Во врска со Титовата мисла за уметноста (разбирања и недоразбирања)
Зборовите на другарот Тито, во кои се укажува на некои од основните проблеми на нашата современа уметност, имаат голем и позитивен одѕив во најшироката јавност, а посебно во уметничките средини и кругови. Тие се прифаќаат како решително заземање уметноста да се ослободи од своите внатрешни неотпорности, од сите туѓи навеви, за еден нејзин навистина слободен и уште побрз растеж кон оние горнини каде што таа освојува со силата на своето внатрешно значење, а со тоа и самото општество како и процесите во него да се развиваат послободно и понепречено кон оние повисоки облици што се и наш идеал и историска неизбежност.
Меѓутоа не би можело да се рече дека не постојат и извесни произволни, конфузни, конформистички и разни други сфаќања и толкувања. Во просторот на мислата Титова за културата, уметноста и литературата како да се обидуваат да се населат најразлични, често спротивни, па и исклучиви концепции, или ако се послужиме со јазикот на онаа веќе надмината, неадекватна, од времето и литературата отфрлена конфронтација, ‒ дијаграмот на тие обиди се движи од разни видови шематски, симплицистички, вулгарни и примитивни сфакања на реализмот до најекстремни ларпурлартистички сфаќања на модернизмот што всушност немаат никаква врска со духот на современата модерна уметност. Тука треба да се додадат и мислењата дека овие укажувања кријат во себе опасност од административно решавање на односите помеѓу општеството и уметноста, од ограничување на уметничката слобода, опасност уметноста да се вовлече во голи прагматистички текови, да стане обична општествена порачка.
Се разбира, овие сфакања немаат ништо заедничко со Титовата мисла за уметноста што извира од духот и основните ставови на Програмата на нашиот Сојуз. Тие се лишени од секаква основа и поради фактот што нашиот општествен систем и облиците во кои се одвиваат општествените процеси оневозможуваат секаков подруг пристап кон уметноста освен како кон слободно творечко движење во оваа област. Она пак кон што го свртува нашето внимание тоа е потребата од поголема изворност, поголема автентичност, откривање и уметничко транспонирање на оние суштини што ги носи со себе нашиот живот, нашето општествено битие. Уметничкиот израз не е само естетска туку и идејна категорија, како што и уметноста не може да егзистира вон своите временски и општествени координати.
Расчекор меѓу содржините и изразниот инструмент
Тој прозорец на разни идејно-естетски струења, тој уметнички израз ‒ тоа е еден од централните проблеми и повод на многу дискусии и полемики. Разгледуван повеќе или помалку како чисто естетски проблем, тој нè доведе до едно префинето негување на уметничкиот збор, откри многу нови созвучја, тајни на кажувањето, непознати односи, но недостатно врзан за својата идејна основа, ја ограничи уметноста само на тој израз, ја затвори во себе, па ако можеме да речеме дека денес располагаме со таков изразен инструмент со кој може да се изведуваат богати оркестрации на зборот, со не помало право можеме да тврдиме дека ваквиот пристап кон овој проблем доведе и до извесни лутања и расчекор меѓу содржините што треба да се изразат и самиот израз, или со други зборови до откинување на уметничката свест од животот, од нејзините материјални претпоставки, од објектот за кого свеста имено и треба да биде свест. Така откината, таа станува подложна на многу туѓи влијанија и сенки што паѓаат не само од фонот на спротивностите во кои се движи нашиот општествен развиток, туку и претставува директно туѓо идејно оптоварување, обележено како тотално неверување во човекот и антихуманистичка акција, што е сосем спротивно на нашите основни идејни и етички интенции и на стварноста на нашите социјалистички односи низ кои се води најголемата историска битка, битка за очовечување на човекот.
Слух за својата уметничка совест
Спрема тоа не станува збор за административен или некој друг притисок, нити пак за ограничување на слободата на уметничко то творештво, туку за утврдување на оние идејно естетски основи на уметноста без кои таа не може да се замисли како уметност на едно општество што се развива свесно и организирано во правец на потполна афирмација на човечката личност.
Би било трагично за секој вистински творец, ако поради недоразбирање или од некои други причини, престане да ја слуша својата уметничка совест, се изневери себеси и својот творечки императив. Нашето општество има потреба од повеке изразити творечки индивидуалности, од повеке трајни уметнички постигања. Право на секој творец е да ја бара и да ја остварува слободно својата уметничка визија. Неговото творечко градилиште нема секогаш јасни контури, не е и не може да биде чисто. Но сознавањето на оваа вистина дали нè ослободува од правото да влеземе во тоа градилиште, да го маркираме она што претставува идеен шверц, што е туѓо, несоцијалистичко, нехумано, дали го оправдува нашето пасивистичко и либералистичко поведение? Впрочем, суштината на проблемот не е во простата вистина на чистотата, односно нечистотата на градилиштето, туку во нашиот јасен, искристализиран, недвосмислен и пред сѐ активен однос кон сите идејни струења што ги среќаваме во нашата уметност. Револуционерот престанува да биде револуционер ако го изгуби усетот за новото, за утрeшното, но тој двапати побргу престанува да биде тоа ако во неговите претстави за новото и утрешното не се крие всушност ништо друго туку помодарското, коњуктурното, квазимодерното, како и слепилото на снобизмот.
Отсуството на таков идеен и револуционерен однос – во тоа е суштината на проблемот. Уметниците-комунисти не само што не истапуваат свесно и активно против сите нега- тивни појави во уметноста туку се често и носители на разни нездрави односи, непринципиелни конфронтации и судири што носат проѕирна естетска лушпа, а се коренат во жабурни- кот на личните неизживеани страсти и приватни сметки. Да не е така, зар би можело да се толерира, па и потхранува не малу распространетото мислење дека марксизмот е застарено учење, дека е немоќен да проникне во тајните на уметничкото творештво, па се вадат туѓи идејни оружја, се симиња, старата ’рга од нив и се трга во поход за освојување на непознатите предели во уметноста. Мегутоа, вистинското модерно оружје – тоа е научната марксистичко-ленинистичка теорија чија творечка примена може да нѐ упати кон најправилни и најцелосни решенија на тешките и сложени естетски проблеми. Затоа пред нашите уметници, а во прв ред пред тие што се комунисти, стои неопходноста не само да го напуштат теренот на непринципиелните истąпи, туку и да го изградат своето идејно акционо единство и, користејки ги сите позитивни постигања и искуства на современиот свет, од материјалистички, марксистичко-ленинистички позиции да ги објаснуваат феномените на денешницата, општествени и уметнички, зазмајќи активен, револуционерен став кон она што му е туѓо и несвојствено на социјализмот и социјалистичкиот човек.
Кој тоа е овластен да суди за уметноста?
Во светлината на проблемите што се обидов да ги поставам, посебно се оцртува проблемот за односот помеѓу општеството и уметноста, односно уметникот. Често, на општеството му се упатуваат остри забелешки дека неговите институции и органи ја доведуваат во прашање уметничката слобода. Органите на општественото управување се сметаат за тела без квалификации да судат и решаваат за уметничките проблеми, дека во нив седат „овластени“ претставници на општеството наспроти тие што го немаат тоа „овластување“ а се вистински творци и луѓе на коишто единствено уметноста им лежи на срце. Овие приговори, низ коишто ѕирка перчинот на еден вид уметнички аристократизам имаат една потка – тенденција за монополизам во уметноста и литературата, за исклучување на општеството во решавањето на уметничките проблеми, за нивно претворење во свето право на уметникот. Притоа се заборава дека тие органи не се стручни туку општествени тела, дека уметничката слобода не значи само слобода во креирањето туку и максимална одговорност пред општеството, дека правото на уметничка слобода е и право на општеството на слобода од она што може да го забави и спречи неговиот прогрес и развиток.
Сите овие приговори удираат во основите на нашиот општествен систем и свесно или несвесно ги поткопуваат. Но во нив е изразена и една друга тенденција. Изнесени во форма на критички став на „неовластените“ и против „овластените“, тие всушност кријат во себе и немоќ за творечко разрешување на сопствените уметнички проблеми и дилеми, па за нивното разрешување се повикува на помош административната интервенција и бирократизмот. Во таа смисла тие не претставуваат ништо повеќе од обична тажачка за една дамна надмината фаза, стремеж за враќање на општествените односи на едно почетно и најниско ниво, тажачка за позиции, за власт.
Органите на општественото управување како жив организам што се развива и усовршува трпат и одредени негативни влијанија што заслужуваат остра критика. Но конструктивната критика што настои да ги согледа сите неправилности и деформации, да ги отстрани од нормалниот развиток, нема ништо општо со „критиката“ што сака да го негира тој развиток. Овие општествени органи, не смеат, како што некои мислат, да станат монополистичко право само на една категорија општествени работници, туку треба да бидат вистинско место каде и други општественици ќе имаат можност да учествуваат во решавањето на уметничките проблеми. Во нив, со отворено соочување или спротивставување на одделни сфаќања и мислења, со силата и логиката на аргументите, треба да се изградуваат општите ставови и да се согледуваат идните перспективи, а не зад нивниот грб, во кулоарите на дневните комбинации што неизбежно води во непринципиелност и малограѓанско озборување. Во нив бездруго треба да седат луѓе на кои уметноста им лежи на срце и кои ќе имаат и храброст и достоинство да се извишат над своите лични интереси за објективно и непристрасно делување со што ќе овозможат овие општествени органи да станат и општествена свест и уметничка совест на нашето време.
Тоа пак не може да не се одрази позитивно и на самата уметничка атмосфера и во создавањето на услови за уште поголема афирмација на нашата култура, уметност и литература.
Тие луѓе нема да ја чуватвуваат во својата близина сенката на зависта, озборувањето, непринципиелноста. Свесни за одговорноста што ја носат во името на општеството, тие ќе ги остваруваат своите права во склад со материјалните и духовнинте интереси и можности на тоа општество.
Најсетне зошто да се срамиме или плашиме отворено да речеме дека како комунисти треба со чувство на најголема одговорност да ги браниме тие интереси на нашето општество, дека сме крвно врзани со него! Нешто повеќе, зошто да не речеме дека во односот кон нашето општество треба да стапуваме со поголема револуционерна страст и љубов и дека без таа револуционерна страст и љубов не може да се замисли ни вистинскиот страстен, револуционерен и непомирлив став кон сѐ она што е штетно, конзервативно, назадно а што го придружува општествениот прогрес.
Препис на машинопис од Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ104 (претходна верзија на овој текст, со поголем број автографски дополнувања, е архивирана под број АШ К3 АЕ109). Во инвентарот на Фондот, АЕ104 е опишана како „дискусија на седница на ЦК СКМ, машинопис 6 листови (не авторизирана)“, додека во папката стои рачно напишана забелешка „дискусија на А.Ш. во својство на претседател на Комисијата или Комитетот за култура?! на седница на ЦКСКМ“.
Фактот дека текстот почнува со „Зборовите на другарот Тито, во кои се укажува на некои од основните проблеми на нашата современа уметност“, упатува на можноста текстот да биде реакција на познат говор на Тито во врска со уметноста, како на пример оној изговорен во пресрет на 1963 година, кој предизвикал многу реакции во југословенската културна јавност.
Дебатата на тема „Литературната ситуација денес“, одржана во Друштвото на писателите на Македонија на 18.1.1963 година е можеби исто така инспирирана од овој говор.
Други темаски сродедни текстови:
- Идејна конфузија
- За односот општество – литература
- Слободата на уметничкиот израз низ призмата на личниот вкус
- Културните сили во стегите на аристократизмот и примитивизмот
- Општествената смисла и слободата на уметничкото творештво на кантар
- Накратко за материјалните и идејните проблеми на културата и уметноста
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.