Also available in: English French

Ден поезија! Посветен на Шопов во УНЕСКО

Стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов беше чествувана во соработка со УНЕСКО, на 21 март 2023 година, во седиштето на Меѓународната организација во Париз, Сала II.

Настани во чест на Шопов во УНЕСКО. Видете ја целодневната програма.

Во 2021 година, Генералната конференција на УНЕСКО, на својата 41. седница, одлучи да го вклучи одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов, во Календарот на јубилетите за 2023-2024 година. Македонскиот предлог за одбележување на јубилејот на Шопов го поддржаа пред Генералната конференција Босна и Херцеговина, Франција, Луксембург, Романија, Србија, Словенија, Тунис, Хрватска и Црна Гора.

Во 2023 година, Светскиот ден на поезијата, 21 март, се одви под знакот на Шопов, во седиштето на УНЕСКО, во Париз. На свеченото отворање на манифестацијата „Ден поезија!“ на публиката и учесниците им се обратија Генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, и Претседателот Стево Пендаровски.

По свеченото отворање следеше меѓународен симпозиум во чест на Ацо Шопов, на тема „Поезија: творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“, кој обедини 20 учесници од 13 земји од европскиот, африканскиот и американскиот континент. Во текот на симпозиумот беа промовирани и три книги на Шопов во препев на англиски, арапски и полски.

По симпозиумот, публиката беше поканета на обиколка на тријазичната изложбата „Патот по кој чекорам“ за творечкиот пат на Ацо Шопов, пред да го проследи повеќејазичниот мултимедијален поетски перформанс „Долго доаѓање на огнот”, во изведба на актерите Жан Петреман и Никола Ристановски, Дуото СолиПс (флејта, гитара) и Дијана Томиќ Радевска (дизајн), по сценарио на Јасмина Шопова.

Ова целодневно чествување на Шопов во УНЕСКО се одржа во рамките на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.