Современата македонска литература
На почетокот беа зборовите. Неподатливи, опори, непристапни. Зборовите постепено почнаа да сјаат со магичната моќ на уметноста. На белото поле на трпението и визијата се нижеа необични светови. Колку повеќе се чинеа далечни, толку повеќе се доближуваа до вистинскиот живот. Помина времето на благонаклонетите тапкања по рамо, на миленичките симпатии, времето на исчекувањата. Пред нас стои една сериозна и нова литература, млада и привлечна, но и потпрена на делата на старите македонски мајстори на уметничкиот збор, на големите народни поети и раскажувачи. Литература која сè повеќе се вклопува во нашите југословенски книжевни стремежи, носејќи го здивот на почвата на која се родила и бојата на нејзиното небо.
Зар е можно сепак да не се познаваме доволно? Сега, во ерата на ракетните врски, вселенските бродови и во најлудите соништа за освојување на вселената. Неодамна се одржа Третиот југословенски фестивал на поезијата. За многумина, можеби најмногу за самите учесници, поетите, македонската уметничка поезија беше – откритие. Што беше тоа што најмногу ги импресионираше? Се надевам дека нема да ги изневерам нивните согледувања, тоа е – нејзината изворност, самобитност, верност кон самата себеси. Таа сѐ уште не почнала да се кити со некакви дрангулии, таа не ја наметнала туниката и се покажува сосема гола... Можеби се лажам, но не можам да се оттргнам од овој впечаток: во потрага по изразот, понекогаш и понекој од нашите југословенски поети забораваше на поезијата. Далеку сум од тврдењето дека македонските поети се лишени од овие заблуди. Но, зарем тоа е најважното? Станува збор за поезијата во целост. Какви искушенија ја очекуваат во нејзиниот натамошен развој? Не сум пророк и не знам да читам во ѕвездите. Денес таа е полна со ветувања и со храброст.
Обично во вакви пригоди се наведуваат имиња – се составуваат книжевни репрезентации по генерации, се прогнозираат резултати. Туѓи ми се лигашките страсти, не припаѓам на ниедна генерација и не се обложувам на ничија иднина. Првите се последни, а последните први. Таленти неоспорно има. Од сосема други побуди се враќам на едно име, на еден поет – на Кочо Рацин. Точно пред 20 години се појави неговата книга песни Бели мугри. Овој исклучителен поет со модерен сензибилитет и вистинска хуманост, со својот неголем книжевен опус одговори тогаш на многу прашања кои и ден-денес нѐ мачат. Оној кој трагал по неговиот поетски свет никогаш нема да ги заборави неговите стихови:
Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце – порта највисока,
срце – куќа најширока.
Не е залудно враќањето на текстовите од поблиското и од подалечното минато. Особено не во случајот на Кочо Рацин. Поминаа многу расправи и протече многу мастило во недостиг на вистинско гориво. Но овој поет, тогаш кога стивнуваа страстите, кога почнуваше присното општење со поезијата, сугерираше многу вистини, едноставно и просто, од извориштето на својата поезија.
Се навратив кон Кочо Рацин, бидејќи неговото творештво ги пречекорува границите на времето во кое било создадено и претставува органски дел на новата југословенска поезија. Тој е пример за модерен, современ поет, впечатлива творечка личност. Ако поезијата е негација на ефемерните доживувања и на ефемерноста воопшто, тогаш тоа е превосходно неговата. Вистинскиот поет е секогаш модерен и современ.
Поезијата почна да ги населува и областите на прозата, на романот, пред сѐ. Но и прозата не остана должна, се одмазди со притисок врз поезијата, со пробивот во нејзината „неприкосновена“ сфера. На дневен ред е поетскиот роман. Тој е доминантна ознака на современата македонска проза. Она што е нејзино врвно достигнување. Нејзиниот најбуен крвоток. Но не и единствен. Шарена е сликата на прозните остварувања. Нееднаква по стилот, методата, дивергентна во своите тенденции. Тука се и раскажувачите кои го заокружуваат и го завршуваат народното усно раскажување, заедно со оние кои на безначајните детали им припишуваат универзални атрибути. Тука се и оние кои ja рушат и онака скуднaтa традициja, заедно со оние кои трпеливо ја обновуваат. Од поетските визии, преку психолошките расчленувања и медитации, до голата наративност и дескрипциите кои често не ги надминуваат амбициите на една обична новинарска репортажа – тоа се струењата кои ја обележуваат современата македонска проза.
Модернизам или реализам? Оваа дилема веќе излегува од мода. Што значат овие зборови? Сѐ почесто ништо, или речиси ништо. Литературата живее, а зборовите останале скаменети, неспособни да го објаснат она што навистина доаѓа како ново, оригинално, творечко. Кој сѐ уште сериозно гледа на таборите? Тие се надвор од литетатурата. Затоа не е чудно што понекој „реалист“ пишува „најмодернистички“ текстови, како што некои „модернисти“ му го крчат патот на „реализмот“.
А литературата е тука. Сериозна и нова, млада и привлечна. Не ѝ се потребни благонаклонети тапкања по рамо и миленички симпатии.
Имаш збор, драг читателу.


Превод на машинопис од Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ48. Според содржината на текстот, се претпоставува дека се работи за вовед во избор од македонската литература што е најверојатно објавен во списанието Tribina, по Третиот југословенски фестивал на поезијата, одржан во Охрид, летото 1959 година. Тогашниот уредник на Tribina бил хрватскиот писател, и голем пријател на Шопов, Славко Михаљиќ. Оригиналниот текст е на српскохрватски.
Превод: Искра Тасевска
Тематски сродни текстови
- Македонската современа книжевност
- За подобро запознавање со современата македонска книжевност
- Еден профил на македонската литература
- И чест и одговорност
- Нашата литература дел од современиот книжевен мозаик
- Македонската литература се роди во НОБ
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.