Also available in: French
Сенгор – Шопов: Паралели
Приредила: Јасмина Шопова. Скопје, Сигмапрес, 2006
Ова двојазично француско-македонско издание е објавено по повод одбележувањето на Годината Сенгор во Македонија (2006). Содржи избор од педесетина песни од сенегалскиот и македонскиот поет, кои се преплетуваат, ткаејќи меѓу себе нераскинливи нитки. Пишувани во текот на четириесетина години, во најголем дел во времето кога Сенгор и Шопов не се познавале, тие ја разоткриваат длабоката сродност помеѓу нивните автори.
Покрај воведот од Јасмина Шопова (Во потрага по светот на убавината), книгата содржи и текстови од Сенегалецот Амиду Сал (Поетски средби) и од македонскиот поет Ристо Лазаров (Епистоларни сеќавања), кои укажуваат на творечките и пријателските врски помеѓу двајцата поети. Илустрациите се од македонскиот академски сликар Христијан Санев.
„Основниот лајт-мотив на толкувачкиот праксис на Јасмина Шопова во оваа книга е идејата за совпаѓањето или за творечките коинциденции”, пишува Катица Ќулавкова во „Задоволство во читањето”, нејзиното обраќање на промоцијата на книгата на 23 октомври 2006 година. „Најголем дел од сличностите на коишто таа укажува се настанати во период кога двајцата автори не се познаваат и кога немаат информации еден за друг, односно кога не се создадени услови за евентуално непосредно влијание и рецепција на едната во/со другата поезија. Се работи за период од 40 години творештво, кога поетите работат одделно и без било каква меѓусебна комуникација […] Селекцијата, класификацијата, наизменичната диспозиција на песните на Сенгор и Шопов, се така умешно приредени што тие се толкуваат самите една со друга, односно веќе се интертолкување, внатрешна или иманентна интерпретација.”
Поголемиот дел од препевите на Сенгор објавени во оваа книга му ги должиме на Ацо Шопов кој направи голем избор од неговата поезија за време на неговиот престој во Сенегал во својство на амбасадор на СФРЈ (1971-1975). Неговите преводи на Сенгор за првпат беа објавени во колекцијата на лауреатите на Струшките вечери на поезијата во 1975 година, под наслов Поезија.
Педесет години подоцна, во 2025 година, на отворањето на Деновите на поезијата во Скопје, се одржа поетски перформанс изведен од оваа книга, под наслов Сенгор – Шопов: Паралели со допирни точки. По сценарио на Јасмина Шопова, и со музичка придружба на Петар Ренџов, улогите на Сенгор и Шопов ги играа Никола Ристановски и Игор Џамбазов.