Како говорот глувонемите

Ние сме невозможност дивна.
Хармонија од рогати нежности,
Невина, мала моја Невина.
Нешто ме уапа безболно, нешто со крик стивна.
Тоа од твоите зaби
паѓа смрзната синевина.

Смешно. Смешни. И лисјето се кикотат.
Исплазени јазици на багремите.
И никој – само ние ја сфаќаме смислата
на сета таа бесмисленост.

Како говорот глувонемите.

Ацо ШоповВетрот носи убаво време, 1957
Песната за првпат е објавена во списанието Современост, VI, бр 6, јуни 1956, стр. 435.

Во повеќе избори од поезијата на Шопов, на македонски или во превод, се појавуваат грешки во насловот и последниот стих на оваа песна, кои ја пореметуваат нејзината смисла. Најчестите грешки –„Како говорот на глувонемите” или „Како говорат глувонемите” – укажуваат на тоа дека приредувачите/издавачите/препејувачите не ја доловиле поентата на песната.