Ацо Шопов: Поезијата, сублимиран израз на револуцијата

Силата на поетското е токму во идентификацијата со револуционерното, во разгранувањето на непознати и неслутени револуционерни бранувања и текови, како што и револуционерното отвора нови поетски хоризонти, нови патишта на поетски авантури и остварувања. Интервју по повод објавувањето на Одбраните дела на Шопов.

И Револуцијата и поезијата, во своите подлабоки суштини, се творечки чинови што ги осмислуваат човековите пулсирања и бдеења во опстојувањата на човекот и во континуираните текови на времето. Колку и како, според Вашето мислење, таа блискост на подлабоките суштини на Револуцијата и поезијата, ако може така да се рече, ги поистоветува напорите и целите на револуционерните и поетските чекорења кон трајните значења на создавањето на секојдневното живеење, и како тие цели и напори во една поширока смисла се изедначуваат како универзални вредности?

Вашето прашање отвора една широка и неисцрпна тема: Револуцијата и поезијата. И едната и другата, како што велите, се творечки чинови со свои специфичности, свои посебности, свои особености, но творечки чинови со една заедничка цел: ослободување на човекот од сите натрупани заблуди во минатото, свесно негувани и создавани навики и верувања од владеачките класи дека луѓето се делат на надарени, способни за најсуптилни духовни активности, и на простосмртни, кои не се надарени за ништо друго освен да му робуваат на физичкиот труд. Меѓутоа, нашата Револуција се стреми, а тоа веќе и на дело го покажува, кон потполно ослободување на трудот и израснување на човекот во свесен и слободен самоуправувач на сите свои физички и духовни богатства и максимално користење на материјалните и духовните потенцијали и можности за доброто на сите, на сета наша заедница, а тоа значи – за свое сопствено добро. Нашата напредна поетска мисла отсекогаш била опседната од истата идеја и со својот специфичен поет ски јазик придонесувала Револуцијата побргу, поефиксано и побезболно да ги остварува овие свои историски идеали.

Нашата Револуција, по своите најдлабоки интенции, по сè она што секојдневно се случува во нашиот живот, по сите промени иницирани од човекот во име и во корист на човекот, е највозвишена поезија на нашето секојдневие. А поезијата, како нејзин сублимиран израз, ги впива во себе сите нејзини безпределни и несогледливи бранувања и на извесен начин се поистоветува со неа. Револуцијата е поезија. Поезијата е Револуција.

 

Мислам дека, сепак, Револуцијата и поезијата имаат свои спцифичности манифестирани, на пример, како интимни лирски шепоти и емотивни револти и пораки, или како борбени јуриши и повици и напори во социјалистичката изградба. Кои се тие специфичности, што, така да се рече, сепак се сливаат во жуборливите неповратни текови кон слободата и достоинството на човекот и кон ослободувањето на неговиот труд, односно кон иднината чиишто врутоци ги ослушнуваме и препознаваме во подалечното и особено во поблиското минато?

Секако, Револуцијата и поезијата имаат многу свои специфичности. Јазикот на Револуцијата и јазикот на поезијата, пред сè, во многу нешто се разликуваат. Револуцијата тече пред сите нас, во фабриките и претпријатијата, на работничките совети за унапредување и модернизирање на производството, на младинските работни акции, на собранијата со донесување на разни одлуки и акти за усовршување на стопанскиот и општествениот систем итн.

Основно оружје на поезијата е зборот. Најважно прашање при тоа е да се пронајде соодветен збор и да се стави на најадекватно место. Творечкиот чин на Револуцијата се состои во изнаоѓање на соодветни потези, мерки, предлози, и промени кои претставуваат најреволуционерен потег во дадената општествено-политичка ситуација, а на поезијата, во изнаоѓање на зборот и неговата употреба во сколопот со другите зборови кои, сите заедно, изразуваат една идеја. Оваа вечна потрага по зборот е императив на животот, на Револуцијата и ќе трае сè додека постои животот.

Еден јуриш на младинска бригада за изградба на некој пат или пруга може поетски да биде изразен како нежен лирски шепот, како што во НОБ борбеното расположение можеше да биде изразено како интимно поетско доживување. Колективниот занес или херојски подвиг може да се изрази како индивидуален занес, како индивидуален херојски подвиг, но во тој индивидуален херојски подвиг можат сите да се препознаат и да се идентифицираат со него. Силата на поетското е токму во идентификацијата со револуционерното, во разгранувањето на непознати и неслутени револуционерни бранувања и текови, како што и револуционерното отвора нови поетски хоризонти, нови патишта на поетски авантури и остварувања.

А сето тоа не е самото на себеси цел, туку се слева како огромна река во чии сегашни текови се наѕираат контурите на иднината на човекот како огромно поле за слободно манифестирање на сите негови духовни способности во еден постојан натпревар со себеси и со другите за посигурно и побрзо чекорење напред и пак напред.

Во минатото се насетува и препознава иднината, а иднината фрла јарка светлина и го доближува минатото како своја втора и продуховена сегашност.

И поезијата познава многу слични процеси. Ги обновува минатите поетски искуства, не да го воскресне минатото на поезијата, туку да ја објасни и да нѐ доближи до нејзината поетска сегашност. Колку и да е нова и „неповрзлива“ со поетското минато! Минато – сегашност, тоа е еден континуиран процес што се остварува низ дисконтинуитетот. Во поезијата исто како и во животот.

 

Нашата социјалистичка Револуција продолжува и натаму остварувајќи нови и сè посуштински непосредни и историски вредности. Каква улога и какво место во сегашните револуционерни текови во нашето општество имаат поетите и воопшто писателите?

Никогаш одговорноста пред поетскиот, пред напишаниот збор не била поголема одошто денес. Нашата социјалистичка Револуција доживува полна ренесанса, полн расцут и разгор во сите сфери и области. Нашиот ôд станува поисправен, посигурен, поцврст и попривлечен пример за голем дел од човештвото. Оттука и одговорноста на поетите не се исцрпува само со будноста и со бдеењето над правилниот развој на нашиот самоуправен социјалистички систем туку и над угледот на нашата татковина, која со својата неврзана политика, политика на мир и равноправност меѓу народите, сè повеќе ги ужива симпатиите на слободољубивото човештво.

Поради сево ова, одговорноста на поетот денес е многу покомплексна, поразновидна, подалекусежна од кога и да било порано, а неговата улога и место во нашето социјалистичко општество и неговата меѓународна политика ги бара сите квалитети на еден сестрано развиен човек. Денес не е достатно да се биде само добар поет, туку и добар општествено-политички работник, добар борец и одличен познавач на законитостите на развитокот на современото општество.

 

И, на крајот, кои се патиштата за уште понепосредно заемно комуницирање меѓу литературните остварувања на југословенските народи и народности обединети во Револуцијата, и какви се можностите за афирмација и интегрирање на тие остварувања во ризницата на светската литература?

Нашите народи и народности го создадоа својот заеднички живот во Револуцијата. Врз таа заедничка основа, Револуцијата, никна и се изградува сега нивниот целокупен живот, нивните стремежи и настојувања да ја создадат својата иднина како монолитно здание на сродни и равноправни народи во кое нивната индивидуалност ќе дојде до полн израз, а со тоа ќе го збогати и интернационализмот со нови квалитети, сфаќања и димензии. Инспирирани од таа основа, нивните литератури доживуваат невиден развој и растеж.

Револуционерниот дух на нашиот социјалистички растеж ги открива и насочува патиштата на нивното меѓусебно комуницирање. Тие патишта се неброени и несогледливи како што е неизмерлив и несогледлив духот што ги инспирира нивните литератури.

Но, парадоксално е, за жал, што во практика не се искористени тие можности. Инерцијата и застарените сфаќања како да се главна пречка за нивното меѓусебно запознавање, зближување и интегрирање во ризницата на југословенската култура. Кај одредени народи постојат во минатото литературни величини кои поради тоа не ги преминале тесните граници на својата република. А и со современите текстови работите не стојат многу подобро. Недозволено и незамисливо е веќе да се знае повеќе за некоја странска литература од литературата на еден југословенски народ или народност.

И афирмацијата во светот на југословенските литературни достигнувања е на добар пат. Литературните манифестации какви што се во Струга, Титов Велес, Белград, Загреб, Сараево и во други места сè повеќе го привлекуваат вниманието на светската јавност и стануваат огништа за пробив на југословенската поетска и писателска мисла во светот и за нејзиното интегрирање во ризницата на светските литератури.

Но и на овој план постојат многу рецидиви од минатото. Еден од најсериозните проблеми е комплексот на грандоманија. Ослободувањето од овој комплекс ќе придонесе за воспоставување на една постабилна и поправилна рамнотежа на односот: ние во светот и светот во нас.

Интервју со Ацо Шопов објавено во Комунист, рубрика „Средби“, 5.6.1976, стр. 19. Името на новинарот не фигурира во весникот. Автографот со одговорите се наоѓа во Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ73.

Вовед во објавеното интервју:
Во издание на скопската издавачка куќа „Мисла“ неодамна излезе од печат петтомниот избор од творештвото на академикот Ацо Шопов, кој во македонската литература зачекори во деновите на Народноослободителната борба и кој веќе три децении им останува доследен на Револуцијата и творештвото, потврдувајќи ја постојано својата достоинственост на човек-револуционер и човек-уметник. Излегувањето од печат на петтомното издание од творештвото на Шопов е уште еден траен прилог во одбележувањето на триесетгодишнината на неговата револуционерна и творечка работа, но и уште еден повод за разговор со овој истакнат македонски револуционер и поет, кој значаен дел од своите творечки можности ѝ посвети и на преведувачката дејност за да им доближи на македонските читатели одделни остварувања од литературите пишувани на други јазици.

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов