Шеесетти години на 20. век

Ацо Шопов, шеесетти години на 20. век

Во оваа просторија на Лирскиот дом на Ацо Шопов живеат спомени од творецот на „небиднината”. Кон крајот на педесеттите години, кога Шопов ја објавува збирката Ветрот носи убаво време, како и препевите на Сирано и на Сид, започнува неговиот дотогаш најплодотворен период кој ќе кулминира со збирката Небиднина (1963).

Во првата половина на оваа деценија, поетот ги создава песните Небиднина”, Лузна”, „Има долу една крв”, „Раѓање на зборот“, циклусот „Молитви на моето тело” и многу други врвни остварувања на поетскиот збор. Ги препејува Хамлет, Ромео и Јулија, како и избори од поезијата на хрватскиот писател Крлежа, на босанскиот поет Сарајлиќ, на српските поети Змај и Витез. Излегуваат избори на неговата поезија на руски, во препев на Јури Левитански, и на унгарски, во препев на Фехер Ференц.

Именуван е за претседател на Сојузот на литературните преведувачи на Југославија, ги иницира Струшките вечери на поезијата и претседава со првиот совет на фестивалот. По вторпат престојува подолго во Париз.

Во 1963 година се случува катастрофалниот земјотрес во Скопје кој длабоко ќе го потресе поетот и ќе инспирира кај него неповторливи стихови за човечката драма.

Во втората половина на шеесеттите години, творечкиот пат на Шопов продолжува со засилен интензитет. Песните како Август”,Грозомор”,„Долго доаѓање на огнот” се извишуваат на самиот врв на македонската литература. 

Во исто време, Шопов го препејува хрватскиот поет Д. Тадијановиќ, како и Сонетите на Шекспир, а во Титоград (Подгорица) излегува и неговиот прв избор на српскохрватски, Предвечерје, во препев на црногорскиот поет С. Перовиќ. 

Во 1968, излегува од печат и првата македонска збирка сатирична поезија, Јус-универзум, во која Шопов го пародира општеството преку амблематичниот ЈУС, односно југословенскиот еквивалент на меѓународната норма ISO. 

Избран за еден од првите членови на МАНУ (1967), и за дописен член на САНУ (1968), Шопов зазема сè позначајно место на југословенската културна сцена. Претседава со жири комисијата на Мартовскиот фестивал на краткометражен филм во Белград (1966) и со жири комисијата на Пулскиот филмски фестивал во Хрватска (1968). Член е на Општојугословенскиот одбор за подигнување на мавзолејот на Његош во Црна Гора (1969), а од 1968 до 1970 претседава со Сојузот на писателите на Југославија.

Хронологија

1960

  • 7 февруари: На годишното собрание на Друштвото на писателите на Македонија, Шопов е повторно избран за претседател. (Извор: Delo, Ljubljana, 08.02.1960, str. 1)
  • 24 март:  Именуван за претседател на комисијата за преглед на филмови (Извор: Службен весник на НРМ, Четврток, 24 март 1960 Скопје Број 9 Год. XVI)
  • Ацо Шопов ги објавува песните „Старо купувам” и „Романтично бегство“, во Современост, X, 5 (Небиднина, 1963).
  • Хамлет принцот дански од Вилијам Шекспир излегува на македонски јазик во препев на Ацо Шопов. Ја добива наградата “11 Октомври”. Книгата ќе биде повторно издадена во 1966, 1971 и 1981.
  • Претседател на Сојузот на книжевните преведувачите на Југославија, до 1963.
  • 1 јуни: се раѓа ќерката Јасмина, во Скопје.

1961

  • 15 март: дипломира на филозофскиот факултет во Скопје, отсек чиста филозофија.
    Април: Јури Гагарин ја освојува вселената. Тој настан ја инспирира „Осма молитва на моето тело“.
  • Мај−декември: втор престој во Париз.
  • Се раѓа идејата за Струшките вечери на поезијата (СВП), по повод одбележувањето на стогодишнината од Зборникот на браќата Миладиновци. Ацо Шопов е еден од основоположниците и прв претседател на советот на фестивалот во 1962 година.
  • октомври: излегува од печат малата по обем, но голема по содржина, книшка под наслов Дванаестмината од сончевата колона на младоста, Скопје: Централен комитет на народната младина на Македонија
  • 27 ноември: Орден на Републиката со сребрен венец  (бр. 122).

1962

  • Ацо Шопов учествува на првите поетски средби во Сараево кои по две години ќе праснат во традиционалните Сараевски денови на поезијата, на денот на пролетта, 21 март, а кои се иницијатива на Изет Сарајлиќ и Хусеин Тахмашиќ. Покрај Шопов, на тие први средби настауваат: Мак Диздар (БиХ), Густав Крклец (Хрватска), Скендер Куленовиќ (БиХ), Стеван Раичковиќ (Србија), Изет Сарајлиќ (БиХ) и Хусеин Тахмишчиќ (БиХ),  Хамза Хумо (БиХ) и Добриша Цесариќ (Хрватска).
  • Мај: ги објавува Осмата, Деветтата, Десеттата и Последната молитва на моето тело, во Современост XII, 5.
  • Претседател на Друштвото на писателите на Македонија и прв претседател на Фестивалскиот одбор на СВП.

1963

  • 18 јануари: учествува во дебатата на Друштвото на писателите на тема: „Литературната ситуација денес”, во која посебно се осврнува на прашањето „Што е тоа општествено битие и каква е таа литературната свест што треба да го одразува?”. Дебатата е објавена во Современост, XIII, бр. 2-3 (февруари-март).
  • април: Ги објавува песните „Раѓање на зборот“, „Има долу една крв“, „Очај пред тврдината“, „Небиднина” и „Песната и годините” (Небиднина), во Современост, XIII, 4.
  • 13 јуни: Учествува на одбележувањето на 20-годишнината од смтртта на Кочо Рацин, настан што го одбележува и почетокот на годишната манифестација Рацинови средби. Неговата беседа за Рацин е достапна тука.
  • Јуни: од печат излегува Небиднина, непосредно пред скопскиот земјотрес. Оваа книга, која ѝ дава посебно обележје на македонската современа поезија, ќе доживее четири изданија, а голем дел од песните содржани во неа ќе бидат преземени во сите понатамошни избори од поезијата на Ацо Шопов, како на македонски, така и на други јазици.
  • Песни, избор од поезијата на Ацо Шопов.
  • Ацо Шопов (за лириката) и Тодор Димитровски (за прозата) објавуваат Избор од творештвото на хрватскиот писател Мирослав Крлежа.
  • 26 јули: Скопски земјотрес. Оваа трагедија директно инспирира повеќе песни на Шопов, меѓу кои „Грозомор“, „Тажачка од онаа страна на животот” и „Август“, како и пекстот „Во пет и седумнаесет” објавен во Современост, XIII, 7−8.
  • Септември: за првпат се доделува наградата „Његош“,  највисокото југословенско признание за литература. Ацо Шопов е член на жири комисијата, со која претседава Велибор Глигориќ. Добитник е Михаило Лалиќ, за романот Лелејска гора.
  • 28 декември: Управниот одбор на Фондот „11 Октомври“ донесува одлука да ја додели наградата „11 Октомври“ за шест дела од областа на науката и уметноста создадени помеѓу 1 август 1962 и 30 јуни 1963 година. Меѓу наградените е Небиднина од Ацо Шопов.

1964

  • Ја објавува песната „Грозомор” (Гледач во пепелта, 1970), во Современост, XIV, 10.
  • Ромео и Џулиета. Хамлет. Отело, во препев на Ацо Шопов и Блаже Конески.
  • Скерлићева споменица, со избор од поезијата на Ацо Шопов, Белград.
  • Ветер приносить погожие дни (Ветрот носи убаво време), избор од поезијата на Ацо Шопов на руски, во препев на Јури Левитански.
  • Örök várakozó (Оној што вечно чека), избор од поезијата на Ацо Шопов на унгарски јазик, во препев на Фехер Ференц, Нови Сад.
  • 16 и 17 ноември: Во својство на претседател на Комисијата за преглед и одобрување за јавно прикажување на филмови при Републичкиот секретаријат за култура на СР Македонија, ги прегледува, во кино Вардар,  35-те пристигнати филмови за Првиот фестивал на аметерски филм во земјата. Сите добиваат дозвола за прикажување.

1965

  • Јуни – во Современост, XV, 6, ги објавува песните „Август“, „Златен круг на времето” и „Тажачка од онаа страна на животот“.
  • Главен уредник на списанието Современост.
  • Поезија од босанскиот поет Изет Сарајлиќ, во препев на Ацо Шопов.
  • Избор од поезијата на Јован Јовановиќ-Змај, во препев на Ацо Шопов.
  • Морето и боите, од Григор Витез, во препев на Ацо Шопов и Глигор Поповски. Илустрации од Васил Куноски.

1966

1967

  • Песни, избор од поезијата на Ацо Шопов.
  • Ја пишува „Долго доаѓање на огнот“, пристапна песна за изборот во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
  • 18 август, Ацо Шопов станува еден од четиринаесетте членови оснивачи на МАНУ. Тој е најмладиот академик.
  • Октомври: главен уредник на сатиричното списание Остен, до октомври 1968.
  • 7 ноември: присуствува на парадата на Црвениот плошдад во Москва, по повод 50-годишнината од Октомвриската револуција.

1968

  • Одговорен уредник на сатиричното списание Остен.
  • 7 март – избран за дописен член на Српската академија на науките и уметностите,  Одделение за литература и јазик (рецензија на Душан Матиќ и Десанка Максимовиќ).
  • март – ја објавува за првпат песната „Долго доаѓање на огнот” во Современост, бр. 3.
  • Септември: Јус-универзум, прва збирка сатирична поезија во Македонија.
  • Избор од поезијата на Ацо Шопов. Автор на изборот и на предговотот, Георги Старделов.
  • 60 сонети од Вилијам Шекспир, во препев на Ацо Шопов.
  • Претседател на жири комисијата на Пулскиот филмски фестивал.
  • Претседател на Сојузот на писателите на Југославија, од 1968 до 1970.

1969

  • Златен круг на времето, книга со избор од поезијата на Ацо Шопов, во која за првпат е објавена песната „Долго доаѓање на огнот“. Првото издание е со предговор на Миодраг Друговац (“Ацо Шопов или уметник на песната“) а второто, објавено истата година, со преговор на Димитар Митрев (“Ацо Шопов или поезија со трајни вредности“).
  • 1 март, именуван за главен и одговорен уредник на издавачката куќа Македонска книга.
  • 22 април, учествува на Меѓународниот митинг на поезијата организиран на Летната сцена на Тврдината Кастел во Бања Лука, заедно со Славко Михалић (Хрватска), Цирил Злобец (Словенија) и Мак Диздар (Босна и Херцеговина).
  • 25 мај: ја пишува роденденската Телеграма до Тито, од македонскиот народ, 25 години по ослободувањето.
  • Јуни: Учествува на Дванаесеттите Змаеви дечји игри во Нови Сад. Неговата беседа е објавена под наслов „Dolazim za juga” во загребското списание Umjetnost i dijete, Vol. 1, br. 3 (1969), str. 23-24.
  • 22 јули: Орден на трудот со црвено знаме (бр. 123)
  • 2 август: Ја отвара групната изложба по повод 25-годишнината од првото заседание на АСНОМ (беседа).
  • Претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Разидување со Славко Јаневски (дефинитивно по СВП).
  • Член на југословенскиот одбор за избор на план и изградба на мавзолеот на Петар Петровиќ Његош, на Ловќен, во Црна Гора.

Галерија

Фотографиите можат да бидат преземени и објавени со задолжителен копирајт: © Фондација Ацо Шопов – Поезија