Сирано де Бержерак во македонски препев на Ацо Шопов

Скопје: Кочо Рацин, 1957, 393 стр.

Прво издание на Сирано де Бержерак во препев на Ацо Шопов, 1957

Сирано де Бержерак во превод на Ацо Шопов „со право може да се смета во редот на најубавото што е преведено кај нас”, пишува мекдонскиот театролог Иван Ивановски, додека Паскал Гилевски смета дека овој препев на Шопов е „вистински  триумф на македонската версификација“.

„Една од главните вредности на оригиналот, што е и основна формална вредност на францускиот класицизам (кај Корнеј, Расин, Молиер итн.), римата, Шопов исто така ќе ја земе како суштествена состојка и во таа смисла ќе постигне такви сјајни резултати, што означуваат вистински триумф на македонската версификација“, пишува тој во освртот „Препевите на Шопов“, во 2005 година.

„Само за употребата на римата во овој препев може да се напише еден цел голем есеј. Но, римата сама по себе не би го постигнала таквиот впечатлив ефект, ако Шопов не ја ставеше на вистинското место и во вистинското ритмичко единство. Големата вредност и оригиналност на Шопов е, меѓу другото, дека на основниот александриски стих на оригиналот, познатиот дванаестерец, со природниот јамб што го овозможува францускиот јазик, му вдахновува македонски дух, суптилно и елегантно го варира, со повремена употреба на други метрички стапки, особено на трохеј, што е најблизок до нашиот јазик, но и на дактил, амфибрах итн.


Препевот на Шопов на Сирано де Бержерак е повторно издаден во Детска радост, 1995 година.

Претставата е изведена на сцената на Битолскиот театар во 1991 година, во режија на Љубиша Георгиевски, и во 2016 година, во режија на Дејан Пројковски.