Поетот треба да ги разбуди зборовите
Станува збор за зборот, за неговата секогаш објаснувана и никогаш објаснета моќ за миг да ни ја подотвори вратата на еден свет на чудна убавина и ред, а потоа, речиси во исто време, да нè врати назад во животот кој привидно и понатаму тече со својот хаотичен тек. Во тој миг, како во грозоморен вител, што има вкус на змијогрозд во устата и наликува на апеж во крвта, сите нешта се собираат и сите исчезнуваат.
Поетот е во песната како во студена пештера, како во непрегледна шума каде што, наместо дрвја, лежат огромни, расфрлани и скаменети зборови. Тој е оној што треба да ги спаси од смртта, да ги разбуди од скаменетиот сон, да ја оживее шумата, за да почне дрвјето да оди. Често тој успева во тоа, а можеби уште почесто стои во неа, во таа шума, збунет и беспомошен, попусто повикувајќи ги да му помогнат во очајот поранешните поетски искуства. Попусто, зашто секоја песна е едно посебно откритие, едно посебно поетско сознание што не може да се повтори ако е веќе еднаш доловено.
И така од песна во песна. Штотуку ќе се затвори еден круг, треба да се отвори нов. И секогаш едно исто проклето прашање: како?
Текстот е објавен на српскохрватски во Књижевне новине, Белград, на 1.3.1969, бр. 348, стр. 9. На таа страница се наоѓа и песната „Грозомор“ во препев на Сретен Перовиќ, како и написите „Отворена песна“, од Александар Ристовиќ, „Кон прабитието на песната“, од Миодраг Друговац и „Симбол на нашиот свет“, од Миланка Илиќ, студентка по стоматологија. Оригиналниoт машинопис се наоѓа во Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ92.
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.