Рака на животот
Рацете на милиони луѓе свртени се кон сонцето. Сонцето е на рацете на милиони луѓе. Колку е долг и мачен и величествен патот на човечките раце. Тие раце што први зграбиле дрво и камен за да го одбранат човека од диви ѕверови, тие раце што ги врежале своите соништа во каменот на мрачните пештери, тие раце што со дива жештина се оттргнувале од дивите нагони, раце што создаваат, раце што милуваат, раце што уриваат, раце што подигаат градови на соништа, раце што со совршенство од гипкост и прецизност на своите движења ги будат успиените тонови и бои, раце што испраќаат и чекаат, што молат и проштеваат, раце Фидиини, раце Паганинови, раце Титови, човечки раце, обични, плускави, црни од грижа и оган, најубави, прекрасни, раце. Тие раце се слеваат во една огромна нескршлива рака, рака на човекот што со полно право ја сонува и остварува својата голема иднина.
Со колку гордост и достоинство, сигурност и цврстина ги пренесува таа рака знамињата на трудот низ целиот свет. Раката на оние што го урнаа робувањето на човекот за човекот и им прават пат на вистинските човечки односи, раката на оние што се пред своето ослободување, раката во фабриките, на градилиштата, на нивите, во лабораториите, на клиниките, меѓу децата и младината, раката на трудот, раката на животот.
Ослободена, таа рака ја остварува смислата на своето постоење. Погледнете ги развиорените првомајски знамиња, тој вител во очите. Таа ги испиша, таа ги извиши, таа ги држи на мускулите. Погледнете ги овие фабрики, овие домови, овие паркови, овие светлини. Таа ги создаде тие фабрики, тие домови, тие паркови, таа ги запали тие светлини. Погледнете го ова треперење на сонцето во зениците, овој водоскок од радост во градите, оваа исправеност на чекорењето. Таа го запали тоа сонце во зениците, таа го пронајде тој водоскок од радост во градите, таа ја држи исправеноста на чекорењето.
Таа рака не може да се мери со мерките на просторот и времето. Лежи префрлена преку сите континенти, како мост, за сите патници на мирот и пријателството, на соработката и почитувањето, на човечката среќа и љубов. Таа го води човека кон човекот.
Прекрасна рака, рака на трудот, рака на убавината, рака на животот.


Препис на машинопис со автографски дополнувања што се наоѓа во Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ65. Ацо Шопов очигледно го напишал овој текст по повод првомајскиот празник. Местото на објавување не е познато, но според едно писмо што сопругата Светлана му го пратила на Ацо Шопов на 24 април 1960 година, може речиси со сигурност да се тврди дека овој текст бил објавен таа година. Тоа се потврдува и со обележјата на автографските дополнувања на машинописот.
Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.