Also available in:
Шопов и Минати
Магистерски труд
Магистерскиот труд „Свртувањето кон интимното во македонските и словенечките повоени лирски дела: Шопов и Минати (1945–1965)“ се занимава со повоената македонска и словенечка поезија, поточно со интимизмот како книжевна појава, односно насока која се појавува речиси истовремено и во македонската и во словенечката книжевност, во периодот меѓу 1945 и 1965 година.
Трудот е составен од три дела: во првиот дел, по краток историско-културен преглед на случувањата во тогашна Југославија, се обидувам со помош на книжевно-теориски пристапи да воспоставам прецизна теоретска основа за понатамошната анализа на интимизмот во словенечката и македонската повоена поезија. Во овој дел се покажува дека појавата на интимизмот е резултат на изменетата, послободоумно ориентирана културна политика во заедничката држава Југославија.
Во истиот дел, од општествен и од социолошки аспект, се поставува прашањето за функцијата на книжевноста и нејзиниот однос кон идентитетот, јазикот и општествено-политичките прашања. Во фокусот е темата на конституирањето на книжевноста, што е клучно за разбирање на разликите меѓу македонската и словенечката книжевност во разгледуваниот период. Двете книжевности се анализираат и низ призмата на книжевноста од периферијата и таканаречените книжевности на мали јазици, бидејќи и македонската и словенечката книжевност припаѓаат на оваа категорија. Во заедничката држава Југославија, под тогашниот Сојуз на писатели, постоела заедничка културна политика, која сепак добива поослободен курс по 1952 година. Овој пресврт го одбележуваат симболичниот говор на Мирослав Крлежа на конгресот во Љубљана во 1952 година, како и основањето на самостојни писателски друштва во рамките на републиките, во кои се развиваат посамостојни политики.
Во вториот дел од трудот следува преглед на биографиите, идејните појдовни точки и вонкнижевните побуди за интимистичкото творештво на поети Ацо Шопов и Иван Минати и во однос на другите поети и поетски правци кои го карактеризираат периодот на интимизмот според досегашните анализи.
Посебно внимание посветувам и на книжевните списанија и весници, поточно го дефинирам периодот на македонската книжевна конфронтација, кој посебно го одбележува повоениот развој на македонската книжевност и претставува специфичен феномен. Причината за македонската книжевна конфронтација, која довела и до појасна определба на улогата на книжевната критика, теоријата и насоките, била токму поетската збирка Стихови за маката и радоста од Ацо Шопов, а конфронтацијата ги зафатила сите позначајни имиња на македонската литература. Детално ги истражувам и почетоците на македонската книжевна критика и расправите околу нејзината функционалност во контекст на разгледувањето на збирката Стихови за маката и радоста.
Две поглавја се посветени на јасното определување на поетиките на двајцата автори, кои ги прикажувам и анализирам преку интерпретативни анализи на одделни поетски збирки, во последниот дел од трудот. Целта е да се откријат кореспонденции и изразени ставови на поетите во однос на лириката и особено причините за повторното свртување кон интимното. Користев кореспонденции и посредни контакти меѓу авторите што ги пронајдов во Народната и универзитетска библиотека во Љубљана и во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје. Истакнувам и книжевни настани како Струшките вечери на поезијата, издавачката дејност и преведувачката политика, кои придонеле за развој на контактите меѓу македонската и словенечката книжевност.
За афирмацијата на македонската книжевност во Словенија, особено поезијата, важна улога одиграл Иван Минати. Тој е заслужен и за првиот превод на самостојна поетска збирка од македонски на словенечки – Слеј се со тишината од Ацо Шопов. Од македонска страна, како што покажуваат кореспонденцијата и прегледот на весниците, постоел голем интерес за словенечката книжевност. Во трудот покажувам дека двете книжевности биле богато испреплетени и поврзани, при што во центарот на оваа поврзаност се наоѓаат токму Иван Минати и Ацо Шопов.
Во трудот исто така правам преглед на преводите на Иван Минати на македонски и на Ацо Шопов на словенечки. Повторно се во фокусот двајцата поети, особено Иван Минати, кој превел значаен дел од македонската поезија на словенечки. Целта на трудот е преку анализа на творештвото и дејствувањето на двајца истакнати претставници, прецизно да се дефинираат словенечкиот и македонскиот интимизам и теоретски да се претстават како промислена книжевна насока со јасни историски и книжевнотеориски показатели.
Во делот каде што детално ги анализирам поетските збирки преку интерпретативна анализа, се посветувам на компаративна анализа на песни од поетските збирки на Иван Минати и Ацо Шопов и набљудувам како нивната интимистичка поетика се менувала во различни творечки периоди. За воспоставување на рамките на споредба, ќе ја користам можната класификација на поетското творештво на Ацо Шопов предложена од македонската книжевна историја. Георги Старделов неговата поезија ја дели на градителски период, период на интимизам и филозофска насока на поетскиот израз, која останува со интимен карактер, поделба што ја прифаќаат и други истакнати македонски книжевни теоретичари.
При подетално читање на збирките, открив дека и збирките на Иван Минати може да се споредат и анализираат според тематските целини во одредени периоди. Со потпирање на Книжевната теорија на Јанко Кос, анализите опфаќаат внатрешна и надворешна структура на песните, а преку подетална анализа на поетските средства се настојува да се прикаже и јасниот премин од потрадиционален кон помодерен поетски израз. Притоа ја земам предвид и странската, пред сѐ германската книжевна теорија, врз која се базира словенечкиот книжевен теоретичар Јанко Кос.
Збирките се обработени во целост, при што ги истакнувам главните карактеристики на песните во збирките, а за појасна илустрација неколку песни се подетално анализирани. Особено се посветувам на песни кои носат слични теми, мотиви и симболи кај двајцата поети, а детално ги анализирам мотивите кои ја претставуваат симболиката кај обајцата автори: тишината, зборот, светлината и чувството на осаменост.
Песните на Иван Минати и Ацо Шопов оставиле длабока трага во колективната општествена свест и книжевното доживување на двата народа.
Клучни збирки што се истакнати како пресврт кон интимизмот се Од патот од Иван Минати и Стихови за маката и радоста од Ацо Шопов, а како материјал за аргументирање на интимизмот се користени и други збирки кои ја продолжуваат насоката и идејното движење, на пример, во словенечкиот контекст, збирката Песни на четворица.
Хронолошки се фокусирам на лириката објавена по Втората светскавојна до 1963 година. Во таа последна година и двајцата автори објавиле збирки: Ацо Шопов ја објавува Небиднина, а Иван Минати Некого мораш да сакаш. Овие две збирки претставуваат премин кон онтолошки, егзистенцијални и филозофски теми.
Бидејќи Иван Минати објавил само три самостојни поетски збирки во периодот 1945–1965, во анализата користам песни од секоја од нив и ги споредувам со поезијата на Шопов според времето на објавување. По анализата на песните од секој поет во секој тематски склоп, правам компаративна анализа, а на крајот и заедничка синтеза. Ги прикажувам заедничките мотиви, теми и паралелното свртување кон интимното, како и можните заемни влијанија меѓу поетиките.
Често се добива впечаток дека поетите се мошне блиски во поетскиот израз и доживување на светот и споделуваат слични ставови. Во рамки на овој размислен пристап се осврнувам и на нивната интимистичка филозофија. При тоа ја земам предвид најновата литература и истражувањата во македонската книжевна теорија.
Магистерското истражување има за цел да го осветли интимизмот и причините за неговата појава во словенечката и македонската поезија, и да предложи пристапи за подлабока книжевна анализа на интимизмот како насока. Целта е и подетално и стручно да се анализира делото на Ацо Шопов во словенечкиот академски простор. Истовремено, магистерскиот труд ја прикажува дијалошката поврзаност меѓу словенечката и македонската поетска сцена и има цел да придонесе за подобро разбирање на нивните книжевни врски.
Интимизмот се покажува како истовремена книжевна појава во двете книжевности, кои меѓусебно влијаеле на значаен начин. Иван Минати и Ацо Шопов се канонски автори кои силно ја одбележале словенечката и македонската книжевност. Претставувањето на нивните меѓусебни контакти, поетики и интимизам уште повеќе ја осветлува големината на двајцата автори и нивното значење за пријателството меѓу двете книжевности, односно меѓу двата народа.
Хана Подјед (1999), добитничка на стипендијата „Ацо Шопов“ за 2025 година, магистрирала на Филозофскиот факултетот во Љубљана. Своите размислувања за литературата ги објавува во списанија и на различни електронски платформи, најчесто на порталот Коридор - раскрсница на уметностите.
Нејзиниот магистерски труд „Свртувањето кон интимното во македонските и словенечките повоени лирски дела: Шопов и Минати (1945–1965)“ е достапен на порталот на Универзитетот во Љубљана.