По трагите на една конфузија

Како антологичарот Милан Ѓурчинов гo негира критичарот Милан Ѓурчинов.

Постојат неколку антологии за современата македонска поезија и проза. И сите, без исклучок (а тоа e удес и на најдобрите антологии), времето ги пратило веќе во заборав. Она што опсенувало вчера како остар и снажен уметнички збор денес е веќе неотпорно, свиено, напукнато под тежината на новите естетски барања, наслутени можности и патишта на литературата. Но во тоа нема ништо ни необично ни страшно, нити пак можеме да ги обвинуваме за лош вкус составувачите на тие антологии: за десет години и во литературата не стануваат чуда. Нашиот јазик, овој основен инструмент на литературата, издржа историска проба и дури денес може ефикасно да служи. Заедничка одлика на сите тие антологии е очигледната прераност, а некои од нив не се ни најсреќен избор од она што било врв и домет на моментот.

И сосем оправдано еден нов обид за составување на антологија не би бил ни целисходен ни разумен ако не тргне од горните констатации.

Овие дни југословенската јавност беше информирана дека се приготвува нова Антологија на современиот македонски расказ. Милан Ѓурчинов го објави предговорот на таа Антологија (Дело бр. 2 од 1957) под наслов: „Траговима зрења“. Засега не можеме да судиме за нејзиниот квалитет и да провериме со каква доследност нејзините составувачи успеале да ги потврдат своите естетски принципи. Немајќи ја Антологијата при рака, единствено што ни останува е да се задржиме на самата идеја за нова антологија и на судовите за оние автори што се застапени во неа.

I

Авторот на споменатиот предговор, давајќи неколку општи карактеристики за современата македонска литература, а исправен пред стварната тешкотија во дилемата за каков тип антологија да се определи, тргнува од такви негови вистини и сознанија што нè присилуваат да се замислиме и за обидот и за потребата од каква и да е антологија. Истакнувајќи дека во македонското прозно творештво не постои „некаква одделна, стриктна поделба и фази“, тој се откажува од замислата за ангологија од историско-документарен тип за да се судри со такви факти кои − до колку се точни и вистинити − би го довеле до логичен заклучок дека треба да се откаже од секаква антологија. Но да го пуштиме самиот да зборува:

„Једна друга околност спречила је ауторе (мисли на Антологијата, б. м.) у њиховом настојању да свој избор оплемене дахом личности, да је испуне зрелим говором изграђених стваралаца... Без аутора за кога би се могло речи да је прешао бар прву половину свог књижевног пута, лишени писца са одређеним, потпуним, дефинираним књижевним обличјем, они су напустили најлепшу замисао: да из мноштва разноврсних стваралаца издвоје и претставе оне најснажније, најаутентичније, времену и трајању најотпорније, најнеподатљивије.

Упустивши се и поред ових сазнања у ризик избора, састављачима није остајало ништа друго, до да одустајући од трагања за писцима, отпочну трагање за текстовима.“

Ако антологичарот сознава дека во една литература не може да се направи избор кој ќе биде облагороден „со дах на личности“ „со зрел говор на изградени творци“, ако не може да најде ниедна силна оформена писателска личност, па ризикува барајќи текстови и ако во тоа барање открива само десетина имиња со исто толку текстови што го задоволуваат неговиот естетски критериум − тогаш не е неумесно и без основа прашањето каде води тој ризик и зошто е потребна таква антологија?

Дали воопшто може да се направи антологија кога изборот е толку сиромашен? Од каков тип ќе биде таа антологија? Историско-документарен, не − тоа го чувме. Тогаш? „Што поприсно, што попрецизно, да се одрази светлината и кликот на раѓањето“ − како што вели Милан Ѓурчинов? Но раѓањето е раѓање, а неговиот клик, крик и светлина, иако можат да бидат добри предвесници, уште не значат квалитет. Денот не се познава секогаш по утрото. Дали ја оправдува оваа Антологија сознанието дека постојат бранувања во прозното творештво, дека треба да се фиксираат „живите внатрешни процеси што се зачнале како и сите поуочливи линии на дивергенциите што во нив почнуваат да се наѕираат?“ Она што е зачеток, она што почнува да се наѕира, а не е ни оформен процес ни дефинитивна, зрела реализација − зар тоа да биде решавачки показател во составувањето на Антологијата? Навистина, ако Антологијата биде таква каква што ја прикажува Милан Ѓурчинов во својот предговор, ќе остане прва и единствена како образец и пример.

Предговорот на Милан Ѓурчинов е документ на една неразбирлива исфорсираност, нестрпливост, нервоза, прераност. И конфузија во идејата и принципите при составување на Антологијата. Па заради тоа не може да се помине преку впечатокот дека оваа Антологија нема да биде барем колку толку лишена од ефемерноста и коњуктурата на моментот, иако М. Ѓурчинов се мачи да нè убеди во спротивното. Уште повеќе кога знаеме дека некои писатели не се застапени а имаат раскази чии квалитети не паѓаат подолу од прозните квалитети на многумина најавени автори во чие творештво составувачите откриле антологиска вредност!

II

Но да ги оставиме овие прашања за оној ден кога ќе се сретнеме со Антологијата и да го свртиме нашето внимание кон судовите за прозите писатели. За ликот на Милан Ѓурчинов како антологичар и критичар не ќе можеме да утврдиме ништо поособено ако овие судови не ги споредиме со судовите искажани порано и во неговата книга Време и израз што излезе во април 1956.

Пред нешто повеќе од една година, во написот „Мотив и инспирација“ (8од 27. XI. 1955) Милан Ѓурчинов недвосмислено го изрече овој суд за современата македонска литература:

„Десет години живее оваа литература под геслото на регионалната суревнивост, десет години упорно ѝ се сугерира дека е таа нешто специфично, нешто автохтоно, па сепак за сето тоа време... не е создаден ниеден позначаен, реален, не­двосмислено-животен реалистичен или било каков друг ,изма‘-тичен книжевен податок за нашата, автентична, современа Вардарска и Југословенска Македонија од средината на дваесеттиот век“ (подвлекол, А. Ш.).

Зар е нужен некаков коментар на овој јасен и категоричен суд? До пред нешто повеќе од една година, по негово мислење не постоел во македонската литература ниеден книжевен податок, што значи дека сиот десетгодишен период се определува исклучиво како предисторија и увод во вистинскиот литературен развиток.

Ние сме склони да го респектираме овој суд до колку е тој резултат на авторовото длабоко, неизменливо сознание. Но по една мала екскурзија низ неговите текстови не ќе се чувствуваме обврзани кон таков однос. Еве што вели тој во предговорот на Антологијата за некои писатели чии книги беа објавени токму во текот на „десетгодишниот вакуум“:

„...Владо Малески-Тале, писац изванредних спонтаних акцената, који је у својим малобројним приповеткама из НОБ-а успео да из епопеjе партизанског ратовања (приповетке: „Сланката од Копачка“, „Прва вечер“) извуче дирљиве људске садржине, да их језиком непосредних казивања оплемени и издигне до судбинског значења.

Нешто касније (у другој својој књизи Бранувања, 1953), у доста фрагментарно писаној хроници „Младоста на Фросина“, Малески се обратио прошлости, потресним сведочанством о мукотрпној судбини македонске жене и мајке, судбини чемерној и испуньеној вечитим трпљењем. Све је то саопштено језиком једноставним и језгровитим драгоценим и једин­ ственим по својој изворности“ (подвлекол А. Ш.).

За Коле Чашуле истакнува дека се јавува првите повоени години „са много више субјективне ексклaмaтивности, читав изникао из Народне револуције, пркосан, несуздржљив и нагао...“, па продолжува: „Његова прва књига (Првите дни, 1951) сва је у јарким ожиљцима тек преживелих ужаса окупације и стравичних призора из фашистичких затвора. Писане, највероватније на основи непосредних утисака са директно експонираном мржњом и пркосом према класном непријатељу, приповетке К. Чашула претстављају кратка али језовита сведочанства о рађањима новог дана, сведочанства пуна ослепљујучих светло-тамних контраста између херојског стоицизма комуниста и помахниталог окупаторског беса“ (подвлекол А. Ш.).

Јован Бошковски е определен како „писац мирних, сређених прозних казивања“ итн. итн.

Човек не мора да биде некаков особен теоретичар и логичен ум за да сфати дека се овие судови дијаметрално спротивни на оној од „Мотив и инспирација“ според кој во десетгодишнината на македонската литература нема ниеден книжевен податок. Така антологичарот Милан Ѓурчинов гo негира критичарот Милан Ѓурчинов.

Но да тргнеме понатаму. Пред нас ќе се разголи со неумолива жестина апсурдноста, противуречноста и неодрживоста на судовите на Милан Ѓурчинов. Ако тие за претходните автори беа сепак изречени со извесна претпазливост, резерви, огради, забелешки, како што се „шематска конструкција“, „гротеска и карикатура“, „лабилна композиција и невешт израз“ итн. во искажувањата за некои други писатели отпаѓаат сите огради и противречноста е тотална и непобитна.

Во писмото до Србо Ивановски под наслов: „Наведнат над еден лирски текст“ (Милан Ѓурчинов, Време и израз) вака му ги соопштува своите импресии на авторот:

„Ако те интересираат генералиите, еве ти ги, поарно, да свршам со нив во почетокот: твојата проза во нејзиниот денешен вид е интензивно лирски обоена, што е кај тебе една непретенциозна и ненаметлива состојба, бидејќи твоите прозни остварувања се родени во гнездото на интимниот свет на твојата психа, кој не е никогаш само субјективен. Тоа гнездо, високо поставено, меѓу најкревкиге гранки на тополите (...) ти дава две големи предимства: од височините ти открива еден бескраен и син видик и ти овозможува секое напуштање на гнездото и тргнување по нови пространства да биде за тебе еден слободен лет со раширени крила“. И подолу: „доближувајќи се до вистината за смртта на мајка ти во секоја наредна евокација, а покажувајќи при тоа едно необично сигурно и деликатно чувство за мерка при премините, остварувајќи една природна градација на болката и чувството на празнина, − ти даваш најсигурни докази за твоите натпросечни креативни можности“ (подвлекол А. Ш.).

А во предговорот на Антологијата прозата на Србо Ивановски се оценува во сосем спротивна светлина: „Више рафинмана, већу културу форме, али далеко мање садржаја донели су прозни покушаји песника С. Ивановског. Изразити лиричар, поета меких атмосфера и минорних рефлекса, Ивановски је покушао да своје поетске доживљаје продужи и развије и наративном ткиву прозног текста. Испало је оно што се неизбежно морало догодити: прозна материја и простор прогутали су поетску поенту, екстатични импулс угасио се у гранатом сплету нарације. Оно што је за поезију било довољно, у прози је било преслабо да понесе сву тежину и развијеност казивања. Данас су прозни напори С. Ивановског негде на почетку свог пута. Карактерише их олако повођење са општим утиском, кружење око периферних момената, отсуство стварнијих, дубљих замисли“ (подвлекол А. Ш.).

Во Време и израз за Кловнови и луѓе од Славко Јаневски eдинствено „разочарување“ на М. Ѓурчинов е што овој писател ја прекинал „темата за нашиог живот и разговорот за нашиот човек“. Инаку за него Кловнови и луѓе е „тематски полна, естетски интересна и смела книга...“

Што останува од овој суд во предговорот на Антологијата. Буквално ништо:

„И у својој првој збирци приповедака Кловнови и луѓе, 1955, Јаневски није показао куда у ком управо смеру гравитирају његови интереси. У њој постоји извесна намера да се веома хетерогена материја повеже јединственим смислом. То је учињено антиномијом истакнутом у наслову књиге. Крајњи резултат, међутим, није оправдао намеру. Са малим изузетцима, Јаневски је своје ликове транспоновао према познатим обрасцима, па једној мање-више тематској основи, са приметним линијама конструкције и целисходности. Преве­ лика разнородност сижеа (од предратних циркусаната, реминисценција детињства и улице, анегдотских записа из НОБ-а, слика и призора из живота ловаца, до шематских резимеа о савременој западноевропској боемији) још више отежава пишчеву замисао, која се зауставља на спољним дескрипцијама и констатацијама без дубљек функционалног значења“ (подвлекол А. Ш.).

И пак, зар е потребен некаков коментар?

Ту жесток и неправеден негатор, ту загрижени и пристрасен афирматор, ту едното и другото за исти автори, Милан Ѓурчинов сè повeќe ce губи во своите сопствени метаморфози, противуречни ставови и неодговорни искажувања. Додека за Симон Дракул тврди дека е писател со „проза на безлично соопштување“, а Цветко Мартиновски карактеристичен со неговиот „исфорсиран стремеж кон регионализмот и локалистичкиот колорит“, Бранко Варошлија е, според него, писател со исклучителен талент: „Његова казивања, проткана кадифастом влагом меких емоционалих расположеньа и атмосфера, усмерена су више [нечитливо] скривених и далеких импулса градског човека усред његовог амбијента...“!

ІІI

Доста е веќе. Ме измори оваа непријатна екскурзија. Потонува ликот на критичарот Милан Ѓурчинов во маглата на неговата збрканост, недоследност, бумерангија.

Само уште едно прашање: зар имаме право после сè ова да не се сомневаме во светлото раѓање на новатa Антологија? Ние, публиката и издавачите, доколку на сите љубопитството за егзибициите и рамнодушието не ни е темен превез преку очите?

Aco Šopov glaven portret 4

Teкстот е објавен во Хоризонт, 3.3.1957, стр. 3. Тој се вбројува во јавната полемика помеѓу таканаречените реалисти и таканаречените модернисти, која се распламтува по објавувањето на Стихови за маката и радоста, збирка на Ацо Шопов објавена во 1952 година. Шопов ја најавува оваа полемика со Ѓурчинов во написот „За оваа наша мала, нерасповиена литература“, во која станува збор за Србо Ивановски (стр. 32).

Тематски сродни текстови

Во комбинација со: Неколку тематски сродни текстови:

  • Победата ќе ја однесат оние што ќе докажат дека се вистинските носители на новото
  • За пресвртница
  • Дискусија на тема „Дилемите на писателот пред социјалистичката стварност”
  • Општествената смисла и слободата на уметничкото творештво на кантар
  • Издавачката дејност од еден друг агол

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов