Ако сведнам понекогаш глава

Ако сведнам понекогаш глава,
понекогаш ако паднам в чмај,
и во мртви зеници се јават
мртва тага и злослутен сјај,–

о, не мисли осамена да си!
Радост носам исто ко и ти, –
тоа само ко ехо се гласил
некој спомен од детските дни.

И не иди! Не теши ме милно!
Сам ќе мине овој облак лош,
и очите ќе ми светнат силно
окапени во смеа и дожд!

Ацо Шопов, Стихови за маката и радоста, 1952