Три прашања за Шопов во „Поет за сите антологии“

На 31 октомври 1978 година, во Југословенскиот културен центар во Париз беше промовиран изборот од поезијата на Шопов на француски јазик под наслов En chasse de ma voix (Го барам својот глас). Повод да му се постават три страндардни прашања, на кои поетот одговара накратко.

Можеби и нема потреба да нагласам дека поезијата ја чувствувам како составен дел од моето секојдневие. Со задоволство и со гордост ќе истакнам дека првите поетски импулси ги добив во 1940 година откако ја прочитав стихозбирката Бели мугри од Кочо Рации. Јас тогаш не знаев кој е Рацин, но стиховите на Бели Мугри ме потресоа не само со својата поетска совршеност и со својата неповторлива социјална тематика, туку и со тоа што преку нив за првпат го почувстрував својот мајчин јазик − македонскиот! Тоа беа незаборавни моменти во мојот живот.

***

Кога веднаш потоа ја напишав својата прва книга со стихови, преку мојот пријател Демир Фируз ја испратив на Ванчо Прке кој за сите нас претставуваше ценета личност од чиј интелект бевме опсенети сите одред. Ванчо Прке исто така пишуваше стихови и беше воодушевен од стиховите на Мирослав Крлежа. Кога се сретнав со Ванчо Прке, тој ми рече дека ги прочитал моите стихови и дека му се допаѓаат. Тие негови зборови многу ме охрабрија и претставуваше поттик за моето понатамошно создавање во областа на поезијата.

***

Подготвувам нова книга со поезија. До крајот на годинава ќе ја понудам на некој од нашите издавачи, најверојатно на „Мисла“. Во мојата последна објавена книга Песна на црната жена настојував преку Африка да ја откријам Македонија, а преку мојата најнова книга се трудам преку Македонија да го откријам светот. Моментно работам и над препевот на избор од стиховите на Сен-Џoн Перс, а во слободното време читам дела од македонски автори. Сега го прочитав романот Вест Ауст од Божин Павловски и ми остави силен впечаток.

Овие одговори на Шопов се објавени во Вечер, 28-30.11.1978, стр. 12, во поголем напис на Ташко Ширилов под наслов „Поет за сите антологии“.

Интервјуто е објавене во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов