Ацо Шопов: Раѓањето на зборот

Избор и предговор: Катица Ќулавкова. Битола, Микена, 2008

Раѓањето на зборот е избор од поезијата на Ацо Шопов подготвен од страна на Катица Ќулавкова, во издание на Микена, Битола, во 2008 година.

Во опширниот предговор под наслов „Завештанијата на Шопов“, Ќулавкова го посматра творештвото на Шопов Ацо низ перспективата на „сегашната, постшоповска констелација во којашто се наоѓа македонската поезија“, пред да заклучи: „Верувам дека поетската книга Небиднина на Ацо Шопов не е создадена случајно, токму во времето кога македонската книжевност и македонската култура доживуваат своја творечка експанзија и процвет, како ретко кога во историјата. Верувам дека Ацо Шопов се има „зближено со своето време“ токму преку поетската реч. Неговата поезија може да се дефинира заправо како средба со времето, и она време што поетот го препознава како Свое, и она време кое Него го доживува како Свој поет. Веројатно во оваа насока и треба да ја одгатнуваме смислата на неговиот исказ 'Таа потрага по зборот е потреба на поетот да се зближи со своето време. Оттука искрснуваат сите тешкотии и сите убавини на поетското творење“ [Поетот е постојано во потрага по зборот]. Шопов се зближи до своето време толку многу, што на идните генерации ќе им биде тешко да го одгатнат тоа негово време без големите метафори на македонската Модерна што ги наследивме од Ацо Шопов: метафорите на небиднината, на црното сонце и на раѓањето на зборот“.

Во 2011 година, оваа книга е објавена на англиски по наслов The Word’s Nativity, во издание на НУБ Свети Климент Охридски.