Хроника за Современост и Млада Литература
Во двобројот на Современост за јануари-февруари (1956) поезија објавуваат Славко Јаневски, Гого Ивановски и Александар Поповски. Со „Мрежи“, „Лоза“ и „Бел бол“ Славко Јаневски, иако долго време не објавувал поезија, пак ни се претставува како суптилен лиричар кој умее на мотивите од животот да им даде силен индивидуален печат. Гого Ивановски со „Средби“, „Разговор со себеси во огледалото“ и „Крчма“ оди по врвот на најубавото што го знаеме од неговата стихозбирка Сенки на далечното. Покрај овие двајца реномирани поети, четири песни објавува и младиот Александар Поповски во кои се наслутува своевиден поетски темперамент што е на прагот на своето разгрнување.
Јануарскиот број на Млада литература, ни ги претставува поетите Влада Урошевиќ, Александар Христовски, Илија Чочорозски, Богомил Ѓузелов и Јован Павловски. Нивните стихови, со специфичен исклучок на Влада Урошевиќ, носат повеќе белег на една неиздиференцирана поетска материја без позначаен индивидуален израз.
Исклучок е Влада Урошевиќ, но тој сè подлабоко гази по трагите на Васко Попа, така што неговите „Корени на жилава светлина“ се само варијанта на Поповите белутраци¹.
Текстот е објавен во Хоризонт, 18.3.1956.
1) „Белутрак“, циклус песни на српскиот поет Васко Попа („Белутрак“, „Срцето на белутракот“, „Сонот на белутракот“...), објавен во збирката Непочин-поље (1956).
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.