Секој пронајден одговор е зачеток на нови прашања

Уметничкото дело со траен уметнички успех го запленува мигот со такви изразни средства што наоѓаат соодветен резонанс во сензибилитетот на човека, па преку овој однос тој може да донесе сопствен суд и за вредноста на делото и за духовните и емоционални димензии на времето.

Незаменлива е убавината на мигот што нè воведува во светот на ликовниот уметник и таинствено ни ги загатнува, но никогаш не повеќе и не над наслутувањето, можностите и патиштата на уметничкото дело. Особено ако е тој вистински уметник и особено ако е тоа вистинско уметничко дело. Па и кога сме во дилема дали тоа остварување не ги изневерува нашите симпатии, и тогаш, доколку уметникот останал свој и изворен, неговото дело ќе нè возбудува со она што сакало но не успеало да ни го каже, и ние, доколку размислуваме за суштината на ликовното творештво, ќе најдеме и во него одговори на некои од прашањата што нè мачат, но нема да успееме да го затвориме нивниот круг.

Ликовната уметност, уметноста воопшто, е таков феномен што дотолку повеќе ги размножува јазлите на прашањата, доколку повеќе ги сечеме фиданките на одговорите.

Постојат одделни уметности што егзистираат единствено како колективен творечки чин. Во други пак, чинот на колективното експонирање нема уметнички мотиви нити може да произлегува од нив. И литературата го познава овој принцип, иако многу ретко го применува успешно. Кога го запрашале Илија Иљф, еден од прославените автори на Златното теле и Дванаесетте столови, како може тимски да создава, тој духовито одговорил: „Ете, така, јас пишувам, а Петров брише“.

Колективните ликовни изложби прилегаат на одбрани страници од некоја литература, на литературни зборници или среќно и со знаење составени антологии. Дали ќе ги прочитаме не зависи само од естетскиот критериум на составувачот и од неговата консеквентно спроведена замисла. Зашто нешто може сосем да се совпаѓа со нашите гледишта, па сепак да не преставува никаков специфичен белег ни за авторот ни за мигот што сака да го изрази. Успехот, не оној што го носат конјуктурните ветрови, не ефемерниот, туку оној вистински и траен уметнички успех го запленува мигот со такви изразни средства што наоѓаат соодветен резонанс во сензибилитетот на човека, па преку овој однос тој може да донесе сопствен суд и за вредноста на делото и за духовните и емоционални димензии на времето.

Пред нас е една група наши познати ликовни уметници, поканети да учествуваат на Второто триенале на југословенското сликарство и скулптура во Белград. Секој од нив има свој уметнички пат и своја уметничка физиономија, а сите заедно стремеж за нови пробиви во ликовното кажување, немир и незапир пред постигнатото и многу страници за современиот степен во развитокот на нашата ликовна уметност. На оваа изложба секој од нив зборува за себе и со нас, а сите заедно за нас и за нашето траење.

Разгледајте ги експонатите и јас сум уверен дека ќе ги откриете нивните најинтимни ликовни преокупации, нивните настојувања, нивните колебања, нивните искачувања.

И зар има поласкави искажувања од тоа: обично и едноставно да се соопшти фактот дека ликовните манифестации се една од најинтензивните и најзначајни сегашни компоненти на нашиот целокупен уметнички живот.

Сѐ друго што ви го нуди оваа изложба го оставам на вашето внимание и вашиот интимен разговор со неа.

Ацо Шопов во 1976 година

Препис на машинопис од Фондот Ацо Шопов во АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ99 со опис: „Реч по повод изложбата на македонските уметници на Второто триенале на југословенското сликарство и вајарство во Белград, машинопис 3 л.“

Според постоечките информации, Второто триенале на југословенските ликовни уметности се одржало во Белград, од 1 до 27 септември 1964 година. Од биографијата на Томо Шијак дознаваме дека во 1964 година, во Работнички дом, во Скопје, се одржува изложба на 10 македонски уметници, учесници на Второто триенале во Белград. Црпејќи информации од други документи, заклучуваме дека меѓу учесници од Македонија фигурираат и Димитар Кондовски, Спасе Куновски, Боро Митриќески и Ордан Петлевски.

Неколку тематски сродни текстови

  • Композитор на природата
  • Споменик на човековото страдање но и достојување
  • Револуцијата, непресушна инспирација на нашата уметност
  • Чудесна и загадочна везба во бакарот
  • Го сонува и го копнее ова дрво својот живот…

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов