и стана
и отскака со скршени крила.
Бела птица од гнездо се дигна
и се надви над своето чедо.
Дал’ писокот до срце ѝ стигна
та во него онемето гледа?
Низ корија кобен гавран грака
и спокојот вечерен го кине.
Ој, девојко, за пилето плаќај
беспомоќно в дланки што ти гине!
Кому радост, кому тага дале,
патје в живот тебе друг ти сочи!…
Над планина гасне румен залез
да ги скрие момините очи.