Also available in: English French Serbian

ЛИРСКИОТ ДОМ НА АЦО ШОПОВ

Се наоѓате во Лирскиот дом на Ацо Шопов,  повеќејазична веб-локација којашто нуди панорама во зборови и слики на животот и делото на македонскиот поет.

Идејатата за еден ваков виртуален и динамичен музеј се роди во 2012 година кога се објави двојазичниот избор од неговата поезија на француски и германси јазик под наслов Soleil noir/Schwarze Sonne. Иницијативата дојде од издавачот, Ролан Кајзер, директор на издавачката куќа PHI од Луксамбург, и Јасмина Шопова, ќерка на поетот, толкувач и преведувач на неговата поезија.

Ацо Шопов, роден во Штип во 1923 година е еден од основоположниците на современата македонска поезија, кој се вбројува во редот на најеминентните поети на југоисточна Европа во дваесеттиот век. По долгогодишно боледување, тој почина во Скопје, во 1982 година.

Во просториите на Лирскиot дом продолжува да живее неговото дело.

„Ако постои поетски фатализам, тогаш јас сум еден од неговите најголми поклоници”

Ацо Шопов

Витрината содржи кратка биогрaфија на Шопов, додека детални информации и илустрации се наоѓаат во просторијата насловена според една изјава на поетот: „Патот по кој чекорам“.

Библиотеката ги содржи неговите оригинални и преведени книги, како и книгите што тој ги превел на македонски и изданијата што му се посветени.

Во Читалницата се наоѓаат речиси сите негови објавени песни, како и избор од ракописи, преводи и препеви, разговори, статии и искажувања. Во неа можете да прочитате и голем број толкувања на неговото творештво.

Во просторијата наречена Инспирации се изложени уметнички портрети на Шопов, како и ликовни дела инспирирани од неговото творештво, во различни гранки на уметноста.

Посебен простор им е наменет за Настаните поврзани со Ацо Шопов во неговиот Лирски дом. Во него се прикажани информации и фотографии од тие моменти на дружење со неговата поезија кои го одржуваат жив споменот за него.

Во Лирскиот дом можете и да купите книга во Книжарницата и да ги запознаете Пријателите на Ацо Шопов вон Македонија, а посебно катче имаат и добитниците на наградата Ацо Шопов, што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува секоја година за најдобрата збирка објавена претходната година.

Лирскиот дом го обликува и исполнува со содржини фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ која има за цел да го негува и промовира творештвото на Ацо Шопов и да го возобновува интересот за македонската поезија и култура, особено кај младата публика во земјата и надвор од неа.

Тој постои во повеќе јазични верзии чии содржини зависат од достапните материјали на дадените јазици. „Перманентно градилиште“, Лирскиот дом се збогатува со нови содржини со текот на времето.

Oбјавениот архивски материјал во Лирскиот дом на Ацо Шопов доаѓа од личните фондови на Светлана Шопова, сопруга, Владимир Шопов (1948-2000), син на поетот, и „Фондот Ацо Шопов” во Архивот „Харалампие Поленаковиќ“, МАНУ, кој ни овозможи да ги дигитализираме и објавиме.

За потребите на оваа веб-локација Македонската радиотелевизија (МРТ) дигитализираше голем број емисии посветени на Шопов и на тој начин значително ја збогати колекцијата на Видеотеката на неговиот Лирски дом.

Народната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски”, Скопје, ни стави на располагање голем број исцрпени изданија кои се сега достапни во Библиотеката на Лирскиот дом, додека НУУБ – Битола, скенираше дел од написите за Шопов што се наоѓаат во Читалницата.

Во 2016 год., Министерството за Култура на Република Македонија  го финансираше поголемиот дел од преводите на англиски и на руски јазик на оваа веб-локација.

Благодарност до сите нив.

 

Фотографиите во Лирскиот дом на Ацо Шопов можат да бидат преземени и објавени со задолжителен копирајт: © Фондација Ацо Шопов - Поезија

Лирскиот дом на Ацо Шопов беше промовиран на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, на 8 октомври 2014 год. Повеќе информаци за промоцијата ќе најдете тука, како и во репортажата на Неда Бакевска за ТВ Телма. Реакции во медиумите: Daily.mk и Time.mk