Елегија за кралицата од Саба

(фрагмент)

Светлоста си поигрува по мермерот на твојата кожа
A jас со вжарени колена клечам пред тебе, статуо моја излеана во лава, со срце од црвен песочник:
Кожата твоја – бронза модра ко ноќ модра под месечина, со боја и мирис на палмино масло
Пазувите твои – грмушки во кои чади темјанот на мојата љубов.
Се сеќавам на твоето тело, сето насмев и коприна, кога нежност го опсипа, ах!
На работ од блажената бездна, се сеќавам на твоето тело, сето кадифе и крзно, на руното во твојата сенчеста долина под сенката на светиот ‘рт.
Ми се насмевне ли – сите мои снегови под априлско сонце се топат
Ми го отвори ли срцето – се фрлам во него стрмоглаво ко орел врз младо јагне.
Ти си моја света гора, храм табернакул, ти си мој мост од лијани, палма. Ги изодев сите складни свиоци на мојот мост
И сега, со поглед нурнат во тебе, зграпчен за твоите колкови
Се искачувам по тебе, мила, по моите небесни скали
да ги наберам плодовите на мојата градина.
А кога во преграб ќе ме земеш и ме замeлуши твојот здив со мирис на зрела гојава
Тогаш ќе се роди песна: нов свет во пасхална среќа.
Да! ме целива со бакнежи на усните свои
Црната и убава ерусалимска ќерка.

Леополд Седар Сенгор, Виши елегии, 1979
Препев од француски: Јасмина Шопова, Сенгор – Шопов: Паралели, 2006

Гојава: Тропски сочен и сладок плод.