Меѓународен симпозиум во чест на Шопов, УНЕСКО, 2023

Содржина на тријазичната брошура на меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов, во УНЕСКО, на 21 март 2023 година.

Во рамките на одбележувањето на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, вклучен во Календарот на јубилеи поддржани од УНЕСКО во текот на 2022 – 2023 година, на 21 март 2023 година се одржа научно-културна манифестација „Ден поезија!“. На тој начин, Светскиот ден на поезијата беше прославен во УНЕСКО во знакот на  македонскиот поет.

По свеченото отворање од страна на Генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, и Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, се одржа меѓународен симпозиум во чест на Шопов, на тема „Поезија: творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“.

Симпозиумот, кој го отвори Јасмина Шопова, потпретседателка на фондацијата Ацо Шопов – Поезија, обедини 20 учесници од 13 земји од европскиот, африканскиот и американскиот континент. Збор зедоа поети, истражувачи, преведувачи и издавачи од Италија, Канада, Луксембург, Македонија, Мексико, Полска, САД, Сенегал, Словенија, Тунис, Франција, Хрватска и Шпанија.

Во рамките на излагањата беа претставени и три нови книги на Шопов во препев на англиски, арапски и полски а беше најавен и лауреатот на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, Влада Урошевиќ.

Овој меѓународен собир беше посветен на низа актуелни прашања за поезијата, инспирирани од идеите на Ацо Шопов, хуманист и космополит, бранител на културната разноликост и човечката единственост.

Иако светот многу се промени од времето кога тој се бореше против фашизмот, како партизан, и кога работеше на изградбата на едно поправедно општество, сепак, прашањата што тој ги покрена пред повеќе од половина век се поставуваат и денес.

 

Дел од нив беа во центарот на дебатите, кои се фокусираа особено врз предизвиците со кои се среќаваат денес, и ќе се среќаваат утре, поетското творештво, литературниот превод и оптекот на поетските дела напишани на јазиците од помалите говорни подрачја.

На оваа страница се наоѓаат линкови кон излагањата на учесниците. Повеќе детали за темите се достапни во тријазичната брошура на настанот.

Прва сесија: „Што ќе ни се поетите?“ 

Од лево кон десно: Сибила Петлевски, Влада Урошевиќ, Сибелан Форестер, Катица Ќулавкова, Силвестр Клансие, Хозе-Мариа Паз-Гаго и Давид Шук. Меѓународен симпозиум во чест на Ацо Шопов. Прва сесија. 21.3.2023

Учесниците на симпозиумот го разгледаа најпрво парадоксалниот феномен на паралелното зголемување како на интересот така и на незаинтересираноста на публиката за поезијата, поставувајќи го, уште еднаш – по Хелдерлин и по многу други – прашањето „Што ќе ни се поетите?“ 

Во рамките на првата сесија, збор зедоа Влада Урошевиќ (Македонија), Сибелан Форестер (САД), Силвестр Клансие (Франција), Сибила Петлевски (Хрватска), Хозе-Мариа Паз-Гаго (Шпанија) и Давид Шук (САД), под модераторство на Катица Ќулавкова (Македонија).

Втора сесија: „Препевот како друг начин на поетско постоење“

Од лево кон десно: Дионисио Моралес, Дауда Ндиај, Фроса Пејоска-Бушро, Маќеј Кавка, Кристина Е. Крамер и Роли Грау. Меѓународен симпозиум во чест на Ацо Шопов. Втора сесија. 21.3.2023

Шопов сонуваше за „конституирање на еден општокултурен фронт за афирмација на сопствените културни вредности и за прифаќање на сите творечки дострели до кои се извишил човечкиот дух денес во светот.“ [Заговорник на љубовта, земјата и страста]. Оваа идеја беше поттик за литературните преведувачи кои учествуваат на колоквиумот да се изразат – врз основа на нивното лично искуство на посредници во размената меѓу културите – за нивната улога на чувари на културната и јазичната разноликост и делотворници во зближувањето на луѓето и културите.

Збор зедоа Дионисио Моралес (Мексико), Дауда Ндиај (Сенегал), Кристина Е. Крамер (Канада/САД), Роли Грау (САД/Словенија) и Маќеј Кавка (Полска), под модераторство на Фроса Пејоска-Бушро (ИНАЛКО, Париз).

Трета сесија: „Поезијата на дофат на сите?“

2023-UNESCO-colloque-session-3-cover-WEB

Ацо Шопов, кој најголемиот дел од својот професионален живот ѝ го посвети на издавачката дејност, јавно се бореше против сите отежнувања во процесот на производството и дистрибуцијата на книгата, изјавувајќи дека „патиштата до читателот сѐ уште се градат на еден стар и веќе неодржлив начин, а книгата се товари со давачки што најмногу тој треба да ги почувствува“ (Книгата бара непрекината грижа, не кампањски пристап, 1965). Од тие времиња до денес, издавачкиот пејзаж потполно се видоизмени, а сепак, секое објавување на поетска книга и понатаму се соочува со големи пречки поврзани со трошоците. Старите предизвици не сме ги надминале, а се трупаат нови.

Во оваа сесија, збор зедоа Џамила Межри (Тунис), Вил Еванс (САД), Ролан Кајзер (Луксембург), Ив Бержере (Франција), Миа Леконт (Италија) и Жан Портант (Луксембург), под модераторство на Јасмина Шопова.

Фото галерија од симпозиумот

Симпозиумот заврши со заклучната реч на Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите, а работниот дел од програмата на денот се заокружи со обраќањето на Бисера Костадиновска–Стојчевска, Министерка за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО на Македонија.

Потоа следеа обиколката на изложбата „Патот по кој чекорам“ и мултимедијалниот поетски перформанс „Долго доаѓање на огнот“.

Меународниот симпозиум беше дел од националната иницијатива „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.