Денови на поезијата, 2026
Од 14 до 16 мај 2026 година, Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ го организира третото издание на Деновите на поезијата, во Скопје Сити Мол, продолжувајќи да гради мостови меѓу поетските генерации: од основоположниците, преку афирмираните автори, до најмладите гласови кои допрва ги обликуваат идните хоризонти на македонската поезија.
Манифестацијата и годинава започнува со одбележување на значајни јубилеи: Васил Куноски и Волче Наумчески (родени 1916), Блаже Конески (1921), Видое Видичевски, Илхами Емин, Анте Поповски, Љупчо Стојменски и Љубен Ташковски (1931), Петар Т. Бошковски и Михаил Ренџов (1936), Светлана Христова-Јоциќ (1941), Атанас Вангелов и Васил Пујовски (1946).
Во текот на Деновите на поезијата, ги одбележуваме и јубилејните родендени на Јован Стрезовски (95), Иван Чаповски (90), Ефтим Клетников (80), Катица Ќулавкова и Ванчо Полазаревски (75), и Гордана Јовиќ-Стојковска (65).
Современите македонски поети, меѓу кои се и Лира Бојку, Ристо Василевски, Вероника Димоска, Саранда Мехмеди, Нино Наумовски, Елена Пренџова, Михајло Свидерски, Милена Силјаноска, Стефан Спасовски, Виолета Танчева-Златева и Лејла Шериф Емин учествуваат во настаните „Во дослух со Шопов“, „Поети и препеви“ и „Ново раѓање на зборот“.
Надвор од националните граници, годинава почесна гостинка на Деновите е Дорис Карева од Естонија, која се вбројува во најзначајните европски поети денес.
Музиката исто така има видно место во програмата, со настапот на ПОЕТРОНИКА под наслов: „Кон Ацо Шопов“, во Синеплекс.
Годинава се навршуваат и 55 години од првото издание на „Златно славејче“, како и 90 години од раѓањето на Александар Џамбазов, кој заедно со Васил Пујовски го иницираше овој фестивал. Затоа, во сабота 16 мај, поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов-Поезија“ и Скопје Сити Мол се претвора во еден прекрасен поетски и музички лавиринт, низ кој публиката ја води Игор Џамбазов.
Предвидена е и интерактивна програма во која учествуваат ученици од основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“.
Голем број деца од целата земја се очекуваат и на Државниот рецитаториски натпревар за ученици од основно и средно образование кој ќе се одржи во рамките на Деновите на поезијата, во Синеплекс.
Деновите се завршуваат традиционално со најновата поетска генерација. Овојпат, во чест на Анте Поповски, поканети се млади добтници на наградите кои го носат неговото име.
- Програма на Деновите
- Јубилари и учесници
- Моменти од отворањето
- Во дослух со Шопов
- Поети и препеви
- Државен рецитаториски натпревар
- Сакам светот да е песна
- Ново раѓање на зборот
- Сите сме поети