Also available in: French
Aco Šopov: Anthologie personnelle Actes Sud / Éditions UNESCO, 1994
Превод: Јасмина Шопова. Препев: Едуар Моник
„Поезијата − а особено оваа поезија − нè извлекува од времето и просторот, за на мистериозен начин да нè укотви во траењето и во местата“, пишува Федерико Мајор, Генерален директор на УНЕСКО, во писмото што го упати до Јасмина Шопова, по повод објавувањето на обемниот избор од поезијата на Ацо Шопов, објавен на француски под наслов Anthologie personnelle (Во личен избор), во Колекцијата „Репрезентативни дела“ на УНЕСКО, во коиздание со Actes Sud.
„Со сета своја јарост, не помалку интензивна од нежноста што под неа се крие, оваа поезија е збор на вистината упатен до најинтимното во нас. Колку со својот раскошен блескот, толку и во својот трепетлив ореол, таа е светлост што ни го покажува патот и ни нуди утеха во секојдневието“, забележува Мајор.
„Ацо Шопов им припаѓа на оние поети што ни укажуваат дека, покрај пораката што ни ја пренесуваат во името на нивните народи – а секој народ има потреба од поезија за да му ја пренесе на светот суштината на својот идентитет – постои и личната потрага по универзалните вредности што се во основата на поетскиот чин“, пишува по истиот повод Фернандо Аинса, тогашен директор на Колекцијата „Репрезентативни дела“ на УНЕСКО, која стана, според зборовите на овој шпанско-уругвајски писател, „новиот дом на делото на Ацо Шoпoв. На тој начин македонската поезија го зазема местото што го заслужува во контекстот на светската литература, со посредство на еден широко распространет јазик каков што е францускиот“.
„Објавувајќи избор од поезијата на македонскиот поет Ацо Шопов, издавачката куќа Actes Sud го раскрчи патот кон еден свет што нам во Франција ни беше непознат“, забележува Сабин Весписер, уредник на книгата Anthologie personnelle од Ацо Шопов. „Факт е дека францускиот политички пејсаж многу се разликува од македонскиот или балканскиот, и дека поради тоа и поетските преокупации се различни. Во Франција постои тенденција кон минимализмот. Објавувајќи поезија со длабочината и мистеризноста што го одликуваат творештвото на Шопов, можеме да се надеваме дека таа ќе повлијае врз француските поети отварајќи пред нив нови простори. Одличниот прием на неговата книга во Франција се должи колку на универзалната нота во неговата поезија, толку и на неговата посебност на современ македонски поет“, изјави Весписер во документарниот филм на Виолета Џолева: „Овенчан со вечноста”, (МТВ, 2002).
„Она што осебено ме привлекува во поезијата на Ацо Шопов, и што ме вознемирува, тоа е неговото покорно, непрестано и многу луцидно ослушнување на она што тој го нарекува 'крв', изјави францускиот поет Ив Бержере во истиот документарен филм. „Таа крв за мене не е крв на одмаздата, на граѓанските војни, на конфликтите. Тоа е шекспировска крв. Тоа е крвта на зборот, на оној непрестан жубор на човечкиот простор. Со епска храброст и скромност, поетот-градител со свои раце, камен врз камен, создава простор не на одговори, туку на прашања, на анализи, на поетски претпоставки. Неговата поезија е истовремено модерна и, како во древноста, епски величенствена“.
Anthologie personnelle го презема речиси во целост изборот што Ацо Шопов лично го направи пред својата смрт и го објави под наслов Лузна, во 1981 година.
Во препев на маврицијанскиот франкофонски поет Едуар Ж. Моник, во соработка со Јасмина Шопова, изборот содржи 80 песни од Шопов, од Слеј се со тишината до Дрво на ридот. Препеаните песни се достапни на француската верзија на оваа иста страница.
Предговорот е од Анте Поповски, а поговорот од Едуар Ж. Моник.