Also available in: English
Ацо Шопов: Блискоста е нашето најголемо богатство
Македонскиот поет Ацо Шопов и неговата сопруга Светлана неодамна беа во посета на Летонија. Од нашите долги разговори ги извлекуваме за објава главните моменти. Кнутс Скуениекс, Literatūra un māksla, 24.8.1978.
К.СКУЕНИЕКС: Зошто дојдовте во Летонија на ваков дискретен и незабележлив начин?
С. ШОПОВА: Главната намера на ова наше патување е одмор и лечење. Покрај тоа, сакавме да откриеме една нова земја, но без формални дочеци и пречеци, туку инкогнито.
К.С. И? Како изгледа таквото патување?
A. ШОПОВ: Добро се одморивме, иако беше студено... Но можеби е подобро така, барем не мора да се плашме од жештини (1). А колку беше инкогнито, тоа е друго прашање. Се испостави дека од келнерката до управителот на музејот и моите летонски колеги, сите веќе ги знаат моите песни во летонски препев! Испаѓа дека сум дошол кај познаници и пријатели.
К. С. Вашата збирка на летонски, Ugunsmilestība (Љубовта на огнот), содржи избор од Вашата поезија до 1970 година. Што се случи понатаму на поетски план?
А. Ш. Ја објавив книгата Песна на црната жена, која главно содржи впечатоци од Африка. Збирката ја напишав за време на мојата дипломатска мисија во Сенегал.
К. С. Имате ли нешто друго на ум?
С. С. Горенаведената книга содржи песни за Африка во кои се чувствува носталгија за Југославија, а во песните што Ацо сега ги пишува, процесот е обратен. Новата книга сè уште не е сосема завршена.
К. С. Африка Југославија, Југославија Африка... Местото на поетот е, како што вели една ваша народна песна, на чардак „ни на небо ни на земја“. Дали би можело така да се каже?
С. Ш. и А.Ш. Секако!
К. С. „Црно сонце“, „Гледач во пепелта“, „Долго доаѓање на огнот“ – Вашата поезија има длабок драматичен, дури и трагичен тон. Под претпоставка дека овие мотиви содржат лични искуства, сепак со тоа не се исцрпува Вашиот светоглед. Постои ли некоја друга врска меѓу вас и светот и која?
А. Ш. Би рекол: македонскиот фолклор и македонската историја.
К. С. Сега би сакал да поставам прашање директно до Светлана Шопова. Вие сте, како што разбрав, професор по литература. Какво е влијанието на фолклорот врз македонската литература?
С. Ш. Исклучително големо. Вистинскиот развој на нашата литература се случи дури по војната, во 1950-те, при што се искристализира и македонската нација. За првата генерација поети – Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов – народната песна е главен извор како од аспект на темите, така и на проблематиките и на стилот. Националниот поглед на светот и етичките идеали се совпаѓаат со движењето на антифашистичкиот отпор, воспоставувањето на народната власт во Југославија, градењето на културата и развојот на македонската уметничка литература.
К. С. Судејќи по меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери“, тоа градење на културата кај вас е многу успешно изведено. Струшкиот фестивал стана реномиран европски форум. Како успеавте во тоа?
А. Ш. На почетокот, мала група македонски писатели – професорот Харлампие Поленаковиќ, прозаистите Јован Срезовски (моментално директор на Организациониот комитет на Струшките вечери) и Коце Солунски, и поетите Блаже Конески и јас организиравме настан по повод 100 години од објавувањето на зборникот народни песни на нашите класици, браќата Димитар и Константин Миладинови. Тоа беше мал настан од локално значење, но набргу израсна во традиционален настан, прво на југославенско, а потоа и на eвропско и на светско ниво.
К. С. Еден мал град стана Мека на поезијата, Пепелашка се претвори во принцеза. Кој ви помага да организирате така значаен настан?
А. Ш. Дел од средствата ги дава македонската влада, тука е и Фондот на Струшките вечери, а голема економска поддршка ни даваат и специјализирани производствени компании. Но, сите работиме со иста цел: да се издигне македонската литература и нејзиниот престиж. Секоја година во Струга се наградуваат светски поети со „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата“. Меѓу лауреатите се: Пабло Неруда, Булат Окуџава, Фазил Хисни Дагларџа, Рафаел Алберти, Леополд Седар Сенгор, Артур Лундквист, Еуџенио Монтале и многу други.
К. С. Без да ги заборавиме, се разбира, и македонските поети!
А. Ш. Секако. Секоја година се доделуваат и неколку национални награди за најдобра поетска книга, за најдобар препев (на и од македонски), за поезија за деца.
К. С. Своевремено, Имант Аузињш малку нè просветли на ова поле. Сепак, Струга нè повикува на едно пошироко размислување. Да дознаеме малку повеќе за македонската литература, онаква каква што е денес. Во Летонија таа не е позната. Светлана, што можете да ни кажете за неа? Како се развива жанровски? Со кои проблеми се соочува?
С. Ш. Веќе ја спомнавме првата генерација поети. Вистина е дека уметничката литературата започнала пред војната, но многу нејзини претставници загинале во војната. Во моментов, Aцo и неговите другари веќе се еден вид патријарси и класици. Следната генерација поети, како Радован Павловски и Богомил Ѓузел, се прилично тесно поврзани со претходната. Тие го развиваат, конкретизираат и усовршуваат она што е веќе започнато на полето на националното битие, татковината и човечкото битие. Третата генерација – Ристо Лазаров, Ефтим Клетников и Шопов јуниор, поточно Владимир Шопов – е мошне различна од двете претходни. Тие не се задоволуваат со традицијата и се во потрага по нов модел. Ќе видиме какви ќе бидат резултатите. Генерално, поезијата е најсилниот жанр кај нас, но имаме исто така и интересни прозаисти, како Живко Чинго и Јован Срезовски, и писателот за деца Видое Подгорец. Златната доба на македоската проза допрва претстои. Истото важи и за драмската уметност. Литературната критика се развива интензивно особено на полето на поезијата. Би можеле да ги цитираме Димитар Митрев и Георги Старделов.
К. С. Гледано однадвор, многу патишта на развојот на македонската литература потсетуваат на историјата на летонската литература. Книгата на Блаже Конески За македонскиот литературен јазик издадена во 1952 година, силно потсетува на Јури Алунану. Иако станува збор за различни времиња и динамики! А пропо, дали успеавте да се запознаете со летонската литература?
А. Ш. Не во доволна мера за да можам да судам. Но ми се чини дека е интересна и дека заслужува да им биде позната на македонските читатели. Воодушевен сум и ми се допаѓа летонската народна песна. Таа за мене претставува неочекуван и филозофски длабок свет.
С. Ш. Со необични метафори и персонификации, и со многу хумор.
К. С. Дали би сакале повторно да дојдете кај нас во Летонија?
А. Ш. Тешко е да се каже и предвиди, но јас секако би сакал.
Сигурно ќе ја искористиме секоја прилика за да испратиме наши колеги и да ја започнеме и развиеме работата на зближувањето на нашите култури. Блискоста е нашето најголемо богатство.
Интервју на Ацо Шопов со Кнутс Скуениекс (1936-2022), летонски поет и новинар, кој препеа обемен избор од поезијата на Ацо Шопов на летонски, под наслов Ugnus-milestiba (Љубовта на огнот), во 1974.
Интервјуто е објавено на летонски во Literatūra un māksla (Литература и уметност), на 24.8.1978. Написот содржи и препев на две нови песни од Шопов напишани во Сенегал: „Жена во ивернажот“ и „Пред расцутување на фланбоајаните“.
1) Алузија на претходниот долг престој во Африка.
Превод: Јасмина Шопова
Разговорот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.