Победата ќе ја однесат оние што ќе докажат дека се вистинските носители на новото

Што е ново? И кои се вистинските носители на новото? Зад новото често се крие подгреаното а неговите носители вршат фронталан напад скоро на сите наши уметнички достигнувања и негираат сè и секого, освен себе.

Покрај многуте значајни објави, како што се: изложби на ликовни уметници, премиера на операта „Риголето“, првиот македонски роман Селото зад седум јасени од С. Јаневски итн., деновиве во културниот живот на Скопје еден проблем заслужува посебно внимание. За него веќе подолго време се дискутира во јавноста и во приватните кругови, тој е предмет на разговори меѓу писателите, ликовните и театарски уметници, како и многу други јавни и културни работници. Тоа е проблемот на определувањето на битните елементи на уметничкиот критериум, или со други зборови, проблемот на утврдувањето на естетската вредност на уметничкото дело.

Се работи за следново: многу сфаќања и многу уметнички „принципи“ пренесени повеќе или помалку механички и применети a priori од советската псевдо-естетика, како и многу удебувања кои се развија врз база недоволното уметничко и животно искуство доживеаја очигледен слом, бидејќи самата животна пракса ги демантираше и ја разголи [...]* сета нивна бесмисленост, неодрживост и лага. Со тоа, може да се рече, заврши етапата на заблудите и на оној вид сликање на нашата стварност кога за многу луѓе еден од најважните елементи на утврдувањето на вредноста на уметничкото дело беше знаменцето што дозволува премин кон сликата која прикажува градилиште или петокрака на капата на бригадирот или со сончеви зраци огреани полиња и селска задругарска идила… на хартијата на нашиот поет или прозаист.

Се отвори етапа на барање на нов израз со кој уметнички ќе се обележи духот на нашето време, на длабочината и сложеноста на нашите општествени случувања, психолошките расположенија на нашиот човек. Така изникнаа многубројни теории за новото, чии автори, со жар и искрена увереност, настојуваат да се изборат за нивното место под сонцето. Но, неретко се случува ова „ново“ да е всушност ехо на далечното минато или уште одамна едвај да преживува во уметностите на другите народи, па сега се „открива“ и препорачува како единствен развојен пат на нашиот уметнички живот и врши негативно влијание врз дел од писателите-почетници и младите уметници.

Носителите на овие теории вршат фронтален напад на речиси сите наши уметнички достигнувања и негираат сè и секого, освен самите себе. Ако го „откријат“ Бодлер во издание на загрепската „Зора“¹ или посетат некои странски уметнички галерии, тие воодушевено кликаат и ги прифаќаат странски автори како модели на нашиот уметнички развој [нечитливо] нивните стихови трпат влијание од Пушкин или Есенин, но нивните уметнички реализации не ги надминуваат рамките на натуралистичкото сликање. За овие уметници карактеристичен е расчекорот меѓу делото и зборовите, нивните со ништо потврдени теории висат во воздух. Покрај тоа, тие го манифестираат своето неприкосновено право на последна оцена и крајна пресуда. По нивното верување, никој друг освен нив не може да ја одреди вистинската вредност на некоја театарска претстава или уметничка слика. Оваа монополистичка тенденција најчесто го изразува стравот од критиката, стравот од борбата на мненија.

Сепак, добар дел од уметниците тргнаа по патот на сопствениот израз. Талкањата не се исклучени. Ги има и сигурно ќе ги има и понатаму. Но, едно е очигледно: борбата се засилува, перспективите стануваат појасни, целите – поблиски. Победата ќе ја извојуваат оние кои не само на зборови, туку пред сè и во прв ред на дело ќе покажат дека се вистинските носители на новото.

Aco Šopov glaven portret 4

Превод на автограф на српскохрватски од Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ68. Објавениот напис не е пронајден, но датирањето лесно се утврдува според содржината на тексот кој го спомнува неодамнешното објавување на Село зад седумте јасени од Славко Јаневски.

Превод: Јасмина Шопова

1) Во 1952 год., загрепската „Зора“ ја објавува книгата Цветови на злото, во препев на Анте Јуревиќ и други.

Неколку тематски сродни текстови

  • Средби и поезија
  • По трагите на една конфузија
  • За пресвртница
  • Дискусија на тема „Дилемите на писателот пред социјалистичката стварност”
  • Општествената смисла и слободата на уметничкото творештво на кантар
  • Издавачката дејност од еден друг агол

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов