Поезија и препев

Написов е замислен како мал прилог кон нашите размисли за „модерната“ поезија таква каква што егзистира на наша, југословенска почва и за можноста на нејзинот препев. Се прашуваме дали препевот на таа поезија што се сведува на чисто јазично-техничко пренесување на стихот може да се смета како квалитет и дали отсуството на творечкиот момент во нејзиниот препев не укажува дека всушност тој творечки момент не постои ни во неа.

За „модерната“ поезија (како и − за поезијата воопшто) и најеминентните имиња на литерарната критика немаат ни приближно единствени сфаќања. Напротив, мислењата се остро и непомирливо поделени: звучни дитирамби и анатеми, безрезервни афирмации и тотални негации, проколнување на „старото“ и крунисување на „новото“ и над сè − застрашувачко отсуство на стварни творечки напори за објективен пристап и непристрасен суд... Читателот е често присилен да се потпре на својот усет, на својот здрав вкус за да се доближи до вистината во тие дивергентни и поларизирани искажувања за поезијата.

Во овој напис ќе се обидам да го разгледам проблемот на „модерната“ поезија од еден друг аспект, од аспектот на препевот, без претензии на исцрпност во анализата и дефинитивност на судот. Написов е замислен како мал прилог кон нашите размисли за „модерната“ поезија таква каква што егзистира на наша, југословенска почва и за можноста на нејзинот препев.

Секој што сакал поетската мисла од другите јазични подрачја адекватно или приближно верно на оригиналот да ја изрази со поетските средства на својот литературен јазик, знае со какви крупни и тешки проблеми мора да се судри и се судрува во препевниот чин. Препевот на вистинската поезија е „тврд орев“ и за највештите мајстори на стихот и како по правило препевот тешко ја дочарува сета убавина на изворната поетска реч, па затоа не ретко се среќаваме со прозни преводи на поезијата или доколку е запазена поетската форма и структурата на стихот − препевот е без рими што на оригиналот му дава посебна драж. Не е случајно што големиот српски поет Јован Јовановиќ-Змај бил принуден рускиот класичен јамбов стих да го препее во хорејска стапка, како што не е случајно ни тоа што Ростановиот Сирано де Бержерак во рускиот препев многу напомнува на духот на руската класична поезија. Сè ова нè наведува на мислата, а некои тоа и го тврдат категорично дека поезијата е непреведлива.

Во препевот поезијата инсистира на максимална идентификација со основните авторови мисли, чувства и настроение. Таа ги раздвижува сите креативни сили на препевувачот кој не е ниту може да биде само обичен репродуктивен посредник во транспонирањето на поетското дело од еден во друг специфичен поетски организам. Да мислиш и да доживуваш како што мислел и доживувал поетот − автор, неговите поетски преокупации да станат твои поетски преокупации, твој внатрешен поетски императив, или како што веќе реков, својата поетска личност наполно да ја идентифицираш со поетската личност на авторот − тоа е противречноста во чие усвитено совладување се раѓа препевот.

Таа идентификација не е никогаш тотална, па макар препевувачот и да располага со поголема творечка сила и надареност одошто авторот. А не е ниту може да биде затоа што се во прашање две различни поетcки природи две различни мисловни и емотивни конституции и две различни можности, условени од специфичноста на јазикот, за уметничка реализација. Препевувачот, доколку навистина е тоа секогаш е исто толку и творец како и авторот на поетското дело.

Ако сега од овој аспект пристапиме кон нашата „модерна“ поезија ќе дојдеме до необично интересни констатации.

Пред сè, таа е лесно преводлива. Со минмални напори може да се постигне максимален ефект. Препевот на таа поезија се сведува на просто, механичко јазично обликување на туѓата поетска мисла. Отсуствува творечкиот грч. Таа поезија може секој да ја преведува. Како по правило преводот со своите квалитети не отстапува од оригиналот! Отсуството на творечката заангажираност е најбитното обележје во сите препеви на нашата „модерна“ поезија. Можеби некој ќе забележи дека тоа произлегува од природата на слободниот неврзан стих. Но таа забелешка нема никаква тежина. Слободниот стих се гради врз своите специфични закони како и врзаниот. Препевувачот всушност мора да се најде пред исти проблеми. Нивниот облик e изменет, нивното решение е друго, но суштината на препевот е иста.

Постои масовна продукција на една обезличена „модерна“ поезија. Зар отсуството на творечкиот момент во препевот на таа поезија не укажува дека тој творечки момент не постои ни кај нејзините автори. Барем не кај мнозинството подражатели на таканаречената „модерна“ поезија, зашто да речеме песните на еден Превер за да станат сопственост на друг јазик, од препевувачот бараат творечки предиспозиции и исто таков творечки напор како и во препевот на класичната поезија, ако тој навистина се стреми да ги пренесе идеите и чувствата на авторот. И дали препевот на нашата „модерна“ поезија што се сведува на чисто јазично-техничко пренесување на стихот може да се смета како квалитет кој го овозможува полесното усвојување на поезијата во други јазични подрачја? Дали, кога и прозата, вклучувајќи ја дури и популарно-забавната литература, е непреводлива без одреден творечки однос?

Aco Šopov glaven portret 4

Текстот е објавен во Хоризонт, II, бр. 8, 31.3.1957, стр. 1. Тој се вбројува во јавната полемика помеѓу таканаречените реалисти и таканаречените модернисти, која се распламтува по објавувањето на Стихови за маката и радоста, збирка на Ацо Шопов објавена во 1952 година.

Тематски сродни текстови

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов