Also available in: English French

Тажачка од онаа страна на животот

Се искачив над врвот од болот.
Човек сум. А што е човек?
Пред мене празнина, зад мене празнина.
Празнина што сама се пали.

Од онаа страна на животот,
жив распнат со слепи јазли.
Се искачив над врвот од болот.
Тој ден. Црнден. По црни скали.

Се искачив над врвот од болот.
Од онаа страна на животот
од онаа страна на себе си,
на сè неизговорено,
сè што е недогорено,
од онаа страна на водата,
од онаа страна на врутокот,
од онаа страна на коренот.

Стопи се грутко, истечи водо,
прелеј се чашо лелејска
за сите градови во овој град,
за сите црнини во оваа црнина.
Кажете кого да обвинувам.
Кого да жалам, кажете!
О дете што те нема —
мојата црнина твоја прегрнина,

Мојата црнина твоја прегрнина,
твојата темнина моја подземнина.
Земјо олелио, земјо пустелио,
од мртов плач израсната
земјо обѕрни се, земјо разгрни се.
Земи ја оваа зеница
земи ја оваа пшеница
на твоја дланка згасната.

Земи ме, земјо, или врати ме,
врати ме подолу од овој врв,
подолу од онаа страна на животот,
човечки сили дај ми пак.
О земјо, на земја врати ме.
Човек сум, човек да страдам,
да најдам камен жив да се вградам
на некој мост во некој лак.

Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970
Инспирирана од скопскиот земјотрес (јули 1963 год.), песната е објавена во Современост, XV, 6, 1965, а потоа во Раѓање на зборот, 1966, и во Златен круг на времето, 1969

Прочитајте го текстот на Шопов „Во пет и седумнаесет”.

Толкувањa на песната

Рано наутро, на 26 јули 1963  – годинаta кога беше објавена Небиднина – градот Скопјe беше погоден од катастрофален земјотрес. Над илјада луѓе беа убиени, неколку илјади беа повредени, а над сто илјади останаа без покрив над главата. Шопов одговори на катастрофата со некои од неговите најмоќни песни, вклучувајќи ги „Грозомор“, „Август“ и „Тажачка од онаа страна на животот“. [...] Сепак, најнепосредниот литературен одговор на поетот беше прозниот текст „Во пет и седумнаесет“, објавен во македонскиот и југословенскиот печат набргу по земјотресот. – Роули Грау и Кристина Е. Крамер, „Огнот е Тука е тој оган: Долгото патување на Ацо Шопов