Телото е неподвижно а крвта не мирува

Телото е неподвижно, а крвта не мирува,
крвта удира по вените скаменети
и се распрснува во илјади капки.
Капките се дробат во ситна црвена прав
што беснее низ телото ко метежна виулица,
па стојам прикован од притаена надеж или од некоја исконска страв.
Како ќе заврши, господи, оваа невидена битка,
целото тело што го прекршува и што го витка,
оваа битка меѓу крв и камен, меѓу камен и крв?
Но црвената метежна вијулица на крвта избувнува во пламен,
ко пожар се пробива низ вените скаменети
и се искачува на светскиот Исар на неговиот највисок врв. 

Од врвот на светскиот Исар го гледа сиот свет:
Телото на светот е измачено од црносиви сништа пепелишта
но неговата крв удира по вените од сите страни,
ги длаби старите и отвора нови рани.
Крвта на светот страшен ветар станува
и на старото тело со одмазда му се закануна.
Како ќе заврши, господи, оваа невидена битка
целото тело на светот што го пресвиткува и што го витка
го руши телото на светот неподвижно и измачено од црносиви сништа-пепелишта
и гори ко оган над сите вишини и новородени светилишта.

Телото е неподвижно, а крвта не мирува,
Крвта својот страотен пир го пирува.

Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980
Оригиналниот машинопис со аврографски дополнувања 1 лист архивската граѓа на Фондацијата Ацо Шопов – Поезија. Прочистен машинопис се наоѓа во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К1 АЕ34