Сто години од раѓањето на поетот Ацо Шопов*

Намита Субиото

Намита Субиото, словенечка македонистка и преведувачка

„Во светот не постои антологија на македонската поезија без песни на Ацо Шопов, а преведени се и некои негови цели збирки“, пишува Драги Стефанија во некрологот „Вечната починка на вечниот поет“, објавен во словенечкиот весник Naši razgledi на 28 мај 1982 година. Како професор по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Стефанија ги запознаваше своите студенти со совршеноста и енигматичноста на поетското писмо на Шопов, па така во некрологот тој го нарече „вечен поет“..

„Вечниот поет“ Ацо Шопов е роден во Штип, на 20 декември 1923 година. Детството го поминува во родниот град. Неговото детство носи белег од болеста на мајка му, на која ѝ ги должи љубовта кон поезијата и творечката дарба. На само десетгодишна возраст, тој сам се грижи за неа и за помалиот брат, бидејќи постариот е испратен во Призренската семинарија, а таткото е речиси секогаш отсутен. Така, сеништето на неизлечивата болест и на смртта, грозоморот, тагата и осамата ќе се вовлечат уште во првите песни напишани од четиринаесетгодишниот Шопов и ќе останат сé до последните творби.

Како гимназијалец, Ацо Шопов во 1940 година влегува во СКОЈ (Сојуз на комунистичката младина на Југославија), а две години подоцна се вклучува во анти-фашистичката борба, во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада е и неговата љубена Вера Јоциќ, која загинува на 22 мај 1944 година и на која Шопов ѝ ја посветува песната „Очи”.

По војната, Ацо Шопов студира филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. По дипломирањето станува уредник во литературните списанија и весници Нов ден, Млад борец, Иднина, Хоризонт, Современост, а и главен уредник на сатиричниот неделник Остен, што ќе го поттикне да објави серија сатирични песни, подоцна собрани во збирката Јус-универзум (1968), во која не ги поштедува ниту ”политички јус коректните” политичари, ниту пак таквите писатели, критичари или новинари:

Јус-политичар
1
Постои јус-поет,
постои јус-критичар,
постои јус-прозаист,
но постои и јус-политичар.
2
Секој јус-политичар
е одличен аналитичар:
тој анализира,
бира,
комбинира
и нема мира
сѐ додека со прогресивните процеси
себеси не се идентифицира.
3
Тој принципите доследни ги пази
во лушпа од пароли и фрази.
4
Сѐ се менува, сѐ има своја логика и тек,
само тој ќе остане функционер
до крајот на својот век
5
Како страсен мецена
секогаш за уметноста гласа,
но не со свои средства
туку со државната каса.
6
Тој најдалеку гледа, иднината ја чита,
опколен со свита
на одбрана општествена елита
7
За него системот на работничкото самоуправување
е систем на красноречиво надмудрување.
8
Секаде е присутен, делува во секоја сфера
влечејќи го опашот на својата кариера.
9
Работниот човек секогаш на срце му лежи,
но често
место аргументи
наивните ги лови во своите мрежи.

Збирката Стихови за маката и радоста (1952) предизвика остра полемика во македонските литературни кругови. Токму таа збирка како и следната Слеј се со тишината (1955) претстауваат историски пресврт во македонската поезија. Во трудот „Меѓу сетилното и езотеричното“ (1985) Ефтим Клетников така пишува дека по темите на борбата и колективниот занес од изградбата што ќе минат како луња, во македонската поезија во почетокот на педесеттите години ќе земе замав интимизмот и дека Ацо Шопов е еден од најзабележителните претставници на оваа интровертна лирска линија исткаена од меки штимунзи, во која што се чувствува мирис на извесна есенинска боемија и меланхолија.

Доследен во однос на своите идеи, Ацо Шопов изградува автентичен поетски универзум, непорозен од императивите на соц-реализмот, а притоа не влегува во дисиденција. „Јас сум еден од оние поети што остануваат верни на самите себе од првите поетски обиди па сè до зрелото творештво”, изјавува Шопов во еден разговор со Ненад Радановиќ (1978). „Никакви книжевни ветрови не успеаа да ме обвијат со туѓа наметка која би се косела со мојата поетска природа. Тие ветрови ме корегираа, поправаа и доведуваа до сè попотполно поетско изразување, но не ме оддалечија од патот по кој чекорам. Поетот го открива неговата песна, а не потписот што го става под неа”.

Почнувајќи од неговата прва збирка Песни којашто е воедно и првата книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија во 1944 год., па сè до последната Дрво на ридот што ќе излезе од печат две години пред неговата смрт, Ацо Шопов ги гради темелите на една решително современа поезија – особено со збирките Небиднина (1963) и Гледач во пепелта (1970) – којашто се потпира на родната земја со единствена цел за истата да ја внесе во катастарот на светот. Тоа е поезија што успева личните доживувања на поетот и судбината на човештвото да ги соедини во едно чисто интимно искуство.

За време на животот, Шопов има објавено дванаесет оригинални збирки:
1. Песни, Куманово, Околиски НОМСМ, 1944.
2. Пруга на младоста (со Славко Јаневски), Скопје, Главен одбор на Народната младина
на Македонија, 1946.
3. Со наши раце. Скопје, Државно
книгоиздателство на Македонија, 1950.
4. На Грамос. Скопје, НаПоК, 1950.
5. Стихови за маката и радоста, Скопје, Кочо Рацин, 1952.
6. Слеј се со тишината, Скопје, Кочо Рацин, 1955.
7. Ветрот носи убаво време, Скопје, Кочо Рацин, 1957.
8. Небиднина, Скопје, Кочо Рацин, 1963.
9. Јус-универзум, Скопје, Мисла, 1968.
10. Гледач во пепелта, Скопје, Македонска книга, 1970.
11. Песна на црната жена, Скопје, Мисла, 1976.
12. Дрво на ридот, Скопје, Мисла, 1980.

На 18 август 1967 година Ацо Шопов е избран меѓу првите членови на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а препораката ја пишуваат словенечките писатели и академици Цирил Космач и Братко Крефт кои истакнуваат дека за Шопов зборот не е само израз на некоја мисла или чувство, туку и манифестација на звукот, додека стихот е манифестација на ритамот и мелодијата (Kosmač, Kreft, 1967).

Ацо Шопов е добитник на највисокото југословенско признание АВНОЈ (1970), како и на литературните награди: „Кочо Рацин” за збирките Слеј се со тишината (1956) и Гледач во пепелта (1970); „11 октомври” за препевот на Хамлет (1960) и за животно дело (1981); „Змаеви детски игри” за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967); и „Браќа Миладиновци” за збирката Песна на црната жена (1976).

Песна на црната жена е инспирирана од неговиот престој во Сенегал во Западната Африка, каде што тој е упатен во 1971 година како амбасадор на Југославија, по долги години посветени на издавачката дејност, претежно како директор и главен уредник на „Македонска книга“. За време на престојот во Африка тој ќе преведе и избор од поезијата на сенегалскиот претседател Леополд Седар Сенгор, член на Француската академија, добитник на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата“ во 1975 година.

Истата година Ацо Шопов во Скопје е именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство. Но, три години подоцна во неговите песни веќе одамна насетената болест ќе го натера да го напушти активниот јавен живот.

Како татко на Владимир, роден во 1948 година во бракот со Благородна, а починат во јануари 2000 година, и на Јасмина, родена во 1960 година во бракот со Светлана, Ацо Шопов доживеа да ги види и внуците Александар и Леонардо, но, не ги дочека Мила и вториот Александар. По неколкугодишната болест тој почина на 20 април 1982 година во Скопје.

Оваа биографија на Ацо Шопов е преземена од порталот Лирскиот дом на Ацо Шопов, поставен од Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, која им дава на располагање на истражувачите и на студентите па и на други заинтересирани голем број на материјали, бесплатно достапни на различни јазици, со цел да го олесни научното истражување во областа на македонската поезија. Освен целокупното творештво на Шопов, на порталот се достапни и бројни огледи и толкувања на поезијата на Шопов.

Во Македонија, 2023 година беше посветена на стогодишнината од раѓањето на еден од нејзините најголеми поети (вклучена и во Календарот на јубилеи кои УНЕСКО ги поддржува во текот на 2022 и 2023 година). Поезијата на Ацо Шопов беше ажурно проследена и од страна на словенечката културна јавност, затоа се решивме и ние да го одбележиме неговиот јубилеј со објавување на двојазичен избор од неговата поезија, а со ова да потсетиме и на одличните препеви на поезијата на Ацо Шопов објавени во XX век, чии автори се петмината словенечки поети Богомил Фатур, Иван Минати, Цирил Злобец, Северин Шали и Јоже Шмит, и да ги претставиме и најновите препеви, остварени по повод стогодишнината од раѓањето на големиот македонски поет.

Ацо Шопов е еден од најпреведуваните македонски литературни уметници на словенечки јазик во XX век, пред сѐ во неговите педесеттите, шеесеттите и седумдесеттите години. Освен несомнителен естетски квалитет на неговото творештво препознаен од поединечни клучни македонско-словенечки меѓукултурни посредници, причините за тоа треба да се бараат и во културната политика од тој период во рамките на заедничката држава СФРЈ, односно т.н. меѓурепубличка соработка во областа на издавачката дејност, кога се поттикнувало и се поддржувало взаемно преведување на репрезентативни автори од сите тогашни републики. Во тој период како препејувачи најчесто се јавуваат самите поети.

И Шопов бил мошне успешен книжевен преведувач, а еден од неговите први поголеми објавени книжевни препеви е токму поезијата на словенечкиот поет Отон Жупанчич, и тоа прочуената и познатата поетска збирка за деца Цицибан (Кочо Рацин, Скопје, 1951) којашто ја читале бројни генерации како лектира за I или II одделение според наставниот план и програма за основните училишта (во тогашната Социјалистичка република Македонија).

Поетското творештво на Ацо Шопов во словенечката културна средина е претставено во до сега издадените три антологии на македонската поезија, а во 1957 година е препеана и неговата збирка Слеј се со тишината. Автор на предговорот на ова издание е Фран Петрѐ, еден од првите осуммина професори на Филозофскиот факултет во Скопје каде што работел како професор по историја на словенечката, хрватската и српската книжевност. Петрѐ е и приредувач на антологијата Makedonska poezija (1948) во којашто словенечкиот читател за првпат можел на свој јазик да се запознае со македонската поезија. Во оваа антологиија, објавена во тираж од импресивни 2500 примероци, се вклучени две песни од Ацо Шопов од неговиот ран период: „Очи“ и „Истранка“ во препев на Богомил Фатур. Во поезијата на Фатур можат да се препознаат и некои симболистички и експресионистички искуства, па би можеле да речеме дека тој ја препејувал поезијата на Шопов (и) според личните афинитети на планот на поетското искуство (Novak-Popov, 2000, стр. 263).

Девет години подоцна, поезијата на Шопов во Словенија веќе е претставена и со самостојната збирка „Слеј се со тишината“, целосно препеана од Иван Минати. Тоа е всушност и прва збирка на македонски поет препеана на словенечки, како и прв препев на поезијата на Шопов на странски јазик. Освен препеви на сите песни од оригиналната стихозбирка, изданието на словенечки јазик вклучува и осум песни од поранешните збирки на Шопов. Петрѐ во предговорот со наслов „Makedonski pesnik“ ги истакнува песните „Истранка“ и „Јесенице“ бидејќи се однесуваат на Словенија, а главниот дел од предговорот го претставува македонскиот книжевен контекст во кој се појавува и развива Шопов, за да го воведе словенечкиот читател во пресвртот во поетиката на Шопов, забележан во оваа збирка: „На својот сопствен пат на развој и на патот на развој на младата македонска поезија поетот дојде до сознание дека изворот на вистинската уметничка инспирација е степенуваното индивидуално доживување. Наместо големи колективни идеи и движења, во прв план излегува интимното чувство што ги открива луѓето во нивните непосредни, секојдневни односи. Првите збирки го покажуваа Шопов како борец и идеолог, а тие 34 песни ја откриваат неговата хумана страна. Со тие искажувања поетот тргнал на пат на вистинска лирика.“ (Petrè, 1957, стр. 72).

Песната „Залажување“ од збирката Слеј се со тишината е објавена и во 9-от број на списанието за деца Цицибан, во 1963 година. Насловот на песната, содржана во збирката Zlij se s tišino, е преведен како „Prevara“ – измама, а во списанието Цицибан (1963/64 г., бр. 9, стр. 235) со наслов „Uspavanka“ – приспивна песна, и со прекрасна илустрација на Марленка Ступица, една од најплодните словенечки сликарки и илустраторки со седумдецениска кариера и повеќе од 100 сликовници и илустрирани книги за деца. Ова е единствениот текст на Шопов во списанието Цицибан, но сепак, на тој начин во словенечката средина Шопов е претставен и како автор за деца.

Истата година кога песната „Залажување“ се појавува во Цицибан, излегува и втората антологија на македонската поезија на словенечки, со наслов „Sodobna makedonska poezija“ (1963), чиј составувач и автор на предговорот е Александар Спасов, а препејувач е Иван Минати. Шопов е застапен со десет песни: пет претходно објавени во Zlij se s tišino и пет нови препеви на песни од збирките Ветрот носи убаво време и Небиднина. На последната страница во кратка забелешка препејувачот на антологијата Иван Минати им се заблагодарува на составувачот на антологијата Спасов и на Блаже Ристовски – тогашниот (и воопшто првиот) лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Љубљана, кај кого Минати учел македонски: „На крајот од оваа убава, но тешка задача, бидејќи требаше повеќето песни да се препеат во што покусо време, доколку антологијата ќе претставува пресек на денешната македонска поезија, би сакал да им се заблагодарам на другарите д-р Александар Спасов, составувачот на антологијата, и на проф. Блаже Ристовски, лекторот за македонска литература при љубљанскиот Универзитет коишто пожртвувано и несебично делеа совети во врска со препевите.“ (Минати во: Спасов, 1963, стр. 165).

Во 1976 година излегува и третата антологија на македонска поезија со наслов Pesmi, составена од Георги Сталев, а во која се јавуваат тројца препејувачи на поезијата на Ацо Шопов. Иван Минати препеа петнаесет песни (шест од нив се повторно објавени препеви од збирката Zlij se s tišino, две се од претходната антологија, а нови се препевите на песните од збирката Небиднина, меѓу кои е и насловната песна); Северин Шали е препејувач на десет песни од циклусот „Молитви на моето тело“ од збирката Небиднина (првата и последната песна од циклусот се препеани од Минати); а Јоже Шмит од оваа збирка ја препеа песната „Има долу една крв“, а покрај ова и три песни од збирката Гледач во пепелта и една од збирката Песна на црната жена. Сите препејувачи одлично ја разбрале поетиката на Шопов и успеале соодветно да го трансформираат неговиот сублимен израз и на тој начин на словенечката публика да ѝ ја приближат поезијата на едниот од најзначајните македонски поети.

Една песна на Шопов е препеана и од Цирил Злобец. Станува збор за песната „Партизанска пролет“ од збирката Со наши раце што е всушност кусата верзија, односно првиот дел од поемата „Кратово”, објавена во неговата прва збирка Песни. Препевот е објавен во весниците Borec (Љубљана, бр. 6, 1958, стр. 250) и Delo (Љубљана, бр. 1, 1.1.1961, стр. 2). Според препевот и адаптација на Злобец, прочуениот композитор на хорски песни Виктор Михелчич направил и композиција за машки хор, а партитурата е објавена во зборникот „Pa da bi znal, bi vam zapel: zbrana dela“.

Во XX век од богатиот опус на Ацо Шопов, на словенечки се препеани шеесетина песни од сите збирки освен од сатиричната Јус-универзум и последната Дрво на ридот, а се објавуваат релативно скоро по објавувањето на оригиналите, но последните препеви се објавени во споменатата антологија на Сталев од 1976 година.

Во јануари 1977 година Шопов се наоѓа во Љубљана, поточно во Кличники центар, на одделот за кардиологија, соба бр. 10, како што наведува новинарот Богдан Погачник кој на 28 јануари 1977 година во дневниот весник Delo објавува интервју со наслов „Pesniški sobratje“. Во него Шопов искрено и отворено зборува за својата тогашна здравствена состојба, за своите творечки планови (дека следната збирка ќе биде посветена на Штип и на детството), за МАНУ, за литературните награди и за позицијата на македонскиот поет во светот. На прашањето дали ѝ останува верен на поезијата, Шопов одговара дека секако бидејќи е премногу стар за да се нафати на нешто друго, а на прашањето што му значи поезијата вели дека тој речиси не знае, иако со неа се занимава веќе триесет години, но му се чини дека му ја претставува смислата на животот (Шопов во: Pogačnik, 1977).

Од ова интервју и од последната антологија со песните на Шопов на словенечки помина скоро половина век. Во јануари 2023 г. во рамките на 3-та Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, во групата за литература, во инспиративна атмосфера поттикната од лекторот Иван Антоновски, конечно започнаа да се создаваат и нови словенечки препеви на поезијата на Шопов: препеани се сите песни од последната збирка Дрво на ридот, потоа на неколку значајни, но дотогаш непрепеани песни од претходните збирки, како и нови препеви на веќе препеаните песни. Песните ги препеавме Соња Цекова Стојаноска, Маја Ковач и Намита Субиото, а истите се објавени во семинарскиот зборник ШОПОВ на 11 јазици: зборник на преводите на семинаристите на Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Скопје, 23–28 јануари 2023 година)“, а голем дел од нив се поместени и во овој репрезентативен двојазичен избор со наслов Златен круг на времето = Zlati krog časa, придружен со прекрасните избрани ликовни дела на академскиот сликар Боге Димовски.

Во изборот на оваа книга се вклучени песни од сите збирки на Шопов (поради нејзините специфики една од песните од збирката Јус-универзум е поместена само во овој предговор), а песните се распоредени во циклуси според сугестија на г-ѓа Јасмина Шопова, ќерката на Ацо Шопов, за што искрено ѝ благодариме. Голема благодарност и до претходните препејувачи и на нивните наследници коишто ни дадоа согласност и ги отстапија авторските права за објавување.


Литература

  • Клетников, Ефтим, 1985: Меѓу сетилното и езотеричното. Орион. Скопје: Наша книга. 7−37. Меѓу сетилното и езотеричното – Клетников | Aco Šopov – Poesis (acosopov.com)
  • Радановиќ, Ненад, 1978: Ацо Шопов: Границите на слободата се граници на поетското творештво. Ацо Шопов: Границите на слободата се граници на поетското творештво – Интервју, 1978 | Aco Šopov – Poesis (acosopov.com)
  • Спасов, Александар, 1998: Фран Петрѐ. Македонско – словенечки книжевно – културни релации, Скопје: МАНУ. 109–113.
  • Субиото, Намита, 2004: Поезијата на Ацо Шопов во Словенија. XXX Научна конференција на XXXVI меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (Охрид, 11-13 август 2003 г.), Универзитет „Св. Кирил и Методиј”. Скопје: Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура. 585–592.
  • Чукалиев, Ордан и др. (Ур.), 2023: ШОПОВ на 11 јазици: зборник на преводите на семинаристите на Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Скопје, 23–28 јануари 2023 година). Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. https:// www.ukim.edu.mk/dokumenti_m/Zbornik_Ssopov_ na_11_jazici.pdf

  • Kosmač, Ciril in Kreft, Bratko, 1967: Recenzija za imenovanje Aca Šopova za člana Makedonske akademije znanosti in umetnosti. Ljubljana, 20. julija 1967. https://www.acosopov.com/citalnica/literarniportreti/sopov-kosmac-kreft?lang=sl Mihelčič, Viktor, 1998: Pa da bi znal, bi vam zapel: zbrana dela. Ur. Marjan Ribič. Kamnik: Zveza kulturnih organizacij občine. 96–97.

  • Novak-Popov, Irena, 2000: Sodobna makedonska poezija v slovenskih prevodih. Македонско-словенечки научен собир (јазичните, литературните и културните релации меѓу Македонија и Словенија, Охрид, 22−23 август 1997). Ур. Нада Петковска, Људмил Спасов. Скопје: Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. 261–286.
  • Petre, Fran, 1948: Makedonska poezija. Ljubljana: Slovenski knjižni zavod. Petre, Fran, 1957: Makedonski pesnik. Zlij se s tišino. Ljubljana: Državna založba Slovenije. 67–73. https://www.acosopov.com/citalnica/vazna-jeizprememba?lang=sl
  • Pogačnik, Bogdan, 1977: Pesniški sobratje. Delo. Ljubljana, 28. 1. 1977. 9. https://www.dlib.si/listalnik/ URN_NBN_SI_doc-ZBY71F18/9/index.html#zoom=z
  • Spasov, Aleksandar, 1963 (Ur.): Sodobna makedonska poezija. Ljubljana: Državna založba Slovenije.
  • Stalev, Georgi (Ur.), 1976: Pesmi. Ljubljana: Mladinska knjiga.
  • Stefanija, Dragi, 1982: Večni počitek večnega pesnika. Naši razgledi, priloga Razgledi po domovini, 28. maja 1982. 303.
  • Šopov, Aco, 1957: Zlij se s tišino. Prev. Ivan Minatti. Ljubljana: Državna založba Slovenije.
  • Šopov, Aco, 1961: Partizanska pomlad. Prev. Ciril Zlobec. Delo, Ljubljana, 1. 1. 1961. 2. www.dlib.si/listalnik/URN_ NBN_SI_doc-VTE3YC2L/2/index.html
  • Šopov, Aco, 1963: Uspavanka. Prev. Ivan Minatti. Ciciban, št. 9. 235.

* Spremna beseda k pesniški zbirki Златен круг на времето = Zlati krog časa.

Drugi literarni portreti v slovenščini