Свечено отворање на Денот поезија во чест на Ацо Шопов

Одре Азуле и Стево Пендаровски пред свеченото отворање на Денот Поезија. УНЕСКО, 21.3.2023

На 21 март 2023 година, Светскиот ден на поезијата беше одбележан во УНЕСКО во знакот на Ацо Шопов, со научно-културниот настан под наслов „Ден поезија!

Денот беше свечено отворен од страна на Генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, и Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски. Свеченоста ја водеше Јасмина Шопова, потпретседателка на фондацијата Ацо Шопов – Поезија.

„Ми претставува големо задоволство што сте тука по овој посебен повод, на овој ден на пролетта кога, како што вели еден стих на Ацо Шопов, 'ветрот носи убаво време, вилнее, јачи во нас'“, изјави на самиот почеток од својот поздравен говор, Генералната директорка на УНЕСКО.

Потенцирајќи дека на овој ден во УНЕСКО ги одбележуваме истовремено Светскиот ден на поезијата и стогодишнината од раѓањето на еден голем, исклучителен поет чие дело во многу аспекти е сродно со идеалите на УНЕСКО, Одре Азуле продолжи: „Зашто поетот не е само оној што создава убавина, оној што го гледа она што другите не го гледаат, оној што ги надминува формализмите и кодовите – поетот е и оној што ни ја открива смислата на нештата, особено во тешките моменти. Во ужасите на Втората светска војна, како и по трагичниот земјотрес во Скопје во 1963 година, Ацо Шопов знаеше да ѝ даде живот на поезијата токму во најтешките мигови. Поетот е и оној кој, додека ни зборува за личните, интимните, посебните искуства, ни овозможува преку нив да се допреме до универзалното. Целото творештво на Шопов, длабоко вкоренето во македонската традиција и јазик, е насочено кон таа цел. Во стиховите на Шопов, можеме како неговиот крилест коњ од песната Настан на езерскиот брег, цитирам: 'Да ја откриеме родината, откривајќи го светот'.“

Генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, свечено ја отвора манифестацијата „Ден поезија! посветена на Ацо Шопов. УНЕСКО, 21.3.2023
Генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, свечено ја отвора манифестацијата „Ден поезија! посветена на Ацо Шопов. УНЕСКО, 21.3.2023

„Првата поетска вертикала на Шопов е слободата“, изјави претседателот Стево Пендаровски во својот поздравен говор кој со својот аналитичен дух и продлабочен пристап привлече големо внимание во публиката. „За време на Втората светска војна, како партизан учествуваше во создавањето на современата македонска држава, а потоа, како поет се вгради во темелите на современата македонска книжевност.“

„Втората поетска вертикала на Шопов е еднаквоста“, подвлече претседателот. „Во време кога нееднаквоста меѓу глобалниот север и југ се зголемува, се проширува, поезијата има улога на еквилибриум. „Во поезијата нема високо и средно развиени земји и земји во развој', велеше Шопов. Поезијата им дава еднакво достоинство на различните.“

„Третата поетска вертикала е човечноста. Ацо Шопов исцрта широк поетски круг во кој има доволно место за сѐ што е хумано“, нагласи Пендаровски пред да заклучи: „Во една прилика Ацо Шопов истакна дека 'поезијата е една од најсуштинските човекови одредби, нешто што историски се раѓа и живее со него па затоа нејзиното одречување значи одречување на човекот како човек'. И со тоа самиот ни ја разреши дилемата. На нашето време поезијата му е потребна повеќе од било кога порано.“

Прочитајте го целосното обраќање на Стево Пендаровски

Поздравен говор на Претседателот Стево Пендаровски на свеченото отворање на манифестацијата „Ден поезија!“ во чест на Ацо Шопов. УНЕСКО, 21.3.2023
Поздравен говор на Претседателот Стево Пендаровски на свеченото отворање на манифестацијата „Ден поезија!“ во чест на Ацо Шопов. УНЕСКО, 21.3.2023

Фото галерија од свеченото отворање

На свеченото отворање со краток анимиран запис беше најавен и омнибусот Небиднина, четири анимирани филмови инспирирани од песни на Шопов, со кој на 10 август 2023 година се отвори третото издание на Филмскиот фестивал Флипбук во Скопје.

По свеченото отворање на Денот поезија следеше меѓународен симпозиум во чест на Ацо Шопов, на тема „Поезија: творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“, кој обедини 20 учесници од 13 земји од европскиот, африканскиот и американскиот континент.

Денот поезија заврши со поезија! По обиколката на изложбата „Патот по кој чекорам“, поезијата на Шопов прозвучи на десетина јазици во мултимедијалниот поетски перформанс „Долго доаѓање на огнот“.