Средби и поезија
Поезијата е математика. Виша математика. Способност да се навлезе во тајната на една формула. Умеење да се прават неочекувани комбинации и пресврти со зборот. Инспирацијата е измислица на романтизмот. Треба само да се долови суштината на правилото како да се пишуваат стихови. Математичарот врз својата формула подига цела кула од апстракции. Исто и поетот. А што е математиката? Ако поезијата е математика?
Пред неколку децении Остап Бендер го продаваше својот рецепт за пишување литература. Не сакам, но морам да се сетам на нeго... Во салонот напнато внимание. Исчекување. Желби. Вжарени зеници. Осијечката средношколска младина гладно ги слуша тие што ја создаваат литературата.
Математика? Мојот колега врело се застапува за своите стихови. Пред тоа на средношколците им читаше стихови. За мене (и за нив, судејќи по нивната реакција) многу убави стихови. Неколку оригинални, свежи љубовни песни. Нови, непознати во нашата лирика... Математика? Не сум убеден. Не го делам мислењето дека поезијата е култура плус поетската формула. Нема школи за формирање на поети. Зар треба аргументи. Средношколците подобро ги знаат од историјата на литературата. Верувам дека денес и кај нас има многу поети што со математичка вештина пишуваат поезија. Ги среќаваме во литературните публикации. Зар под таканареченото ново што заканува да го компромитира стварно новото, не ѕирка лицето на бездарноста.
Еден ученик пишува толку замрсено што никој не го разбира! − упаѓа во разговорот еден средношколец.
Замрсено? Праша мојот колега. Зависи! Необичноста на метафората често го збунува читателот. Нејасноста не значи отсуство на квалитет. Потребна е солидна претспрема.
Но ако се работи за обично бладање? − пак упаѓа средношколецот.
Тоа е веќе нешто сосем друго.
Друго? А како го објаснувате печатењето на таквите негови песни?
И тоа е нешто друго.
Не, тоа станува прво!
Пак разговор за еден проблем на литературата наша југословенска. За критериумот. Само не со средношколците. Поголема група писатели од сите републики. Сите сме согласни: под темното небо на регионализмот не може да се чекори во литературата. Треба да се излезе на друг, поинаков колосек.
Што е југословенскиот критериум во литературата? Тука се разијдуваме. За повеќето од нас − теоретски неодржива категорија. Југословенски? Зар автоматски не претпоставува и вклучува во себе цела скала од критериуми: хрватски, словенечки, македонски итн.? Инаку − зошто би бил југословенски? Тоа е, сакале или не, враќaње назад. Неколкукатен регионализам.
Можеби како југословенски критериум се сметаат неколку сегашни остварувања што треба да се наложат како норма? Ако тоа треба да биде Стеван Раичковиќ како да ја одречам поезијата на Васко Попа, Весна Парун, Јанез Менарт, Драго Жерве? Чудно. Против нормативноста се станува во името на една изразита нормативност. Волшебниот круг се затвора. Зошто, нагласува колегата од Словенија, зошто морам да се учам од некого кој и самиот очигледно учи. Ќе се обратам директно на учителот. На Елиот, Веркор, сеедно.
Не го кријам задоволството од фактот што исклучивоста им припaѓa само на неколкумина писатели кои овде-онде, а најмногу (со сигурност тврдам) во Скопје, имаат епиогонски следбеници. 1952 веќе никогаш нема да се повтори, и најголемите загриженици поистрезнето гледаат.
Каков критериум? Еден, единствен како и во сите други земји на светот: вредноста на уметничкото дело. Само преку запознавање на врвното ќе се раскрчува патот за создавање на нашата единствена литература.


Текстот е објавен во Хоризонт, I, бр. 20, 25.11.1956, стр. 1.
Неколку тематски сродни текстови:
- Победата ќе ја однесат оние што ќе докажат дека се вистинските носители на новото
- По трагите на една конфузија
- За пресвртница
- Дискусија на тема „Дилемите на писателот пред социјалистичката стварност”
- Општествената смисла и слободата на уметничкото творештво на кантар
- Издавачката дејност од еден друг агол
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.