Македонскиот јазик, трн во окото на големобугарските шовинисти
Во контрареволуционерниот информбировски поход против нашата социјалистичка земја, нападите против македонскиот литературен јазик заземаат посебно место. Поводите и формите на овие напади се менуваат, нивната цел и сушност останува иста.
Најголема загриженост за судбата на македонскиот јазик пројавуваат, разбира се, некои веќе по зло добро познати бугарски информбировски раководители. Не е ништо чудно: та, зар тие немаат „свештено право“ да го кренат својот глас против она што се развива по сосем спротивен правец од нивните желби и интереси! „Македонскиот јазик не е она што треба да го има македонскиот народ!“ крештат тие. „Тој се создава по диктат од Белград, тој е вештачка конструкција!“ Познати гласови што веќе долго време се слушаат: и бојата им е иста, и „аргументацијата“ е иста, само што се промениле лицата што играат во улогата на загрижени поборници за „правилниот“ развиток на македонскиот јазик, против неговата „србизација“.
А што подразбираат тие под „македонски јазик“ многу јасно има речено Г. Чанков¹ во една од своите статии објавени во Работническо дело, тврдејќи дека „повеќето Македонци зборуваат на бугарски јазик“. Информбировска логика: силна бука се дига околу прашањето за македонскиот јазик, а овде… „повеќето Македонци зборуваат на бугарски јазик“. Зад провидната маска на загриженоста се појавува лицето на големобугарскиот шовинизам што во Резолуцијата на Информбирото најде богата почва за својот растеж.
Целта е јасна, исто така: нема македонски јазик, нема македонска нација, има македонски Бугари! Стара големобугарска теза испеана на современ информбировски глас.
На 20 март оваа година Работническо дело објави една статија на Г. Мадолев² која не претставува ништо ново ни по својот тон, ни по епитетите што се прикачуваат на имињата на нашите партиски и државни раководители. Г. Мадолев ги приведува сите „докази“ против нашиот јазик, повторувајќи го она што имавме можност многу пати досега да го чуеме: дека тој се создава по „диктат“ од Белград, дека „спрема указанијата на Ѓиласа³, колишевската⁴ клика требало да „осигури“ создавање на таков литературен македонски јазик што да се оддалечува силно од бугарскиот и да се доближи до српскиот“.
Во кој грм лежел зајакот!
Сè ова прв пат не го слушаме. И Г. Мадолев лее крокодилски солзи над „судбата“ на македонскиот јазик, т. е. сосем невешто го сокрива сфаќањето дека нема македонски јазик, дека „повеќето Македонци зборуваат на бугарски јазик“. Ова сфаќање тој го искажува со половина уста, помалку срамежливо, повеќе огорчено и озлобено. „Титовските шовинисти − вели тој − збеснуваа што е македонскиот јазик толку близок до бугарскиот“.
Еве, во кој грм лежел зајакот! Ние можеме само да се запрашаме: зошто Г. Мадолев не смее јасно да го каже тоа што го мисли: дека не треба да се признава никаков македонски јазик.
Но, да ги оставиме сите овие „сфаќања“ и „докази“. За нив се има зборувано на друго место и нема потреба да се враќаме повторно. Да се задржиме на „новите“ аргументи што ги користи Г. Мадолев во споменатата статија.
Станувајќи против „свирепиот терор“ што се врши, божем, над македонскиот поет В. Марковски, Г. Мадолев доаѓа до апсурдни „откритија“ и се заплетува во своите сопствени лаги.
Еве, што ни „открива“ Г. Мадолев:
1. „Теророт над В. Марковски започна „уште во 1945 г. кога беше назначена таканаречената комисија за јазикот…“
„Назначената комисија за јазикот работеше цели 6 месеци да го исполни барањето на Ѓиласа3 („србизирањето“ на македонскиот јазик). Весниците почнаа да се полнат со немакедонски зборови, а на македонските прикачија разни „уења“.
2. „Венко Марковски… беше во челните редови на борците против изопачувањето на јазикот. Заедно со народот тој го подигна високо својот глас, централното наречје од Битола до Скопје (без Скопје) да се земе за основа на литературниот јазик“.
Сè ова е речено јасно и недвосмислено. За нас е во моментот важно да ги утврдиме следните факти:
Спрема Г. Мадолев „прикачувањето на разни ‘уења’ на македонските зборови“, почнува во 1945 г., после формирањето на комисијата за јазикот, после ‘барањата’ македонскиот јазик „да се доближи до српскиот“.
В. Марковски, спротивно на сите, настојува и се бори централното наречје да се земе за основа на македонскиот литературен јазик, зашто до тоа наречје „се најблизу сите останати наречја во Македонија“ и е „најчисто од туѓи влијанија и примеси“.
Поголема невистина тешко може да се чуе.
В. Марковски против В. Марковски?
Како стои прашањето со „уењето“ во нашиот јазик?
Самата поезија на В. Марковски го побива она што го тврди Г. Мадолев. Овде не се мисли на она што го напишал В. Марковски во 1945 г. и после. Неговите „Народни бигори“, „Огинот“, „Лулкина песна“, „Луња“ и др., напишани многу пред 1945 г., испеани се имено со тоа „уење“ што се зема како „доказ“ за „декретното“ создавање и „србизирање“ на македонскиот јазик.
Ова му е познато, нема сомнение, и на Г. Мадолев. Инаку би било „бесмислено да го крева својот глас против ‘теророт’ над еден поет чија поезија не му е позната. Та и самиот тој вели дека В. Марковски „создал на македонски јазик прекрасна поезија“. Сигурно ја познава штом донесува таква констатација.
Но сепак, Г. Мадолев преминува преку сè она што е создадено од В. Марковски до 1945 г. и токму она што се среќава најмногу во неговата целокупна поезија го прогласува за ерес во македонскиот јазик. Нема што, прекрасен „аргумент“ за „србизацијата“ на македонскиот јазик. Замислете: В. Марковски што пишува поезија со „уење“, заедно со целиот македонски народ се бори против тоа „уење“! Почекајте, каква е таа збрка? Кој против кого се бори? В. Марковски − против В. Марковски? Апсурд! Мадолев − против В. Марковски? Невозможно.
Чудна е информбировската логика: „уењето“ во македонската литература доаѓа како резултат на барањата од Белград. Тоа е изопачување на македонскиот јазик. Но со такви „уења“ напишана е сета македонска литература до најново време. Прелистајте ја поезијата не само на В. Марковски, туку и на К. Рацин, на К. Неделковски и другите.
А ако е ова „уење“ вештачки внесено во македонската литература, ако тие што пишувале со „уење“ се прогласуваат за „агенти“, „шпиуни“, зар тогаш, не може истото да се каже и за К. Рацин и за В. Марковски и за Коле Неделковски и за сите други?
До такви заклучоци неизбежно води умувањето на чланкописецот Г. Мадолев.
Подла задача
Што се однесува до второто „откритие“ на Г. Мадолев, дека единствено В. Марковски стоел на становиште централното наречје да е земе за основа македонскиот литературен јазик, вистината се содржи во следното: сите членови на комисијата за јазикот, формирана 1945 г., уште од почетокот на својата работа го застапуваа мислењето, централното наречје да се земе за основа на литературниот јазик. Точно е дека В. Марковски се согласуваше со овој став на комисијата. Но е неточно и крајно тенденциозно тврдењето дека единствено тој настојувал да биде ова наречје, а не некое друго. Противпоставувањето на В. Марковски на сите останати членови на комисијата направено е смислено и има одредена задача: членовите на комисијата да се „оцрнат“ што повеќе како луѓе што ја спроведуваат „директивата“ македонскиот јазик да се доближи, да се слее со српскиот, да се прикажат како изолирана група од предавници на интересите на македонскиот народ, луѓе што немаат ништо општо со неговите стремежи и барања.
Таква подла задача пред себе поставил Г. Мадолев (или поточно: таква подла задача поставиле пред Г. Мадолев). Ние нема овде да се бавиме со оповргнување на овие најнови лаги и клевети. Најарно оповргнување е радоста и одушевеноста со која ги прифати нашиот народ сите решенија на комисијата за јазикот. Би подвлекле само толку: постојат документи од работата на комисијата за јазикот. Во овие документи се наоѓаат потписи на сите членови на комисијата, а на прво место стои потписот на В. Марковски. А тоа значи дека и тој се согласил со сè што решила комисијата. До колку може да се зборува за „изопачување“ на македонскиот јазик, таков грев, според логиката на Г. Мадолев, треба да му се препише токму на В. Марковски, зашто тој сметаше дека во македонскиот литературен јазик треба да се употребуваат и некои јазични форми од скопскиот дијалект (како што се, на пример: дојдова, бева, зедова итн.)
Така стојат работите. Такви се фактите. Нив можат да ги напаѓаат и порекнуваат. Но фактите си остануваат факти.
Овој најнов напад против нашиот јазик, како и сите досегашни, ја покажува сета трулост на немоќните големобугарски шовинисти. Ним им е трн во окото македонскиот јазик. Тие не можат никако да се помират со фактот што тој јазик од ден на ден сè повеќе се оформува и обогатува, што на тој јазик веќе се пишува вистинска уметничка поезија и проза, што на тој јазик без големи тешкотии се преведуваат делата на најголемите умови на човештвото.
Нивно е да се нервираат и псуат
Тие во својата шовинистичка заслепеност настоат да го одречат неговото постоење. Но тоа одречување останува само во нивните глави. Навистина, таму каде што достига нивната сила, како што е случај со Пиринска Македонија, тие преземаат севозможни репресалии против неговото ширење и закрепнување, оправдувајќи ги тие репресалии со плитки измислици дека „јазикот на Скопје“, како што велат, бил неразбирлив и туѓ за населението од Пиринскиот крај.
Така X. Калајџиев во в.[есникот] Труд од 13 март оваа година, „констатирајќи“ дека „македонското население било ослободено од постојаната ужасна неволја да биде впрегнато во служба на завојувачката политика на бугарската буржоазија“, не се тргнува кога веднаш по тоа, а во врска со „грижите“ на Отечествениот фронт за населението од Пиринска Македонија, сосем спокојно вели дека „јавниот живот во овој крај добива сè појасен македонски вид“, и ја докажува јасноста на овој „македонски вид“ со тоа што предвидениот учебник за македонска историја не ќе се печати на македонски туку на бугарски јазик, затоа што е „јазикот на Скопје туѓ и неразбирлив за населението од Пиринскиот крај“.
Информбировците од Бугарија можат да го одречуваат македонскиот јазик колку сакаат. Македонскиот јазик денес е непобитен факт. Нивно е да се нервираат и псуат. А ние сигурно одиме по правиот пат во развитокот на нашиот литературен јазик.


Текстот е објавен под наслов „Уште еден напад на нашиот литературен јазик” во Македонски јазик: билтен на Катедрата за јужнословенски јазици при Филозофскиот факултет во Скопје, год. 1, бр. 5 (1950), стр. 112-116. Овој број е посветен на јубилејот пет години стандарден македонски јазик.
1) Георги Чанков, висок бугарски политички функционер и претендент на местото на Георги Димитров, во 1949 година.
2) Георги Мадолев, еден од лидерите на Бугарската комунистичка партија, кој по Втората светска војна се борел за јазичните и други права на Македонците во Принска Македонија, ја променил својата „промакедонска позиција“ во 1948 година, отако е воспоставен информбировскиот режим.
3) Милован Ѓилас е еден од водечките раководители на Комунистичката партија на Југославија и на федерацијата до 1954 година, кога влегува во дисиденција.
4) Лазар Колишевски, прв претседател на Владата на Демократска Федерална Македонија, избран во 1945 година.
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.
Тематски сродни текстови
- Да формираме младински бригади за борба против неписменоста
- За брзото отклонуење на слабостите во работата на младинските
- Зошто не се употребува буквата „ѕ”?
- Јазикот наш литературен
- Афирмација на нашата литература но и на странските литератури кај нас