Also available in: English French

Го барам својот глас

Го барам својот глас во молкот див на морето,
оно се скаменува.
Во жолтата пустина на есента го барам,
она зазеленува.
Моите раце не се мои раце
(моите раце се прсти на месечината).
Моите очи не се мои очи
(моите очи, очи за далечината).
Мојот збор е тврда вилица на времето
што ‘рти по нивјето со заби на семето.

Толкувањa на песната

Во стихот „што ‘рти по нивјето со заби на семето.“, Шопов веројатно алудира на грчкиот мит за Кадмо, кој го убил змејот и ги посеал неговите заби во земјата, од кои потоа никнале „посеани“ жестоки вооружени луѓе. Кадмо успеал да ги натера да се нападнат меѓусебно сè додека не останале само петмина живи. Со нив тој го основал градот Теба. Постојат две причини поради кои Шопов можеби особено се заинтересирал за митот на Кадмо: прво, затоа што на Кадмо му се припишува пронаоѓањето на азбуката, и второ, затоа што се вели дека во подоцнежните години патувал до Илирија, каде што го основал градот Лихнидос, денешниот Охрид.— Роули Грау и Кристина Е. Крамер, „Белешки за песните“, во The Long Coming of the Fire (Долго доаѓање на огнот), 2023

Толкувањa на песната

Извонредна творечка сконцентрисаност […] моќ на еден внатрешен интензитет […] моќ на лирска згуснатост и синтезираност […] суптилни, па и церебрални експресии и опсервации. – Димитар Митрев, во Поезија на трајни вредности

Во песната „Го барам својот глас“ среќаваме една декомпонирана поетска мисла што нè оневозможува песната да ја почуствуваме како каква било завршена целост. – Милан Ѓурчинов, во Поезија зад стаклениот ѕид