По врвиците на Кочо Рацин

Бели мугри се надоврзува и на нашиот поетски збор од минатиот век и на најубавото во непрекинатата традиција на народното поетски творештво, на таков начин што ќе го прими во себе најдрагоценото во сето тоа творештво, а пак ќе ги сочува сите белези на индивидуалната творечка физиономија на својот автор.

I

Кочо Рацин ѝ припаѓа на онаа галерија од ликови на творците на уметничкиот збор во чии личности на највозвишен идеален начин, потполно и складно, хармонично и рамносилно се обединуваат сите атрибути што ја сочинуваат органската целост на тие личности, па за нив велиме дека нивното дело е огледало на нивниот живот, а нивниот живот, потврда на нивното дело.

Кога зборуваме за поетот Кочо Рацин, ние мислиме и на човекот Кочо Рацин, на оној самопрегорен работник и истакнат борец за правата на својата работничка класа и својот народ, а кога зборуваме за борецот Кочо Рацин ние со тоа истовремено го подразбираме и оној поет чие име, неразделно врзано за сегашнината на нашата поезија и нашата литература, стои на првата страница во новата развојна фаза на таа поезија и таа литература. Поетот и борецот во личноста на Кочо Рацин претставуваат таква нераскинлива целост што можеме сосем оправдано да тврдиме дека во неговата личност на специфичен начин се овоплотило неговото време. Поетот е поет затоа што е борец, борецот е борец затоа што е поет.

Израснат во условите на суровиот закон на гнетот, експлоатацијата, социјалните злини, насилничката обесправеност, Кочо Рацин рано ги сознава сите неволи и маки на работничката класа и на работниот црнотрудов народ. Но, исто така, тој рано ги осознава и патиштата што треба да ги разрешат дилемите и противречностите на неговото време. За тоа осознавање на основниот императив на времето, тој вложува сестран и видлив напор. Неговиот жив дух не запира пред неизбежните пречки со кои се судира во тоа барање. Неговото внимание е свртено кон проблемите на историјата, културното минато, јазикот, филозофијата. Кон проблемите на неговата современост. Тоа барање, тоа истражување има единствен мотив: да се согледаат и поврзат нишките на историскиот развиток и во тоа согледување да се откријат развојните тенденции на времето бремено со нови општествени судири и нови историски перспективи.

Творец со богата поетска имагинација, природа обдарена со вонреден модерен сензиболитет, Рацин проникнува во суштинските проблеми на своето време и својот народ и израснува како човек и поет кој во борбата на пролетаријатот и на поробениот народ ја наоѓа основната смисла на своето постоење. Тој израснува како страствен патриот што се стреми со сите сили кон идеалот на националното ослободување, но истовремено тој е пролетер и револуционер, па оваа свест и класна одреденост го условуваат и карактерот на неговиот патриотизам. Основа на Рационовиот патриотизам е интернационализмот на неговата класа, општочовечкиот хуманизам. Неговиот патриотизам – тоа е интернационализмот на дело, историскиот интернационалистички долг на неговата работничка класа, сфатен и конкретизиран во дадените историски услови и остваруван низ конкретни револуционерни акции.

Овој пристап кон национално-социјалните проблеми и проблемите на патриотизмот битно го одредуваат и карактерот на Рациновото уметничко творештво и карактерот на неговата политичка и револуционерна дејност. Со тоа тој се одделува не само од поранешните поетски генерации, туку и од многумина свои современици. За тоа и неговиот поетски интерес е усмерен кон нови содржини, открива нови животни вистини, поточно, ја открива и често трогателно поетски ја транспонира вистината на своето време.

Лишен од секаков лажен романтичарски патос, но згустен од вистински револуционерен електрицитет, и тогаш кога се остварува во елегична форма, и тогаш кога ги открива социјалните рани на општеството и тогаш кога повикува на борба, Рациновиот стих ги носи сите белези на изворна, автентична, оригинална креативна постапка. Изворноста на овој стих иде често со елементарна сила, технички тој не е секогаш довршен и дограден, но токму зад таа и во таа техничка недограденост може лесно да се согледа неговата оригиналност и сè она што е ново и специфично со неговото доаѓање во нашата поезија. Тој не е просто продолжување на традицијата на нашиот поетски збор, не е нејзин обичен додаток. Израснат врз таа традиција, Рациновиот стих не само што открива нови простори на животот дотогаш од поезијата ненаселени, туку открива и нови димензии на таа поезија, нови можности на поетското кажување. И не само можности. Рационовиот стих е и афирмацијата на тие можности, самиот се остварува како нова значајна димензија во нашата поезија.

Во тоа се состои историската заслуга на поетот Кочо Рацин. За тоа ние и го сфаќаме овој поет како основоположник на современата македонска поезија и литература воопшто.

Многу врвици и лирски постигања во современата наша поезија врзани се или овозможени со поетското дело на Рацин.

II

Како што е познато, Рациновиот творечки интерес, не е усмерен само на една област не се запира и задоволува само со едно подрачје, тој сака да проникне во сите облици на разностраната свесна човечка дејност за да ја најде нивната заедничка основа. Овој сестран Рацинов творечки интерес веќе испитан и оценет во нашата литературна историја укажува на големиот творечки потенцијал својствен на овој поет но неостварен поради прераната трагична смрт. Забележани се и оценети и Рациновите прозни текстови како и останатите негови прилози до кои, и покрај ограничените можности и тешки услови, успел да допре неговиот љубопитен дух.

Меѓутоа, иако Рационовиот опус не се исцрпува со неговата поезија, она со што овој творец е навистина творец, она со што Рацин е навистина Рацин, тоа се неговите поетски текстови, тоа се, поточно, неговите Бели мугри! Рациновиот опус ја доживеа трагиката на недовршено дело, но во тој опус неговите Бели мугри стојат архитектонски монолитно, како од еден камен извајан уметнички паметник. Ние денес наслутуваме што би можело да се очекува од поетот Рацин да не ја споделеше судбата на своите претходници. Но макар и трагично секнат во својот најсилен разгор, овој поет остави зад себе таков поетски текст, редок и со својата единственост и со смислата на својата поетска кохезија. Најголемиот број на песните содржани во Бели мугри – тоа се всушност делови на една целосна поема за животот на нашиот човек, црн и страдалнички, но истовремено и возвишен и озарен од светлината на борбата. И ако се обидеме да издвоиме само една од нив, „Ленка“ или „Тутуноберачите“, „Печал“ или „Татунчо“ или која и да е друга што ќе ја сретнеме при случајното отварање на Бели мугри, ако го сториме тоа ќе почувствуваме веднаш дека се руши ова поетско здание, дека една незаменлива функција му се одзема, дека се гаси неговата уметничка сила. Таква е внатрешната логика на песните во Бели мугри, на оваа поема за маката и борбата на нашиот народ во неговото недамнешно минато, поема што релјефно и живо, поетски доживеано и убедливо, стројно го носи во себе светот на тоа минато.

Па колку и да е голема трагичноста со која ни се нуди Рациновиот недовршен творечки опус, над неа секако стои и ја надвишува уметничката сила, поетскиот текст и поетската порака на Бели мугри. Дотолку повеќе што на литературата и на поезијата посебно не може да се гледа како на резултат постигнат со еден напор или со напорот на една генерација, туку како на резултат што се проверува, довршува и потврдува во опитот на повеќе генерации; дотолку повеќе што иднината секогаш му суди на минатото. А Бели мугри го дочека тој суд на иднината.

Кочо Рацин пишувал и објавувал стихови пред песните што се содржат во Бели мугри, кои повеќе или помалку носат белег на први поетски објави, на прво поетско зачекорувањe, па спрема тоа имаат повеќе литературно-историска одошто вистинска уметничка вредност. Во нив можеме да го уочиме процесот на созревањето на поетот, на неговото поетско растење, а исто така и процесот на созревањето на Рацина како човек и борец, процесот на неговото доживување и сфаќање на светот, неговиот однос кон светот. Тој пат изминат во развојот на Кочо Рацин е всушност предуслов и нужна припрема на она што поетот ќе успее подоцна да го оствари. Но иако не ги минуваат рамките на претежно литературно-историско значење, тие стихови споредени со песните од Бели мугри даваат можност за прецизирање на некои размисли во врска со проблемот на суштината на уметничкиот феномен.

А еве зошто:

Познато е дека тие стихови во својот поголем дел изразуваат општи ставови, општи чувства и настроенија, дека само општи ставови, чувства и настроенија фигурираат со сета своја разголеност без какво и да е конкретно фиксирање на еден или повеќе мигови на реалната историска даденост или со други зборови таа историска даденост потоа ги вообличува во својот епски стих [...]* и ги пренебрегнува нивните облици низ кои таа единствено постои. Тука е значи, за конечниот уметнички ефект, решавачка естетската позиција на поетот.

Меѓутоа, во песните на Бели мугри, Рациновата уметничка постапка битно се менува. Тој тргнува од конкретната историска даденост не за да дојде до некои општи положби, туку со помошта на својата поетска имагинација да ја рекреира во живи уметнички ликови и поетски текстови со вредност на траен уметнички документ како релјефна транспозиција на своето време и своето општество, документ што докажува, обвинува, охрабрува, облагородува, поттикнува на непомирливост и издржливост во борбата.

Со појавата на Кочо Рацин се обновува прекинатата врска во развојот на нашиот уметнички збор. Колку и да е долг тој период што обично го означуваме како прекин, како празнина што стои меѓу две или повеќе уметнички фигури, тој прекин во Рациновите Бели мугри не замо што завршува туку и обновената врска станува многузначна и многустрана. Оваа мала поетска книга ја има таа судбина да се надоврзе и на нашиот поетски збор од минатиот век и на најубавото во непрекинатата традиција на народното поетски творештво, на таков начин што ќе го прими во себе најдрагоценото во сето тоа творештво, а пак ќе ги сочува сите белези на индивидуалната творечка физиономија на својот автор.

Рациновите Бели мугри навистина [нечитливо] по еден долг прекин со уметничкиот збор. Но ако тој уметнички збор, поради историската положба во која се најде нашиот народ, беше систематски задушуван, ако некои несомнени творци останаа без елементарна можност за изразување на својот творечки потенцијал, никаква сила не можеше да го спречи народот да пее за своите страдања, за своите надежи и борби, за својот живот и преку својата песна да говори за својата свест и иднината што ја копнее. Таму каде што гаснеше зборот на уметникот под ударот на силата, народот, народниот пејач како да го прифаќаше веднаш тој збор за да го сочува во себе, за да го допее нереченото во него и да му го предаде на идниот уметник и творец.

За тоа Рацин толку внимателно пристапува кон проблемот на народното творештво, за тоа неговата поезија со една своја компонента се потпира на народниот поетски збор. Рациновите Бели мугри претставуваат значајна појава во нашата културна историја не само поради своите уметнички квалитети туку и за тоа што во времето на своето појавување се наметнуваат и како врвен уметнички израз на нашата национална свест, на националната индивидуалност и посебност на нашиот народ. Тие се недвосмислена афирмација на таа свест. Во нив е изразена неминовноста на еден историски процес, одречуван и спречуван, но сепак остварен со логиката на својата неизбежност.

Рациновите Бели мугри го подигаат и нашиот литературен јазик на едно повисоко ниво во споредба со јазикот на неговите претходници. Во таа смисла тие претставуваат широка основа за понатамошно развивање и богатење на нашиот литературен јазик.

За тоа појавата на Рациновите Бели мугри беше искрено пречекана и поздравена не само од наша страна туку од сите југословенски прогресивни сили. Копнежот за национална слобода толку видлив во Рациновата поезија стана составен дел од борбата на сите југословенски народи, на југословенската социјалистичка револуција, во која во името на тој копнеж, во името на ослободувањето на човекот и трудот, го даде својот живот и поетот Кочо Рацин.

Кога се зборува за карактерот на Рациновата поезија, обично се истакнува нејзината усмереност кон социјалните проблеми на времето во кое таа никнува, па и самиот Рацин се одредува како изразит социјален поет. Тоа е секако точно. Но со тоа не е речено сè за Рациновата поетска природа. Рациновото творечко внимание е навистина свртено кон социјалните проблеми на неговото време, но Рацин кон тие проблеми пристапува првенствено и над сè како превосходен лирски темперамент, па поради тоа и неговото поетско творештво носи превосходни лирски белези. Народната трагедија и болка Рацин ја доживува како своја лична судбина. Социјалните проблеми како да се негови најинтимни проблеми па тој чувствува неодложна потреба да ги соопшти како своја лирска исповед.

Со оваа особеноснт на својата поетска природа, Рацин стои над многумина свои современици, познати како автори на социјалната поезија, а неговите Бели мугри добиваат специфична уметничка тежина.

III

Дваесет години нè делат од смртта на поетот и борецот Кочо Рацин. Тоа време од две децении донесе крупни непреценливи промени во животот на југословенските народи. Нашиот човек зачекори незапирно по патот на своето очовечување, по патот што го прави вистински градител, управувач и носител на сите материјални и духовни богатства. Нашата уметност, нашата литература, нашата култура, во услови на полна творечка слобода, нагло ги рашири границите на својот творечки активитет и се исполни со нови содржини, нови, дотогаш непознати, светлини, звуци и бои. Дојдоа нови уметнички генерации со свои барања, свои самонаоѓња, свои визии на светот. Сликата на нашата уметност, на нашата литература стана необично разновидна, испрепреткана со многубројни спектри и созвучја на зборот и изразот.

Сосем природно, а тоа значи и неизбежно, се поставува прашањето на нашите сегашни генерации кон Рациновото дело, кон тоа наше културно наследство. Како од аспектот на сегашните достигања во литературата и уметноста гледаме на тоа дело, со што тоа живее денес во нас и со нас, во нашите битно изменети материјални и духовни услови и простори?

Во многузвучниот полифоничен говор на нашата денешна поезија, Рационовиот стих доаѓа со својата изворна убавина и елементарност и ја соопштува својата порака едноставно и просто, без намерно барани и бравурозно градени метафори за една самоцелна игра на поетскиот говор. Убавината и вредноста на овој стих е во неговата неповторливост. Ако убавината и вредноста на секоја поезија лежи во нејзината неповторливост, тоа значи дека никој денес не може да го подражава Рациновскиот начин на поетското говорење. Но она што ни останува од Рацина, она што самиот тој го оствари во своето поетско дело, тоа е вистината дека едно уметничко дело не може целосно и потполно да се оствари како уметничко дело ако во него не постои органска поврзаност и условеност меѓу неговиот израз и содржините што треба да се изразат.

Рацин е целосна, интегрална личност. Во неа еднаква вредност имаат и човекот и поетот и борецот. Рацин е човек што умее да ги осети и разбере до крај сите што ја имаат само својата глад и својот црн труд. Рацин е борец што свесно влегува во борба за ослободување на трудот, за ослободување на народот од национален гнет и потчинетост. Рацин ја наоѓа смислата на човечкото постоење во борбата против сè она што понижува и навредува, што е недостојно за човека и за човечките односи. Рацин е борец што за таа смисла на човечкото постоење мораше да поднесе низа [нечитливо], прогони, затворања и да го даде и својот живот. Рацин верува и се стреми кон новата иднина на човекот, кон неговата човечка утрешнина, кон неговото очовечување.

А тоа е и наш стремеж и наш идеал.

Ацо Шопов во 1976 година

Препис на автограф од Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ64. Беседа изговорена по повод дваесетгодишнината од смртта на Кочо Рацин, на 13 јуни 1963 година, во Велес, во киното „11-ти Октомври“.

Пократок осврт кон творештвото на Кочо Рацин:

  • „Кочо Рацин, борец за правата и светлините човекови“

Текстови во кои станува збор и за Кочо Рацин

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов